Мрежата за заштита од дискриминација бара во Комисијата да се изберат жени и претставници од маргинализираните заедници, а партиите да се воздржат од влијанија
Претставниците на граѓанскиот сектор кои денеска (18.12.23) присуствуваат на седницата на Комисијата за избори и именувања, на која се расправа за утврдување предлог-листа за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), одржаа прес конференција на која беше кажано дека особено важен елемент што беше нотиран и во Извештајот за 2023 година, на Европската комисија е правичната и соодветната застапеност на сите општествени групи во составот на Комисијата.
„Мрежата за заштита од дискриминација бара родово балансирано учество од минимум три жени во новиот состав, како и припадници на сите маргинализирани групи, како што се лицата со попреченост, Ромите и ЛГБТИ лицата, под услов да ги исполнуваат законски предвидените услови“, истакна Атанас Аврамов од здружението „Заедно посилни“.
Телата за еднаквост, како што е оваа Комисија се од особено значење за една држава, не само за заштита од дискриминација туку и за промоција на човековите права и слободи. Без оглед на кадровските и финансиските предизвици на Комисијата, нејзината работа беше препознаена од страна на Европската комисија во извештаите за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 и за 2023 година.
За борбата против дискриминацијата е особено важно Комисијата да има континуитет, да работи ефикасно и ефективно за заштита на човековите права и слободи, гарантирани со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни конвенции.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска констатираше дека слично како и во 2019 година, кога се избираше претходниот состав на Комисијата, само неколку исти пратеници биле заинтересирани за квалитетот на пријавените кандидати и присуствувале во салата. Денеска се присутни 3-4 пратенички и претставниците на граѓанскиот сектор.
„Досега, сме крајно разочарани од квалитетот на кандидатите и нивното претставување и со оглед на тоа што се случи со Комисијата за антикорупција, членовите што се избраа и како се избраа, загрижени сме и скептични сме дека овој пат ќе се води сметка да се изберат непристрасни, независни кандидати кои што се стручни за областа дискриминација.
Апелираме политичките партии да се воздржат од влијаннија, пратениците непристрасно да гласаат за предложените кандидати и кога ќе гласаат да размислуваат за тоа дека институциите се востановени за да им служат на граѓаните, не за да им служат на политичките партии, за задоволување на апетитите на нивното членство“, порача Пировска.
„Искрено се надеваме дека повторно ќе бидат избрани барем два независни кандидати затоа што видовме дека со изборот на тројца независни кандидати во претходниот состав, Комисијата навистина постигна резултати. Од страна на граѓаните беше перцепирана како независна институција, а граѓаните беа охрабрени да пријавуваат дискриминација и одлуките што се носеа навистина беа издржани и даваа доверба. Ние, како граѓански сектор сме тука, имаме право да им поставуваме прашања на кандидатите, а со тоа да го дадеме и својот отчет за членовите кои што ќе бидат избрани“, кажаа претставниците на Мрежата за заштита од дискриминација.