Ден на човековите права: Слобода, еднаквост и правда за сите
Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, е глобално одбележување посветено на основните права и слободи, кои им припаѓаат на сите поединци, без разлика на нивната националност, пол род, раса, религија или потекло. Овој ден е и потсетник за важноста на почитувањето на човековите права и решавањето на прашањата поврзани со социјалната правда и еднаквост.
Годинава, 10 декември се одбележува под мотото: „Слобода, еднаквост и правда за сите“.
На денешен ден се одбележува 75-годишнината од едно од најреволуционерните глобални ветувања во светот: Универзалната декларација за човековите права. Овој значаен документ ги зацврстува неотуѓивите права што ги има секој како човечко суштество – без разлика на раса, боја на кожа, религија, пол, јазик, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, имот, раѓање или друг статус.
Цели 75 години, основно начело на Декларацијата беше општествата да ги вградат начелата на еднаквост, основни слободи и правда. Таа и е глобален план на меѓународните, националните и локалните закони и политики и основа на Агендата за одржлив развој, 2030 година.
Сепак, повеќе од седум децениии подоцна, идеалот за еднаквоста и човековите права сѐ уште е недостижен. Светот живее во ситуација на војни и криза, во кои страдаат најранливите. Маргинализираните и сиромашните најсилно ги чувствуваат ефектите од кризата поради дискриминацијата на која се изложени.
Во нашето општество и понатаму највидлива е структурната дискриминација во односот кон Ромите, луѓето со попреченост, сексуалните и родовите малцинства, жените, лицата во затворени институции. Постои длабок родов јаз на пазарот на трудот. Жените се’ повеќе се подложени на насилство и во физичкиот простор и на интернет. Дискриминаторските практики во државава се препознаваат во несоодветното постапување на надлежните институции кога станува збор за говорот на омраза, непрепознавањето на фемицидите и кривичните дела од омраза кон маргинализираните заедници. Насилството во која било форма не смее да се толерира и да поминува несанкционирано од надлежните државни органи, затоа што тоа ги уништува шансите за каква било еднаквост.
Во моментов, во регионот и во нашата држава сведочиме на зајакнување на антиродовите движења и политичката нестабилност. Овие две појави ги разоруваат темелите на човековите права: антиродовото движење активно се залага против одредени принципи на човековите права, а политичката нестабилност ги пренасочува ресурсите, вниманието и средствата кон други „приоритетни“ прашања.
Почитувањето на човековите права и слободи не може да постои без квалитетни и сеопфатни реформи во судството и правосудниот систем. Во таа насока, нужно е воспоставување на независно, непристрасно и непартизирано судство за да може да се гарантира соодветна заштита на човековите права утврдени со Уставот, меѓународните ратификувани документи и домашните закони.