Бараме суштински, а не декларативни промени
Факти:
- Во 2018 година, 919 лица се евидентирани како жртви на семејно насилство. Од нив 665 се жени, односно 72%. Секоја втора жена во државата е жртва на психичко насилство, секоја четврта е жртва на физичко насилство, а секоја седма жена е жртва на сексуално насилство.
- Вкупен број на фемициди во перидот 2008 – 2016 изнесува 70.[1]
- 5379 текстилни работнички пријавија прершување на работнички права, само во изминатата година.
- Во 51% од општините нема пристап до основни гинеколошки сервиси
- Само 15 % од министрите се жени, а само 7.4% од градоначалниците.
Хелсиншкиот комитет го користи Меѓународниот ден на жената повторно да потстети на овие поразителни статистики. Заложбите на државата остануваат декларативни, а не суштински. Жртвите на родово базирано и семејно насилство, се уште не ја добиваат соодветната институционална заштита и сервиси. Продолжува трендот на испишувањето на ученички од основните и средни училишта, честопати ради склучување малолетнички бракови. Жените од руралните средини се уште се соочуваат со родова дискриминација, поради нееднаквата распределба на ресурсите, традиционалните стереотипи како и родово – дискриминаторски земјоделски политики. И покрај ратификувањето на Истанбулската конвенција, хармонизацијата на националното законодавство со истата се одвива многу бавно.
Се уште не е донесен посебен Закон за заштита од родово базирано насилство. Се уште не се усвоени новите предлог – закони за заштита и спречување од дискриминација и за прекинување на бременоста, Законот за социјална заштита и дополнувањето на Кривичниот законик со воведување фемицид како посебно кривично дело.
Од овие причини, бараме државата итно и без одложување да спроведе промена и хармонизација на законската рамка, да ги воведе сите потребни сервиси, да обезбеди пристап до правда и заштита на сите жени чии што права се прекршуваат и да примени родово одговорно буџетирање при креирањето на политиките.
[1] Анализа на случаи на фемициди – убиства на жени во Република Македонија , Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство – Глас против насилство