март 25, 2020

Апел од Европските невладини организации вклучени во областа на здравјето во затворите и во одбрана на правото на здравствена заштита на затворениците.

Организациите-потписнички, кои се занимаваат со прашањето на здравјето и човековите права на лицата лишени од слобода во Европа, се вознемирени од неподготвеноста на казнено-поправните управи да се справат со ширењето на коронавирусот на континентот и, во повеќето земји, од недоволното размислување за специфичната состојба на затворите во националните планови за подготвеност и системите за справување со инциденти во областа на јавното здравје.  Овие организации потсетуваат дека во секое време во затворите низ континентот има над 1,5 милиони лица и согласно меѓународните договори, земјите се обврзани да ги преземат потребните мерки за заштита на животот и здравјето на притворените и затворените лица.

Забележаните недостатоци претставуваат закана не само з затворениците и за персоналот кој работи во институциите, туку и за општото население[1]. Затворите генерално се сметаат за засилувачи во ширењето на заразни болести [2].

Иако нивото на изложеност на здравствената криза варира во голема мерка од една до друга земја, поради големите разлики во карактеристиките на затворските системи и работењето на националните болнички системи, се чини дека, во целина, прашањето околу затворите премногу се игнорира на европско ниво, иако затворите се места со висок ризик од пренесување. Освен тоа, некои држави се во искушение да донесат мерки за изолирање на лицата лишени од слобода од остатокот на населението, со непочитување на правата на овие лица и нивните роднини и со ризик да го спречат следењето на здравствените инструкции, дадени од властите, од страна на населението.

Како резултат на тоа, имајќи ги предвид ризиците во затворскиот контекст, невладините организации-потписнички имаат намера да ги алармираат засегнатите меѓународни организации, пред сè СЗО и Советот на Европа, за сериозните недостатоци забележани на терен и ги повикуваат да ги притиснат владите да преземат посебни здравствени мерки и значително да се намали затворското население што е можно поскоро.

И повторно, националните контексти многу се разликуваат и сликата што е прикажана подолу не треба да се толкува како одраз на еднообразна состојба. Сепак, со оглед на итноста на ситуацијата, целта е да се потенцира сериозноста на последиците што би произлегле од несправување со појавата на корона вирусот во затвор и неодложната потреба меѓународните организации да дејствуваат веднаш за да ги пренасочат националните политики во оваа област.

 

  1. Затворите претставуваат средини со висок ризик од пренос на заразни болести.

1.1 Услови на живеење и организираност на затворските установи. Затворениците се постојано во состојба на соживот, без разлика дали се во ќелии, производствени работилници, дворови, итн. Сите аспекти на затворскиот живот вклучуваат движење на затворениците во помали или поголеми групи. Објектите честопати се со слаба вентилација.  Во многу европски држави, оваа состојба е отежната од регионалните или националните ситуации на пренатрупаност во затворите[3]. Од оваа гледна точка, ризиците од ширење на вирусот во затворските системи на пост-советските земји се особено значајни: i.) затворското население во овие земји е особено бројно; ii.) објектите за притвор честопати се пренатрупани и организирани во колективни ќелии, додека поправните установи се претежно организирани во касарни во кои се сместени 80-150 осудени лица, ако не и повеќе; iii. ) откако ќе бидат осудени, затворениците се превезуваат со недели или дури со месеци до нивните назначени поправни установи; овие превози се одвиваат во ужасни хигиенски услови и вклучуваат постојани паузи при патувањето.

1.2 Население со висок ризик од заразни болести и се соочува со голем ризик на сериозност од коронавирусот.  Конкретно, стапките на известување за туберколоза во европските затвори се за 30 пати поголеми отколку кај општата популација. [4]Неколку земји во Европа, особено во Источна Европа, пријавуваат распространетост на ХИВ кај затворениците со стапка поголема од 10%. [5].  Затворското население во Европа старее со невидена стапка. [6].

1.2 Честопати неуспешен здравствен систем. Иако нивото на развој на затворското здравство варира во голема мера, организацијата на заштита во затворите никогаш не е дизајнирана да се справи со кризна состојба. Уште покритично, особено во Источна Европа, службите честопати се недоволно опремени, немаат доволно персонал и не можат соодветно да се справат со обичниот товар од вообичаени болести. Покрај тоа, обично имаат многу слаба поврзаност со општиот здравствен систем, а тоа доведува до значителни одложувања.  Скоро насекаде, недостапноста на придружба е редовен проблем за пренесување на пациенти во болница.

  1. Упатството на СЗО против ширењето на КОВИД-19 ретко се спроведува во затвор.

СЗО им обезбеди на државите насоки за мерки за јавно здравје кои можат да го забават пренесувањето и ширењето на КОВИД-19[7]. Според тоа, многу држави презедоа мерки за забрана на собири, затворање на повеќето јавни места и наметнаа карантин на населението за да се обезбеди социјално дистанцирање. Сепак, иако состојбата во сите земји не е иста, повеќето мерки препорачани од СЗО, во најголем дел не се спроведени во затворите[8].

2.1 Намалување на контактот на затворениците со нивните роднини: најчеста мерка донесена од затворските служби.  Домашните власти генерално се ограничени на давање информации за вирусот и драстично ограничување на контактот на затворениците со надворешниот свет.  [9]. Некои земји, како Франција, ги забранија колективните активности во рамките на затворите. Сепак, се чини дека овие мерки не се од таква природа за соодветно да ги спречат ризиците од заразување кое може да биде предизвикано од нови затвореници, пренесување на затвореници до судовите, персонал кој работи во затворот, итн. Овие мерки може да имаат спротивни ефекти: затворите се посебно ранливи на лажни информации/митови кои може да се пренесат од рекла-кажала или од интернет.  Зголемената изолација на затворите го истакнува влијанието на гласините[10].

2.2 Одржувањето на постојани ситуации на прегрупирање на луѓе: поволно опкружување за ширење на вирусот. Во моментов, притворените лице сè уште се соочуваат со повеќекратни и рутински ситуации на собирање, собирање за пребројување, работа, туширање, итн.  Затворските службеници секојдневно се во контакт со голем број притворени лица, вршат претреси на тела и ќелии.

2.3 Неспроведување на потребните интервенции за превенција.  Од оваа гледна точка, властите се чини дека не ги земаат предвид ризиците од внатрешно ширење на информации во затворот.  Притворениците честопати не се во состојба да ги следат инструкциите за хигиена на рацете[11]. Не се достапни маски за лица со симптоми или за здравствениот персонал. [12]. Чистењето на опкружувањето се врши во вообичаени услови.

 

  1. Управување со случај на КОВИД-19

Лаконизмот на подготвеноста на затворите и распределените планови за реакција, дури и отсуството на какви било јавни информации за оваа тема, укажува на тоа дека затворските здравствени служби во оваа фаза не се подготвени за прилив на случаи на КОВИД-19. Со оглед на сериозните неуспеси на односните служби во управувањето со вообичаени патологии во мирни времиња, недоволната подготвеност, укажува на импровизирано, а оттука и потенцијално хаотично управување со случаи на КОВИД-19.

3.1 Протокол за интервенција и артикулација со граѓанското здравство. Во  повеќето земји, нема достапни информации за протоколите за интервенција кои ја дефининираат поделбата меѓу улогите на затворското и граѓанското здравство.

3.2 Капацитети на казнено-поправните медицински служби.  Со одредени исклучоци, [13], расположливите информации не покажуваат засилување на медицинските служби во однос на персоналот и опремата, особено респираторната опрема. Се чини дека здравствените работници немаат добиено насоки за КОВИД-19 и за тешки акутни респираторни инфекции.

3.3 Пренесување и престој на притворени пациенти во болница. Не е забележано зголемување на медицинскиот персонал, ниту е обезбедена придружба за транспорт на пациенти со КОВИД-19 до цивилни болници.  Се чини дека не се предвидени законски мерки за олеснување на трансферот и престојот во болница.

 

  1. Мерки што може да ги нарушат основните права.

Неколку земји презедоа, или ќе преземат, драстични мерки за ограничување на контактот на затворското население со надворешниот свет. Некои земји одлучија целосно да ги прекинат семејните посети[14], други воведоа строги ограничувања во оваа област. Некои држави предвидоа компензаторски мерки, како што се зголемени телефонски повици[15]или објекти за видео конференции[16].

Неколку експерти на ОН[17]и Советот на Европа ги повикаа државите да избегнуваат претерување со безбедносните мерки како одговор на избувнувањето на коронавирусот. Кога станува збор за затвор, невладината организација Penal Reform International ги истакна барањата за неопходност и пропорционалност на мерките со кои се ограничуваат правата на посета во овој контекст[18].

Иако ограничувањата на контактите со надворешниот свет може да бидат оправдани кога тие се пропорционални на ризикот и се придружени со соодветни компезаторски мерки, мора да се нагласи дека затворањето на затворите го зголемува ризикот од лошо постапување, особено во кризни и панични ситуации. Ограничувањата на посети и активности неизбежно ќе доведат до тензија[19]. Затворските управи ќе се соочат со невиден притисок. Ако не се преземат брзо олеснителни мерки, особено во однос на бројот на притворени лица, затворските управи може да се соочат со ситуации тешки за справување.

Освен тоа, од суштинско значење е НПМ да го задржат своето право на пристап до затворите и притворените лица да имаат можност да контактираат со нив преку телефон, во соодветни услови во кои се обезбедува приватност и доверливост.

 

  1. Неопходна интервенција на меѓународно ниво

Потписниците ги повикуваат меѓународните владини организации да ги земат целосно предвид главните здравствени ризици поврзани со ширењето на КОВИД-19 во затворите и инерцијата прикажана од државите, и следствено на тоа да преземат мерки за да обезбедат државите да дејствуваат ефективно и со целосно почитување на основните права на лицата лишени од слобода.

5.1 Здравствени мерки за превенција, рано откривање и контрола на КОВИД-19. Меѓународните организации мора брзо да дејствуваат за да ги натераат државите да ги развијат потребните планови за превенција и реакција.  СЗО мора да игра водечка улога во оваа област и да им обезбеди поддршка на властите за подготовка и реакција. Сепак, пристапот со техничка поддршка не е доволен, а СЗО и релевантните тела на Обединетите Нации и Советот на Европа мора да го искористат целото свое влијание за да ги натераат државите да ги исполнат своите меѓународни обврски за заштита на животот и здравјето на притворените лица.

5.2 Избегнување на ширењето на КОВИД-19 со значително намалување на затворската популација.  Без разлика какви мерки се преземени од затворските власти за прилагодување кон живот во затвор, конфигурацијата на просториите и организацијата на затворите не дозволуваат спроведување на превентивни мерки, а особено на социјално дистанцирање.  Ако нема очигледно намалување на бројот на затвореници, вирусот брзо ќе се шири во просториите и затворот и медицинските служби ќе бидат пренатрупани. Националните власти мора да преземат итни мерки за сериозно намалување на бројот на затвореници. Во овој контекст, телата на Советот на Европа, а особено Комитетот на министри, Генералниот секретар, Комитетот за спречување тортура (КСТ) и Комесарот за човекови права, кои играат важна улога во водењето на казнена и затворска политика, мора брзо да усвојат препораки за да ги натераат државите да ги преземат овие одлучувачки чекори. Државите имаат на располагање широк спектар на мерки што можат да предизвикаат брзи ефекти, од упатства за казнени политики дадени на обвинителствата до исклучителни мерки на помилување и амнестија. Од суштинско значење е брзо да се даде импулс на Европско ниво за да се насочат националните политики во овој правец.

5.3 Следење на почитувањето на основните права. Механизмите за следење на почитувањето на основните права треба да преземат исклучителни организациски мерки за да можат целосно да ја одиграат својата улога.  Прво, ЕСЧП треба да го зајакне својот капацитет за да се справи со барањата за привремени мерки според правилото 39. Во мирни времиња, овие привремени мерки се честопати неопходни во некои земји, како Русија или Украина, со цел да се добијат акти за нега кои се неопходни за заштита на животот. Веројатно е дека бројот на основани барања ќе се зголеми значително. Покрај тоа, од правни или практични причини, пристапот на затворениците до нивните адвокати или до невладините организации ќе стане акутен. Судот треба да донесе практични упатства за прилагодување на формалните услови што произлегуваат од член 47. Другите релевантни тела на Советот на Европа и на Обединетите Нации треба да го организираат следењето на мерките преземени од државите за борба против пандемијата.

 

Апелот е објавен на 18 март 2020

Извор: http://www.prisonlitigation.org/covid19-prison/?fbclid=IwAR2c1fvwFaqhDh3wzyG2J2zb31fWIyvn0gC_YsPQ4r-z43BUaa1XoMNO-MY