Забрана за вршење на лекарска дејност за гинекологот Асани, бара Платформата за родова еднаквост

февруари 3, 2023

 

Линк до оригиналната статија 

Платформата за родова еднаквост реагираше на пресудата на струшкиот Основен суд со која му се изрекува условна казна на гинекологот Мухамед Асани кој во периодот меѓу 2015 и 2020 година нелегално давал гинеколошки услуги во нерегистрираната ординација во својата куќа. Од платформата велат дека се згрозени од пресудата, но и дека фрапира фактот што Судот не изрече и споредна казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, иако ваквата можност е предвидена со Кривичниот законик.

И покрај наодите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој уште пред две години изврши вонреден надзор на ординацијата и поднесе кривична пријава, но и силните реакции на граѓанските здруженија, Лекарската комора уште му ја нема одземено лиценцата за работа на гинекологот меѓу чии пациентки била и Јелдз Веапоска.

Платформата за родова еднаквост потсетува дека гинекологот Асани нелегално ѝ ја водел бременоста во својата домашна ординација, а при породувањето во струшката болница ѝ извадил матка, бубрег и јајник.

„Оттука, со голем револт констатираме дека на ваков начин, и Судот и Лекарската комора застануваат во одбрана на нелегалната здравствена пракса во земјава. Условувајќи го казнувањето на нелегалното работење со чекање да се случи дополнително кривично дело, тие не само што ја одржуваат културата на неказнивост туку и недвосмислено ја поддржуваат системската негрижа за здравјето на жените – наместо лавовски да се борат против неа. “, велат од Платформата за родова еднаквост.

Платформата бара построга казна и дополнителна споредна казна забрана за вршење на професијата, а од Лекарската комора да му ја одземе лиценцата за работа на гинекологот Асани. Од Министерството за здравство, пак, бараат итно да излезе на терен и проактивно да се вклучи во откривање и стопирање на нелегалните ординации и иницирање постапки против лекарите кои работат „на црно“.