Да се почитува концептот „најдобар интерес на детето“ – соопштение по повод Меѓународниот ден за заштита на правата на детето
ноември 20, 2019
Одбележувањето на меѓународните денови е добра прилика да се актуелизираат одредени теми, да се мобилизира политичка волја и да се адресираат локални, регионални и глобални проблеми од конкретни области. Впрочем, тоа е и причината зошто преку меѓународните денови, вклучително и меѓународниот ден за заштита на правата на детето, се прославуваат достигнувањата на човештвото и се посочуваат проблемите кои допрва треба да се надминат.
Светскиот ден на детето за прв пат бил прославен во 1954 година како универзален (меѓународен) ден на децата и од тогаш се слави секоја година на 20 ноември со цел да се актуелизираат и промовираат правата на децата и да се унапредува нивната благосостојба. Организацијата на Обединетите Нации (ООН) токму на тој ден, во 1959 и 1989 година, на своето генерално собрание ги усвојува Декларацијаta за правата на детето и Конвенцијата за правата на детето. Пред триесет години, светските лидери направија историски прв чекор кон заштита на правата на децата во светот со усвојување на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето. Таа стана најшироко ратификуваната спогодба за човекови права во историјата и помогна да се трансформираат животите на децата низ целиот свет. Сепак, сè уште многу деца не уживаат во своето детство и водат далеку од безгрижен живот. Обврска на нашата генерација е да бара од политичките лидери, бизнисот и заедниците да ги исполнат своите обврски и да преземат акција за правата на децата веднаш. Родителите, учителите, докторите, политичарите, граѓанското општество, старешините во заедниците, корпорациите, медиумите, како и самите млади, играат важна улога во развојот на децата и заеднички ја делат должноста да ги застапуваат, унапредуваат и прославуваат правата на децата преку дијалози и акции кои ќе ја гарантираат нивната заштита. Како општество, мораме да гарантираме дека секое дете може да ги ползува своите загарантирани права.
Оттаму важно е да потенцира обврската на државите за почитување на концептот „најдобар интерес на детето“. Општиот коментар на Комитетот за правата на детето бр.5 утврдува дека членот 3 од КПД налага активни мерки од страна на извршната, законодавната и судската власт со цел најдобрите интереси на детето да бидат примарно значајни за сите дејствија кои се однесуваат на деца. Концептот „најдобар интерес на детето“ е доста комплексен и мора да се оценува во секој индивидуален предмет. Од секој државен орган или институција се бара да го применува принципот на најдобрите интереси на детето преку систематско испитување и толкување на одредбите од Конвенцијата, како детските интереси се или би биле директно или индиректно засегнати од нивните одлуки и дејствија (во смисла предложен или постоечки закон или политика, управно дејствие или судска одлука). Општиот коментар на Комитетот за правата на детето бр.14 утврдува дека „најдобриот интерес на детето“ е трикратен концепт кој опфаќа:
- Материјално право – Правото на секое дете неговите/нејзините интереси да се оценуваат и земаат како примарно значајни кога се разгледуваат различни интереси со цел да се дојде до одлука за конкретно прашање, а гаранциите за ова право мора да се спроведуваат секогаш кога се донесува одлука за дете или деца генерално.
- Темелно, толкувачко правно начело: Ако правната одредба може да се толкува на повеќе начини, тогаш ќе се избере толкувањето кое најделотворно им служи на најдобрите интереси на детето. Правата содржани во КПД и нејзините факултативни протоколи ја обезбедуваат рамката за толкување.
- Правила на постапување: Кога и да се донесува одлука која ќе засегне конкретно дете или деца генерално, процесот на одлучување мора да вклучи оценка на можното влијание на одлуката врз детето или децата кои се засегнати.
Во текот на 2019 година Хелсиншкиот комитет регистрираше 36 случаи во кои биле засегнати најдобрите интереси на децата. Најчестите ситуации се однесуваат на неисплаќање на законската издршка на малолетните деца, регулирање на контактите и видувањата на децата со родителот со кој не живеат и определување на старателството.
Поради недостиг на јасно поставени критериуми во законодавството, принципот за најдобрите интереси на детето, надлежните институции го разработуваат преку правната пракса и теорија и тоа, посебно, во секој индивидуален случај. Оттука, апелираме до надлежните институции, чинители во процесот на заштита на правата на детето со должно внимание да испитуваат кои се неговите најдобри интереси и на кој начин најдобро да ги заштитат.