Претставен „Предлогот на граѓанските организации за итни демократски реформи“
јули 20, 2017
На прес-конференцијата одржана на 19 јули 2017 година беше презентиран „Предлогот на граѓанските организации за итни демократски реформи “, кој претставува втора, надградена верзија на темелниот Blueprint документ кој беше подготвен од група граѓански организации и експерти во почетокот на јули 2016 година.
Во документот се инкорпорирани приоритетните цели, мерки и активности за следните 3, 6, 9 и 12 месеци.
Документот е резултат на инклузивниот процес во кој беа вклучени 146 лица, поголемиот дел претставници на 73 граѓански организации, но и научни работници и експерти, кои учествуваа и дадоа свој активен придонес во работата на Форумот на граѓански организации на 4 и 5 јули оваа година. Воедно, тој претставува израз на долгогодишното искуство и експертиза на контрибуторите кон изработката на овој документ во соодветните области на интервенција.
Поконкретно, документот разработува јавни политики во низа области, и тоа: јавни финансии и економија; правосудство; борба против корупцијата; избори и изборен систем; јавна администрација; контрола врз полицијата и агенциите за безбедност и (контра)разузнавање; Собрание; граѓанско општество; социјална заштита, благосостојба и одржливост; образование и младински политики; животна средина; енергетика; култура и здравство, со тоа што последните две области воопшто не беа вклучени во иницијалниот документ од 2016 година.
Целта на овој документ е да посочи конкретни насоки на постапување и да предложи мерки и активности за постигнување на приоритетните цели во секоја од областите опфатени со овој документ, со што во крајна линија би се дошло до враќање на демократските стандарди и вредности, а преку постигнување напредок во јавните политики, и враќање на довербата на граѓаните во клучните државни институции.
Хелсиншкиот комитет за човекови права беше активно вклучен во оваа иницијатива, како и во изработката на „Предлогот на граѓанските организации за итни реформски приоритети“ особено во областите на правосудството и контрола врз полицијата и врз агенциите за безбедност и (контра)разузнавање.
Со оглед дека овој документ на граѓанските организации содржи низа мерки кои не се опфатени со Планот „3-6-9“ на Владата на Република Македонија, а во насока на целосна имплементација на мерките предложени од граѓанските организации кои треба да придонесат кон системски и суштински реформи, кои се неопходни за да се надмине состојбата на заробена држава, како и евалуација и мониторинг врз нивното спроведување, граѓанските организации предлагаат:
– Формирање Консултативен совет за имплементација на клучните реформски приоритети на владино ниво, со кој ќе претседава претседателот на Владата и кој ќе се состои од претставници на надлежните министерства и граѓанското општество;
– Назначување на лица за контакт во министерствата и независните, надзорни и регулаторните тела кои ќе бидат одговорни за клучните реформски приоритети и кои исто така ќе бидат задолжени за соработка со тематските групи на граѓанското општество;
– Надлежните собраниски тела, вклучително и Националниот совет за евроинтеграции, како и Комисијата за европски прашања да одржуваат месечни јавни расправи за имплементацијата на клучните реформски приоритети кои спаѓаат во нивната надлежност, на кои треба да бидат поканети претставници на граѓанското општество со докажано искуство во соодветните области.
– Почитување на принципите на транспарентност, одговорност, вклучување и ефективнос од страна на Владата, како и целосна посветеност на Собранието, правосудните институции и независните надзорни и регулаторни тела треба да ја покажат кон спроведувањето на клучните реформски приоритети.
Во рамките на прес-конференцијата беше истакнато и дека граѓанските организации кои учествуваа во подготовката на овој документ ќе се заложат и ќе придонесат во натамошната дискусија за начините на вклучување на граѓанското општество во процесот.