јули 26, 2017

Дискриминација од страна на Олимпискиот базен Центар

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира и го осудува дискриминирачкиот однос на Олимпискиот базен Центар кон лицата со инвалидски колички. Изминативе денови јавноста преку социјалните мрежи беше запознаена со случај во кој мајка на дете во инвалидска количка направи безуспешен обид да оствари влез во Олимпискиот базен во Скопје. Родителката се јавила телефонски за да се распраша околу термините за пливање, гужвата, пристапноста до соблекувалните и базенот, како и за тоа дали има лице вработено во базенот кое би и помогнало околу поткревањето на инвалидската количка. Одговорот од вработената на базенот бил дека за жал за лицата со хендикеп не е дозволен влез во базенот. Дополнително вработената ја информирала дека базенот за жал нема обезбедено посебен влез за лица со хендикеп и дека од хигиенски и безбедносни причини движење со количка низ просториите на базенот не е дозволено. Родителката била упатена да провери по другите базени, по што разговорот бил завршен.

По бурните реакции од страна на јавноста, за овој случај со своја изјава излезе директорот на базенот, кој наведе дека никој никому не му забранил да дојде на базенот и дека проблемот не е во пристапот до базенот туку во технолошкото користење на базенската вода. Според директорот кога ќе дошло инвалидизирано лице со количка, истото треба да влезе во соблекувална и да помине низ дезо – бариера пред да влезе во базен, кои очигледно не се приспособени за лица во инвалидски колички. За директорот нејасно е и како тоа лице ќе влезе во вода, бидејќи базенот немал посебни лифтови за спуштање во вода и според него во овој случај не се работи за скратувањена нечие право. Уште поголем проблем за директорот е тоа што немаат ниту технички, ниту финансиски можности да гарантираат безбедност на лице во инвалидска количка кога во базенот има стотина лица.

Согласно Конвенцијата за правата на лицата со попреченост[1], која е ратификувана од страна на Република Македонија на 05.12.2011 година, во која има посебен дел за пристапноста, државите членки се обврзуваат да преземат соодветни мерки за обезбедување на приватните ентитети кои нудат капацитети и сервисни служби кои се отворени или обезбедени за јавноста, да ги земаат предвид сите аспекти на пристапност на лицата со попреченост. Понатаму со Конвенцијата државите членки се обврзуваат да ги преземат сите соодветни мерки за овозможување на лицата со попреченост да учествуваат на еднаква основа со другите во рекреативни, слободни и спортски активности и се обврзуваат за таа цел да им обезбедат непречен пристап до спортски, рекреативни и туристички објекти.

Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, за дискриминација на лицата со ментална и физичка попреченост се смета и тогаш кога нема да се преземат мерки за отстранување на ограничувањата, односно прилагодување на инфраструктурата и просторот, користење на јавно достапни ресурси, или учество во јавниот и општествениот живот.

Од горенаведените причини неосновани се оправдувањата на сопственикот на базенот дека од технички и финансиски причини не може да се овозможи пристап за лицата со попреченост. Уште повеќе нејасно е како овој спортски објект добил дозвола за работа и покрај неисполнувањето на условите за пристапност согласно законската регулатива. Напоменуваме дека се работи за спортски објект кој дава јавни услуги и кој има законски обврска за исполнување на норми и стандарди без разлика на тоа дали е во јавна или приватна сопственост. Сакаме и да истакнеме дека најголемиот дел од објектите во државата се непристапни за лица со попреченост, поради што овие лица се оневозможени да ги остварат своите права и активно да учествуваат во општествениот и културниот живот.

Хелсиншкиот комитет за човекови права обезбедува правна помош и поддршка за овој случај и ќе ги преземе сите мерки во насока на заштита на дискриминираните лица и продолжување на борбата за овозможување на целосна пристапност за лицата со попреченост во сите објекти.

Лице за контакт: Неда Чаловска Димовска

Kонтак телефон: +389 77 699 411


[1] http://www.healthrights.mk/pdf