Европски ден на правдата
Европскиот ден на правдата се одбележува на 25 октомври, со цел да го приближи пристапот до правда на граѓаните, да ги информира за нивните права и да ја промовира работата на Советот на Европа и Европската комисија на ова поле.
Пристапот до правда не е само основно човеково право. Тој е истовремено и суштествен предуслов за заштита и унапредување на сите останати граѓански, културни, економски, политички и социјални права. Токму затоа, во темелите на постоењето на Хелсиншкиот комитет за човекови права е обезбедувањето бесплатна правна помош на ранливи и маргинализирани групи и граѓани во социјален ризик.
Хелсиншкиот комитет дејствува во насока на правно зајакнување и правна поддршка на граѓаните уште од неговото основање во 1994 година. Сепак, обврската за ефикасен и ефективен пристап до правда примарно се наоѓа кај државата. Република Северна Македонија има обврска да им обезбеди на сите граѓани непречен и еднаков пристап до соодветни, независни и непристрасни судски и вонсудски механизми.
Имајќи предвид дека според последните податоци од 2018 година,[1] стапката на сиромашни лица во земјава изнесувала 21,9 отсто, односно дека секое петто лице живее во услови под прагот на сиромаштијата, oбезбедувањето пристап до правда за сиромашните останува главен предизвик за нашето општество. Тоа особено се однесува на воспоставувањето на инклузивен правосуден систем, кој ја зема предвид нерамнотежата меѓу приходите и моќта, што значи, функционални судски и вонсудски механизми и закони, кои ќе одразуваат сечии интереси и потреби, а пред сѐ на граѓаните во социјален ризик. Државата има обврска да ги преземе сите неопходни мерки за да обезбеди дека на лицата кои живеат во сиромаштија не им е ограничено уживањето на нивните права, како резултат на непремостливи пречки во системскиот пристап до правда. Во таа линија, подобрениот текст на Законот за бесплатна правна помош од 2019 година вклучува поширок опсег на граѓани, кои ги исполнуваат условите за добивање бесплатна правна помош. Затоа Комитетот ќе продолжи континуирано да го мониторира процесот на примената на новиот Закон и на системот за бесплатна правна помош во целина.
Пристап до правда во време на пандемија
За целото времетраење на пандемијата со коронавирусот, Хелсиншкиот комитет овозможува непречено одвивање на оваа услуга за граѓаните преку телефон и електронска пошта, оставајќи можност и за директни средби во итни случаи. Од почетокот на кризата, околу 500 граѓани добија правна помош од Хелсиншкиот комитет за прашања од областа на работни односи и пристап до вработување, семејно и родово базирано насилство, семејни односи, социјална заштита, дискриминација и говор на омраза и дела од омраза.[2]
Комитетот објави и посебен извештај за состојбата со човековите права од почетокот на кризата, врз основа на податоците од секојдневната комуникација со граѓани кои се обраќаат за правна помош, на анализата на ефектите од донесените владини уредби во овој кризен период, како и на редовното набљудување на состојбата во поединечни области.
FRA бара правда за жртвите: онлајн и офлајн
Пандемијата и рестриктивните мерки неминовно доведоа до ограничување на правата и сериозни економски последици, но и до зголемена опасност во дигиталниот свет. Токму затоа, Агенцијата за фундаментални права по повод Европскиот ден на правдата ги повика ЕУ и земјите-членки да ја зајакнат заштитата на жртвите преку интернет. „Соочени со COVID-19, луѓето сè повеќе го поминуваат своето време во дигиталниот свет. Kако и во реалниот свет и тука се закануваат опасности. Многумина стануваат жртви на измамници и на говор на омраза онлајн. Говорот на омраза преку интернет е сè поголем проблем, како што постојано покажуваат истражувањата на Агенцијата. Честопати се случува жртвите да наидат на расистичка, сексистичка и хомофобична содржина, а од друга страна сторителите да ја споделуваат својата омраза неказнето.“
Покрај говорот на омраза, Агенцијата ги поткрепува своите барања до ЕУ членките со податоците дека една од пет жени биле жртви на вознемирување на интернет,еден од двајца Европејци се загрижени поради злоупотреба на нивните податоци, a многу деца се исто така жртви на малтретирање во дигиталната сфера,.
Заклучокот на Агенцијата за фундаментални права е дека „бидејќи луѓето сè повеќе го живеат својот живот на Интернет, пристапот до правдата треба да држи чекор, за да им понуди на жртвите иста заштита како што очекуваат офлајн.“. Во тој аспект, на одбележувањето на европскиот ден на правдата, апелираме за воспоставување и зајакнување на механизмите за заштита на човековите права онлајн.
[1] Државен завод за статистика, Лаекенски индикатори за сиромаштијата во 2018 година – дефинитивни податоци, 23.12.2019 година [целото соопштение е достапно на: http://www.stat.gov.mk/pdf/2019/4.1.19.116_mk.pdf].
[2] Податоците се однесуваат на периодот од почеток на пандемијата во месец март до датумот на објавување на ова соопштение.