Затворските услови во Северна Македонија – трн во око на патот кон ЕУ
линк до оригиналната сторија
Последниот извештај до Владата на Северна Македонија по посетата на затворите во земјава од страна на Комитетот за превенција на тортура и нехуман третман, констатира дека има подобрувања во затворскиот третман во земјава. Меѓу тие подобрувања се реновирање на крило на истражниот оддел на Затворот Скопје, како и затворање на три проблематични крила во Идризово. Но, долгогодишните проблеми со условите за престој, пренатрупаноста во затворите, корупцијата меѓу вработените и недоволната медицинска заштита на затворениците и притворените, и понатаму опстојуваат- Пишува: Мирослава Бурнс
На пример, во затворот Идризово, капацитетот не е ревидиран меѓу 2019 и 2020 година и покрај затворањето на три поголеми крила за сместување. Комитетот за превенција на тортура препорачува официјалниот капацитет на секој затвор да се пресметува на начин што на секој затвореник ќе му се овозможат 4 квадратни метри во ќелија, а во самица тој простор да е шест квадратни метри и невклучувајќи го тоалетот. Комитетот би сакал да добие копија од капацитетот на секој затвор, стои во извештајот.
Сите препораки ги имаме запазено и се држиме по тие секој затвореник има секојдневно воздух прошетка, има питка вода за пиење чиста, по распоред на куќниот ред се тушираат, храната покалорична се дава редовно, а на некои им се одобрува и од надвор… тие што се во притвор судот им одобрува и од надвор да им пристигнува храна. Домскиот лекар е запазен, од Здравствен дом Скопје, каде што друг е работодавач, но излегуваат во пресрет. Амбулантите се одобрени, имаме донација од ЕКГ апарат, стерилизатори, забарска столица. Се вршат контроли, кој ќе побара преглед му се дава преглед. Психијатар немаме во моментот, но на две недели доаѓа еднаш. Се подобруваат условите во установата Скопје за сите забелешки кои се нотирани, изјави директорот Андов за „Вистиномер“.
Да не се праќаат во болниците или брза помош да доаѓа, туку да имаме наш лекар и после 16 часот, а не како сега домскиот лекар е вработен до 16 часот а после тоа да немаме лекар. Во моментот секој притвореник има право да оди надвор на прошетка и воздух по еден час дневно. Имаме осум игралишта или дворски места каде што смее да шетаат. Според капацитетот на притворското место, пресметано е дека секоја соба до затемнување може да се задржи најмногу до еден час надвор. Како што опаѓа бројот на притвореници, се зголемува и бројот на минутите надвор. Сега има 232 притвореници, а капацитетот е 203 места. Се препраќаат секојдневно, некои им станува пресудата правосилна, па се преместуваат во други затвори, жива материја е во прашање. Посети им се овозможени, согласно тоа што го обезбедил судот. Судот на кого ќе му даде посета, ние ја процесуираме. Немаме ние право како затвор Скопје да даваме посети, туку ние само спроведуваме судски наредби. Во врска со корупцијата на затворскиот персонал се бориме против тоа, најстрого и најдрастично санкционираме корупција или внесување на недозволени работи на затворската полиција или било кој вработен во затворот. Имаме поведенено и неколку дисциплински постапки за таа работа, вели директорот Андов.
Пренатрупеноста е уште присутна, но со изградба на КПД Идризово ќе се елиминира таа пренатрупаност зашто се предвидуваат 500 нови кревети и 412 за притвореници, вели тој.
Сакаме да знаеме кој го прави тоа еднаш засекогаш, зашто јас сум исклучиво против таква работа. Не е така едноставно, барав помош од сите институции и преземеаме мерки тоа да го исконтролираме колку што можеме, додава директорот.
За состојбите и условите имаме изготвено два извештаи со наоди, заклучоци и препораки од страна на мониторинг тимот. Едниот извештај, односно првиот од редовните посети на установите, е објавен во февруари 2021 година, вели правната советничка во Хелсиншкиот комитет, Ина Џугуманова.
Во случај на ограничување на физички контакти на осудените лица со надворешниот свет, Управата за извршување на санкции треба и натаму да продолжи со изнаоѓање на алтернативни начини за контакт на осудените лица со нивните блиски. Да се обезбедат простории за самоизолација на лицата кои ќе покажат симптоми на ковид 19 во рамките на секоја казнено-поправна и воспитно-поправна установа. Просториите треба да се во согласност со меѓународните стандарди. Треба да се евидентираат сите пријави за тортура, малтретирање и нечовечко постапување кон осудените лица, без разлика дали е тоа од страна на вработените лица во установата или меѓу осудените лица, стои во препораките на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Исто така, тие препорачуваат ангажирање соодветен кадар во установите во поглед на ресоцијализацијата и развивање и имплементирање на соодветни програми за ресоцијализација, да се даде пристап до образование, особено за децата лишени од слобода (оваа година била спроведена настава само за основно образование во Затворот Охрид и ВПД Тетово, кое функционираше во рамки на Затворот Охрид). Како недостаток нотиран е и проблемот со водоснабдувањето во Затворот Куманово, имајќи го предвид фактот дека водата е основно човеково право, а немањето пристап до вода, особено во услови на пандемија, претставува живеење во нехумани услови за осудените лица. Како и во светската пракса на хумано постапување и подготовка за ресоцијализација по издржувањето на казната затвор, се бара и осудените лица работно да се ангажираат и да развијат работни вештини кои ќе им бидат од корист по истекот на издржување на казната затвор.