УТРИНСКИ БРИФИНГ | Пировска: За нас не е сеедно што ќе се случува по заминувањето на Меркел од функцијата

септември 16, 2021

Линк до оригиналната статија

 

Уранија Пировска, директорката на Хелсиншкиот комитет денес беше гостин во Утрински брифинг а по повод средбата на германската канцеларка во заминување, Ангела Меркел, со претставници од невладините организации од регионот што се одржа во Белград.

-Таа е жена која ги урна предрасудите дека жена не може да се носи со политиката чиишто носители главно се мажи. Средбата со неа беше многу конструктивна и фасцинантна. Таа е човек кој бара јасни одговори и дава јасни одговори, а нејзиниот резон е исклучителен. Исклучителен гест е што Меркел прво се сретна со претставниците ан НВО од Балканот пред да ги започне средбите со политичарите, вели Пировска во Утрински брифинг за нејзините впечатоци од средбата со Меркел.

На средбата со германската канцеларка во Белград присуствуваа шест претставници од НВО од Балканот.

-Берлинскиот процес за Западен Балкан е нејзино чедо. За нас не е сеедно што ќе се случува по нејзиното заминување од функцијата. И таа, и Германија и другите земји, освен Бугарија, се согласија дека на Македонија ѝ е нанесена голема неправда со закочувањето на нејзиниот пат кон ЕУ, вели Пировска.

Таа додава дека Македонија ги исполни сите услови, а тоа го истакнала и канцеларката Меркел.

-Ние, за разлика од другите балкански земји, и покрај сите пропусти, успеавме со вклученост на НВО да ги донесеме најважните закони за воспоставување демократија, вели Пировска за Утрински брифинг.

 

 

Во врска со пописот што е во тек, директорката на Хелсиншкиот комитет вели дека се одвива добро. Според нејзиното лично искуство целата процедура трае петнаесетина минути и добро е што е внесена графа за изјаснување на атеисти.

Во врска со претстојните локални избори, Пировска за Утрински брифинг рече дека Хелсиншкиот комитет за сите избори досега добивал поплаки, но дека од 2014 година па наваму има голем напредок.

-Сега поплаките главно се однесуваат на тоа дека некој не можел да се најде во избирачкиот список. Но, повеќе нема сериозни инциденти како пред 2014 година. Не очекувам дека на овие избори ќе видиме нешто што досега не сме виделе, вели Пировска за Утрински брифинг.

Пировска оценува дека е дегутантно да се добиваат политички поени врз трагедии.