Бараме јавна осуда за ширењето меѓуетничка омраза

август 17, 2022

Хелсиншкиот комитет за човекови права со загриженост констатира дека државната прослава на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор во организација на Владата на Република Северна Македонија, наместо да има обединувачки карактер, беше уште еден повод за ширење омраза и меѓуетничка нетрпеливост. Најавата на водителката на македонски јазик, која беше исвиркана од страна на присутните, директно се коси со идејата за мултикултурен фестивал и предизвикува омраза меѓу етничките заедници во државата. Уште повеќе загрижува отсуството на осуда од страна на Владата, кое дополнително влијае на поларизацијата во општеството.

Хелсиншкиот комитет во континуитет го следи и реагира на говорот на омраза, кој е еден од главните фактори кои водат до злосторства од омраза. Притоа, етничката припадност години наназад доминира како најчест основ за говорот и делата од омраза, а најбројни извршители и жртви се младите луѓе. Токму затоа сметаме дека јавната осуда е најмалку што може да го сторат политичките структури,  особено во ситуација кога другите механизми за справување со овој феномен се практично нефункционални.

Без јасна и недвосмислена осуда на лицата кои што ги разгоруваат меѓуетничките односи, несомнено се обесмислува и прославата за Охридскиот договор, во чиј дух е содржан соживотот, мирот и инклузивноста во општеството. Политичарите не смеат да го нормализираат говорот на омраза, затоа што така и самите придонесуваат во потхранување на атмосферата на поделби, тензии и дестабилизација. Хелсиншкиот комитет уште еднаш ја повикува Владата да ги осуди изливите на омраза и суштински да се посвети на социјалната кохезија во државата.