Уранија Пировска: „Љубовта кон правото е љубов кон правдата“

февруари 13, 2020

Поривот да се застане на страната на правдата и да им се помогне на ранливите е основниот и најважен двигател во траекторијата на мојот напредок во професионалниот живот. Љубовта кон правото за мене е всушност љубов кон правдата, вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Сакав да бидам во позиција да им помогнам на луѓето

„Љубовта кон правото за мене беше наследена работа бидејќи и мојот татко и мојот дедо беа правници. Секако, голема улога играше и фактот дека неправдата секогаш кај мене будеше револт, но и порив да ја исправам.

Оттука, афилијацијата кон правото беше неминовност  и нужност за да можам да го правам она што чувствував дека треба да го правам во животот. Притоа, иако студирав право, никогаш не добив желба да бидам судија, ниту пак адвокат. Сакав да бидам во позиција да им помогнам на луѓето да ги остварат своите права, но не и да бидам оној што ќе одлучува за тие права. Секогаш се прашував како живеат оние судии коишто донеле погрешна одлука и со тоа запечатиле нечиј живот и судбина. Тоа прашање не престанав до денес да си го поставувам, ако се има предвид дека секојдневно се судрувам со човечката болка предизвикана од нечија незаконска одлука“, вели Пировска.

За границата до каде што е правото и каде што започнува неправото е она што е иманентно за нашата работа

„Среќна околност беше што моето прво работно место беше во институцијата Народен правобранител, каде што поминав 15 години и имав можност да работам на речиси сите области од човековите права. Работата во Хелсиншкиот комитет беше нешто што природно го следеше мојот тек на напредување, ако се има предвид мојата определба, и можам да кажам дека никогаш не зажалив за својот избор. Слободата што ја нуди граѓанскиот сектор е нешто што не може да се купи за ниедни пари на светот. Слободата да го кажете тоа што го мислите, да дејствувате секогаш кога на некој му е потребна помош и слободата да застанете на патот на неправдите без притоа да треба на некого да му давате образложение за тоа. Потсетувањето на оние коишто одлучуваат за правата на граѓаните за границата до каде што е правото и каде што започнува неправото е она што е иманентно за нашата работа“, нагласува Пировска.

Да им се помогне на ранливите

„Поривот да се застане на страната на правдата и да им се помогне на ранливите е основниот и најважен двигател во траекторијата на мојот напредок во професионалниот живот. Љубовта кон правото за мене е всушност љубов кон правдата бидејќи без постоење на правото и негово почитување не може да има почитување и на човековите права“, додава Пировска.

Борбата за човековите права е мојата животна определба

Борбата за човековите права, нагласува таа, е мојата животна определба и таа борба се води доследно само доколку се следи правото. Правото постои и е измислено за нештата да го добијат своето вистинско место во едно општество и за да ги спречи хаосот и неправдите.

„Предизвиците во достигнувањето на правдата и остварувањето на правата во нашето општество се големи и бараат голема посветеност и издржливост, но не постои поголема сатисфакција од онаа кога ќе успеете во тоа“, истакнува Уранија Пировска.