БЛУПРИНТ групата достави конкретни решенија за Предлог-Законот за јавно обвинителство
мај 21, 2019
Реформите во правосудството се означени како една од клучните точки од интерес за Република Северна Македонија во процесот на преговори со ЕУ, но пред сè во приближувањето на земјата до европските стандарди и вредности.
Во таа насока, БЛУПРИНТ групата за реформи во правосудството, како неформална мрежа на истакнати граѓански организации, кои со години наназад се залагаат за почитување на принципот на владеење на правото, на состанок со Министерката за правда, одржан минатата недела, разговараа за имплементација на предлозите и коментарите на организациите членки на БЛУПРИНТ групата во однос на Предлог- Законот за Јавното обвинителство.
Дадените коментари од БЛУПРИНТ групата беа прифатливи за претставниците на Министерството за правда, и се очекува да бидат имплементирани во финалниот текст. Со оглед пак на специфичноста на членовите 32, 34 и 105 од Предлог-Законот за Јавното обвинителство, а со цел постигнување на што поефикасно решение и градење на цврст систем на правда, БЛУПРИНТ групата, на покана на Министерката за правда, изработи и достави документ со предлог измени на конкретните членови.
Предложените измени и коментари на членовите 32, 34 и 105, кои се однесуваат пред сè на надлежностите на Специјалното јавно обвинителство и Основното јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани со организиран криминал и корупција, нивно јасно разграничување, временските ограничувања, истражните и пред-истражните постапки со цел сузбивање на можностите за висок криминал итн. ќе обезбедат многу повисоко ниво на почитување на фундаменталните права и принципот на владеење на правото. На долг рок тоа ќе доведе до враќање на довербата во судството и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани приближувајќи ја земјата кон членство во ЕУ.
Граѓанските организации, членки на БЛУПРИНТ групата, остануваат и понатаму посветени на следење на имплементацијата на предложените измени во Предлог-Законот како и на активно учество во работните групи на Министерството за Правда во насока на креирање решенија кои ќе обезбедат пристап до правда за сите граѓани.
Целосниот текст на предложените измени за членовите 32, 34 и 105 е достапен на следниов линк
БЛУПРИНТ група за реформи во правосудството
Коалиција „Сите за правично судење”
Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
Институт за човекови права,
Институт за европска политика
Македонско здружение на млади правници
Центар за правни истражувања и анализи
Фондација Отворено општество- Македонија