Центар за поддршка на LGBTI заедницата во Македонија
октомври 22, 2012
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија на 18-годишнината од своето постоење, со поддршка на Холандската амбасада во Македонија на 23.10.2012 го отвори првиот Центар за поддршка на LGBTI заедницата.
Главната цел на Центарот за поддршка ќе биде застапување на LGBTI заедницата, но исто така ќе биде посветен и на организирање на групи за самопомош, а ќе понуди помош и на останати формални и неформални здруженија и организации кои работат во доменот на човековите права.
„Идејата за овој Центар почива на концептот на кој низ историјата се креирале и се креираат сите теории за човекови права – еднаквоста. Неговата улога ќе биде низ правна заштита да им обезбеди на LGBTI луѓето еднаков третман пред законот и правдата, но и преку идејна и морална поддршка да им овозможи да ја почувствуваат таа еднаквост и во себе“, изјави Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Имено, оттука произлегува и мисијата на LGBTI Центарот, која покрај зајакнување на LGBTI заедницата за самозастапување, се заснова и на промена на социјалниот и правниот статус на овие групи луѓе во општеството.
„Ова е суштински проект за LGBTI луѓето во Македонија, на кој работам неколку години и сега конечно се остварува. Последните настани со нагласена институционална хомофобија, проследена со хомофобија од некои медиуми, уште повеќе ја нагласува потребата од еден ваков Центар, а омразата која вештачки некои ја наметнуваат не може да се одржи на долг рок. Токму затоа, длабоко сум уверен во успехот на Центарот и постигнувањето на еднаквоста за сите луѓе кои живеат овде“, вели Кочо Андоновски, програмски директор на LGBTI Центарот за поддршка.
Всушност, активностите на LGBTI Центарот ќе произлегуваат од потребите на самата LGBTI заедница, како и од потребите на нивните родители, семејства и пријатели, а ќе се стреми да им ја обезбеди слободата во изразувањето на нивната различност.
„Искрено се надевам дека овој Центар ќе има влијание на општеството во целина и пронаоѓањето на изгубените вредности – хуманост, толеранција и соживот. Благодарни сме на Холандската амбасада што ја препозна ваквата потреба и ја даде својата несебична поддршка на оваа иницијатива“, потенцираше Пировска.
Холандската амбасадорка Мариет Шурман во своето обраќање го истакна својот оптимизам дека ова ќе биде уште една пресвртница во развојот на информирани, организирани и проактивни граѓани во нивната потрага за еднаков третман и еднакво прифаќање во општеството.
„Македонија се соочува со нејзините сопствени предизвици во нејзината борба за еманципација, така што отворањето на овој центар е битен чекор кон зајакнување и заштита од дискриминација на LGBTI заедницата во Македонија, како и за промовирање на духот на толеранцијата и разбирање помеѓу лицата со различна сексуална ориентација“, изјави Шурман.
На официјалното отворање на LGBTI Центарот со своето присуство поддршка дадоа и бројни здруженија, јавни личности, претставници на институции и невладини организации кои работат на различноста и еднаквоста.
LGBTI Центарот за поддршка е лоциран во срцето на Старата скопска чаршија на улица „Лазар Танев“ бр. 57, а ќе оперира секој работен ден од 09 до 21 часот.
За LGBTI
Терминот LGBT е акроним кој се однесува на lesbian, gay, bisexual и transgender луѓето, а истиот за прв пат се користи во 1990-тите години како замена за фразата „геј заедница“ која се користела дотогаш. Акронимот веднаш станал најкористен термин за само-определување од страната на LGBT заедницата, а бил прифатен и од мнозинството медиуми и центри кои ја третирале сексуалноста и родовиот идентитет, пред сé во САД и останатите земји од англиско говорно подрачје.
Идејата на LGBT терминот е да ја потенцира различноста во „сексуалната и родовата култура“ кај луѓето, а се однесува на сите оние кои се не-хетеросексуални и се поистоветуваат со различен родов идентитет, кој не е ниту машки ниту женски.
Кон крајот на 1990-тите години луѓето кои се идентификуваат како „интерсекс“ (со атипични комбинации од физички карактеристики по кои обично се разликуваат женски од машки) сакале да бидат вклучени во LGBT заедницата, па на терминот на крајот се додава и буквата „I“.