ДА БИДЕМЕ ОДГОВОРНИ И РАЦИОНАЛНИ ВО БОРБАТА СО ПАНДЕМИЈАТА
август 16, 2021
Хелсиншкиот комитет за човекови права со загриженост реагира на изјавите и пораките упатени на вчерашните протести против вакцинацијата и мерките за заштита од ширење на коронавирусот. Комитетот секогаш го поддржува правото на протест и слободно изразување на мислењето, но истовремено, секогаш треба да биде присутна свеста дека граѓаните, покрај уставно гарантираните права, имаат и уставно регулирани должности. Во таа насока, потсетуваме на членот 39 од Уставот на Р.С Македонија, според кој граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје, но и здравјето на другите. Токму затоа, забраните во случај на одбивање на вакцинацијата, во ниту еден момент не може да се подведат под сомнение дека би биле основ за дискриминација или во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права.
Пандемијата на Ковид-19 го отежна нормалното функционирање насекаде на светот, а рестриктивните мерки, кои се составен дел од справувањето со здравствената криза, го ограничи правото на движење, а задира и во други човекови права. Но, со оглед на фактот дека пандемијата може да се стави под контрола само преку висока стапка на имунизација и со почитување на здравствените протоколи, апелираме на повисока граѓанска свест и одговорност кон овие прашања. За жал, како што можевме да видиме и на вчерашните протести во неколку градови низ државата, паралелната пандемија на лажни вести и дезинформации претставува голема опасност која го минира справувањето со најголемата здравствена криза на нашето време. Апелираме до граѓаните да се информираат од релевантни извори, засновани на научни сознанија и препораки и да ги отфрлат информациите базирани на лаги и теории на заговор. Истовремено, ги повикуваме сите општествени чинители присутни во јавниот живот, да бидат свесни за потребата од одговорен и рационален пристап во борбата со пандемијата и да не ги охрабруваат ваквите наративи, кои не само што се на штета на јавното здравје, туку водат и до понатамошна општествена поларизација, што е особено опасно при криза од вакви размери.
Исто така, остро ги осудуваме навредите и омаловажувањата упатени кон лекарите и истовремено предупредуваме на опасноста од евентуални физички напади иницирани од ваквиот однос. Уште од почетокот на пандемијата, здравствените работници се на првата линија на борбата, и без оглед на личните ризици со кои се соочувааат, доследно и професионално ја извршуваат својата работа и спасуваат човечки животи.