Една декада поддршка за ЛГБТИ заедницата

октомври 21, 2022

Во социјалниот центар „Комитет“ започна одбележувањето на 10-годишнината од отворањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Како подружница на Хелсиншкиот комитет за човекови права, изминатата деценија нашиот Центар стана препознатливо безбедно место за ЛГБТИ луѓето во земјава, кое овозможува правна и психосоцијална поддршка и нуди засолниште за жртвите на семејно насилство и под ризик од бездомништво. Центарот за поддршка континуирано работи на застапување за подобрување на правниот и социјалниот статус на лицата со различна сексуална ориентација и родов идентитет во нашето општество. Во борбата за справување со маргинализираниот и дискриминирачки третман, во текот на сите овие години организиравме и бројни настани и активности од културно-уметнички карактер, наменети да ја зајакнат видливоста и отпорноста на заедницата. Со оглед дека уште на првиот ден по отворањето на Центарот се соочивме со низа брутални и сѐ уште неразрешени напади, горди сме за сѐ што сме постигнале досега и подготвени за борбите кои следат понатаму.

Во своето обраќање на овој настан, претседателката на Управниот одбор на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Неда Здравева, истакна: „ЛГБТИ центарот за поддршка е тука и ќе биде тука за сите момци и девојки, жени и мажи и трансродови лица на кои им е потребна заштита од насилството со кое се соочуваат, помош во заштитата и остварувањето на нивните права и поддршка во реализацијата на севкупните потенцијали на тој единствениот живот кој им е за живеење. Хелсиншкиот комитет ќе продолжи секогаш кога ќе идентификува дека на одредена заедница и е потребна поддршка преку своите програми да делува во унапредување на состојбата.“

Потсетувајќи на серијата напади врз ЛГБТИ Центарот, од кој првиот се случи веднаш по самото отворање на објектот во Старата чаршија, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, посочи дека иако денес безбедноста е подобрена, сепак останува дамката на нерешените случаи на нападите. ,,Сѐ уште не постои доверба во институциите од страна на заедницата, што навистина ја поткопува нашата работа и заложба. Ние одржавме три успешни паради, полицијата покажа висока професионалност, но останува да виси сеќавањето на траумата и чувството дека може повторно да се случи’’ истакна Пировска, додавајќи дека основната причина поради која сѐ уште се соочуваме со напади врз припаднници на ЛГБТИ заедницата е несправувањето со говорот на омраза.

Програмскиот директор на Центарот, Кочо Андоновски, упати благодарност до фондот Сигрид Раусинг, чија поддршка беше клучна за работата во изминатава деценија. Тој се осврна и на значењето на формирањето на Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија и на Инетрпартиската парламентарна група за ЛГБТИ. Андоновски истакна дека во рамки на ЛГБТИ Центарот функционира и Сигурна куќа, шелтерот за жртви на семејно насилство кои се во ризик од бездомништво, а најновиот предизвик во функционирањето е обидот за постигнување самоодржливост преку социјалниот центар Комитет.

„Траумите ќе ни останат нам, но она што денес е различно е што имаме нова генерација што растела во сосема други услови и ќе има сосема друга иднина и други спомени од својата младост кога се реализира себеси. И тоа е можеби најважното.“- заклучи Koчо Андоновски.