Граѓанските организации ги презентираа наодите за состојбата со човековите права и владеење на правото во државата за време на претседавањето со ОБСЕ
септември 15, 2023
На 14 септември се одржа втората презентација на клучните наоди од Извештајот за самоевалуација на човековата димензија во Северна Македонија, во контекст на претседавањето на земјата со ОБСЕ. Во воведното обраќање, Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, истакна дека Хелсиншкиот комитет ја прифатил иницијативата на Граѓанската платформа „Solidarity platform“, мрежа на организации која всушност го претставува гласот на граѓанскиот сектор во рамките ОБСЕ и која е здружена со цел да влијае на своите влади директно преку ОБСЕ на политиките, вредностите и целите во врска со човековите права,
На извештајот за состојбата со човековите права освен Хелсиншкиот комитет, работат и Македонското здружение на млади правници и Институтот за европска политика.
На првичната презентација на извештајот на конференцијата во Лоѓ, Полска, во кој беа опфатени областите што се од стратешки интерес на ОБСЕ, а граѓанскиот сектор е дел од хуманата димензија за која се залага секој претседавач на ОБСЕ, освен претседавачот Бујар Османи, присуствуваа и претставниците на граѓанската солидарна платформа од регионот на земјите на ОБСЕ.
„Во рамките на проектот е предвидено освен што ќе направиме осврт на областите во кои работиме во нашите организации, тоа и да го споделиме со поширокиот граѓански сектор за да добиемие препораки и сугестии, да се надогради тој материјал затоа што транспарентноста е многу важна бидејќи граѓанскиот сектор во целина треба да учествува во овој процес. Имаше многу најави за различни активности во кои ќе учествува граѓанскиот сектор, но тие не беа остварени“, истакна Пировска.
Се работи за подготвителна средба на граѓанскиот сектор пред завршната конференцијата која ќе се одржува паралелно со министерскиот состанок на кој ќе учествуваат поранешниот, сегашшниот и идниот преседавач на ОБСЕ.
Наташа Бошкова, која го уредува Извештајот, рече дека се работи за обемен материјал со голем број квалитетни податоци што даваат одличен пресек на ситуацијата со човековите права и владеењето на правото.
„Извештајот е составен од шест различни поглавја: изборна реформа, состојбата со малцинства, толеранција и нетолеранција, каде што се опфатени говорот на омраза, насилство од омраза, слобода на изразување и слобода на здружување и трговија со луѓе и родова еднаквост и во овие шест области направене пресек на моменталната состојба: кои се законските одредби, меѓународните стандарди и каде се празнините на неусогласеност на националното законодавство со меѓународните документи, даден е осврт на согледувањата на меѓународните организации на состојбите и во посебен дел се разработени насоките во кои се движат работите во смисла на нови законски измени, актуелни политички случувања, кои што влијаат во конкретната област и секој врз основа на својата експертиза и искуство дава критички осврт и препораки како да се надминат недостатоците.
Она што треба да се потенцира е дека колегите во секоја област имаат осврт на маргинализираните заедници, бидејќи некогаш работите можеби функционираат за општата популација, но ако се загребе под површината ќе се види дали сите сме во состојба да ги уживаме правата што ги имаме. Ова е одличен документ кој во иднина ќе помогне во застапувањето во областите што се опфатени“, рече Бошкова.
Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници ги претстави наодите од областа на слободата на изразување и слободата на здружување. Ирена Здравкова од истото здружение презентираше резултати од истражувањата во областа на заштитата на жртвите на трговијата со луѓе. Ардита Абази Имери од Институтот за европска политика опфати две поглавја од извештајот – политичкиот систем и состојбата со правата на националните малцинства. Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет говореше за појавите на нетолеранција и говорот на омраза, а Наташа Петковска зборуваше за делата од омраза и трендот на зголемување на злосторствата од омраза. Во поглавјето за родовата еднаквост се задржа на родовата дискриминација и родово базираното насилство.