Блупринт групата апелира до Собранието, пред да избере нов член на Судскиот совет, да ги почитува сопствените заложби за подобрување на критериумите
декември 12, 2025

Ја изразуваме нашата длабока разочараност поради предлагањето нов член на Судскиот совет на РСМ од редот на истакнати правници кои ги избира Собранието на РСМ само неколку дена пред започнување на собраниската постапка за донесување на новиот Закон за Судскиот совет. Иако измените на овој закон долго време се подготвуваа како резултат на претходните случувања и со цел подобрување на составот и работата на Советот, процесирањето на законот неоправдано се оддолжи. Дури по објавувањето на огласите за избор на нов член од редот на истакнати правници, постапката беше нагло забрзана.
Загриженоста е уште поизразена ако се има предвид дека целокупниот процес беше внимателно следен од страна на меѓународната заедница. Наместо демонстрација на институционална зрелост во спроведувањето на обврските од реформската агенда и доследна имплементација на Стратегијата за развој на правосудството, се создава перцепција дека ваквите постапки го релативизираат, па дури и го изигруваат реформскиот процес.
Наместо избор кој би се темелел на јасно утврдени и повисоки професионални стандарди за критериумот „истакнат правник“, како што беше предвидено со новото законско решение, постои реален ризик повторно да се применат застарени и веќе широко критикувани практики. Ваквиот пристап сериозно ги поткопува очекувањата на јавноста дека новата законска рамка ќе придонесе кон избор на членови со докажан професионален интегритет, висока стручност и значително искуство во областа на правото.
Дополнително, ваквите постапки директно ја нарушуваат довербата во судството во целина, како и во Судскиот совет како уставно тело задолжено да ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
Особено загрижува фактот што Собранието, и покрај претходно изнесените критики кон и изгласаната интерпелација на членовите од редот на истакнати правници избрани од Собранието по старите критериуми, повторно пристапува кон избор по истата постапка. Наместо да го донесат новиот закон и да ги применат унапредените критериуми, се создава впечаток на недоследност во спроведувањето на реформските заложби.
Со овој чин сериозно се нарушуваат напорите и очекувањата за приближување кон европските вредности и принципот на владеење на правото, кој претставува клучен услов на европскиот пат. Мандатот на членовите на Судскиот совет трае шест години, со можност за повторен избор, а доследното спроведување на нивните надлежности е суштинско за враќање на довербата во судството. Квалитетот на работата на ова тело непосредно зависи од неговиот кадровски состав.
Апелираме до Собранието, пред да избере нов член на Судскиот совет, доследно да ги почитува сопствените заложби за подобрување на критериумите за избор на член на Судскиот совет од редот на истакнати правници и што поскоро да го усвои новиот Закон за Судскиот совет на РСМ. Посебно што со измените во овој закон е предвидена потранспарентна и по конкурентна постапка за нивен избор од досегашната која би овозможила јавноста да се запознае со кандидатите кои претендираат за оваа значајна функција.
Блупринт групата за реформи во правосудството:
- Институт за европска политика (ЕПИ)
- Институт за човекови права (ИЧП)
- Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
- Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
- Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП)
- Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)


