Говор на омраза во основното училиште Ѓорѓи Сугарев во Битола
јануари 21, 2017
Неформална група граѓани – претставници на ромската заедница од општина Битола, како и здруженијата на граѓани кои работат на застапување на правата на Ромите, ја искажуваат својата сериозна загриженост за нацртаните кукасти крстови и испишаните графити “Смрт за Ѓупци” и “Умрете Ѓупци” на ѕидовите на ОУ “Ѓорѓи Сугарев” – Битола.
Имено, графитите биле забележани на ден 19.01.2017 година и истите упатуваат повик за насилство кон ромската етничка заедница односно претставуваат говор на омраза, а што е кривично дело согласно Кривичниот закон на Република Македонија.
Ваквите графити испишани на ѕидовите на основното училиште се особено загрижувачки доколку се земе предвид фактот што во ова училиште најголем број од учениците се од ромската етничка заедница (околу 80%) кои веќе во понеделник (23.01.2017) ќе започнат со посета на настава и ќе се соочат со овие пораки.
Поради тоа, апелираме до основното училиште Ѓорѓи Сугарев од Битола веднаш да почне со отстранување на споменатите графити од ѕидовите на училиштето. Паралелно, во интерес на потребата од превенција на идни вакви ситуации, бараме да се зајакне надзорот околу училиштето што истовремено ќе овозможи заштита на сигурноста на децата кои го посетуваат ова училиште и идентификување на сторителите на вакви или слични дејствија.
Засегнатите лица и здруженијата на граѓани за овој настан ќе поднесат и кривична пријава. Воедно, ги повикуваме надлежните државни институции, Министерството за внатрешни работи и јавното обвинителство, да преземат итни и неодложни мерки за гонење на говорот на омраза, бидејќи неказнивоста на ширењето и промовирањето на говор на омраза во јавниот простор претставува толеранција и оправдување на говорот на омраза, што може да резултира со дела од омраза.
Со испишувањето на текстот сторителот на делото ги исполнил обележјата на кривичните дела“Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа” од член 319 од Кривичниот законик на РМ,“Расна и друга дискриминација” од член 417 од Кривичниот законик на РМ, како и “Загорозување на сигурноста” од член 144 од Кривичниот законик на РМ.
Сторителот на кривичното дело покрај тоа што причинува повреди на достоинството на Ромите, посакување за нивно исчезнување и непостоење како заедница, ја загрозува и сигурноста на поголем број лица, и прави обид за разгорување на насилство помеѓу заедниците во општеството. Сторителот со ваквите пораки причинил емоционална и психолошка болка на припадниците на ромската заедница, што има штетно влијание на квалитетот на животот на заедниците во Република Македонија.
Нашиот интерес е да градиме соживот и меѓусебно почитување без разлика на етничката или религиозна припадност, а за секое спротивно однесување или постапување од било кое лице, бараме да се сноси одговорност согласно законските норми.