Државата го прекршува правото на слобода на движење – граѓаните трпат ненадоместливи штети

февруари 8, 2024

До 12 февруари граѓаните треба да ги заменат личните документи поради промена на името на државата Република Северна Македонија. Станува збор за обврска преземена со Договорот од Преспа, според која државата имаше рок од пет години за замена на документите.

Огромен број граѓани не успеаја да извадат нови патни исправи до овој датум, а со стари патни исправи ќе останат и бројни македонски државјани коишто се во странство и нема да можат да се вратат дома.

Едните се заробени во сопствената држава, а другите нема да можат да се вратат.  Ваквата неорганизираност влијае на илјадници наши сограѓани и доведува до елементарно прекршување на правата на граѓаните кои од различни причини имаат потреба да излезат од границите на државата. Постапките за вадење на лични документи во овој момент се долги, хаотични и освен повреда на достоинството предизвикуваат реална штета од материјална и од нематеријална природа.

Поради тоа Хелсиншкиот комитет смета дека институциите на државата се однесуваат крајно понижувачки кон своите граѓани и тоа не само заради целиот хаос околу вадењето на документите, туку и во однос на прекршувањето на уставните права на граѓаните.  Власта ќе оневозможи дел од граѓаните да ја напуштаат и да се враќаат во државата со што очигледно ќе го прекршат нивното уставно право на слобода на движење (Член 27 став 2 Устав на РСМ), бидејќи државата реално не може да се повика на ниту една од уставно дозволените основи за ограничување на ова право. (Член 27 став 3 Устав на РСМ – заштита на безбедноста, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето) Воедно, слободата на движење се гарантира и со сите меѓународни документи и акти за човековите права.

Како резултат на оваа ситуација, околу еден милион граѓани нема да можат да го уживаат своето уставно и основно човеково право на слободно движење.

Ова основно човеково право кое значи слободно излегување и влегување во земјата е ограничено поради технички причини кои не се обезбедени од страна на државата и надлежните инстутуции.

Лицемерието на државниот систем беше очигледен во изминатите години кога само поради партиски или политички интереси се наоѓаа решенија за прашања кои значат масовно прекршување на човековите права.

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира на кршењето на основните човекови права и бара надлежните институции во најбрз можен рок да изнајдат соодветни решенија и да ја амортизиираат штетата што им ја предизвикуваат на граѓаните.

Бараме Министерство за внатрешни работи веднаш за ја реорганизира свјата работа и да обезбеди услови за вадење на биометриски патни исправи, лични карти во разумен рок.

 

Фото: Призма

2