Што е неопходно да преземе државата за унапредување на системот на ресоцијализација и образование за децата во судир со закон
Во рамки на проектот „Кон безбедна, стимулирачка и рехабилитирачка околина за деца во судир со закон во воспитно-поправните домови во Албанија, Косово и Северна Македонија”, на 14 декември, 2022 година, во Скопје се одржа тркалезна маса на тема „Што е неопходно да преземе државата за унапредување на системот на ресоцијализација и образование за децата во судир со закон”. Учествуваа претставници на Министерството за образование, Министерството за труд и социјална политика, Управата за извршување на санкции, Амбасадата на Кралството Холандија во РСМ, вработени во Воспитно поправниот дом и експерти. Тркалезната маса беше организирана од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје во соработка со Хелсиншкиот комитет од Холандија .
Воведни обраќања имаа Лизијан Велт и Анет ван ден Бош од холндскиот Хелсиншки комитет и Ина Џугуманова од македонскиот Хелсиншки комитет. На тркалезната маса се дискутираше и за образованието, каде потфрла системот во обезбедување на формално образование за малолетниците во затворените институции. Друга тема за која се разговараше е пост-пеналната помош, имено како да се реши постоечкиот јаз во пост-пеналната помош и поддршката во процесот на вработување за децата во судир со закон.
На крајот беа донесени заклучоци и конкретни предлози како да се подобри пристапот до образование и пост пенална помош за децата во судир со закон, за што е неопходна меѓусекторска соработка за што Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да се застапува пред надлежните институции.
Речиси 10 години холандскиот и македонскиот Хелсиншки комитет работат на подобрување на ресоцијализацијата на малолетниците кои се во судир со законот. Нашата работа допринесе до ветувачки резултати кои се гледаат преку климата за живеење во Воспитно-поправната установа – Тетово, зголемена и подобрена имплементација на програмите за рехабилитација и одржливо образование за воспитно-поправниот кадар кој работи со малолетници. Сепак, недостатокот на одржливо, формално образование за малолетниците, како и идентификуваниот јаз во процесот на пост-пеналната помош сè уште претставуваат голем ризик за успешна реинтеграција на малолетниците.