[Став] „Јавна соба“ е кривично дело и битката мора да биде заедничка
Скандалозното оживување на т.н. „Јавна соба“, покажа дека изминувањето на една година, освен пандемија и истек на 365 календарски денови, не донело ништо друго и ново кај надлежните институции во однос на нивното (не)постапување. Од јануари 2020 година, до овој момент, предметот се уште се наоѓа во фаза на предистражна постапка и нејасно е кога може да се очекува интензивирање на активностите и следна јавнообвинителска одлука.
Неодамна, Националниот демократски институт во Скопје ја отпочна кампањата, која цели кон испраќање на пораката дека мажите, треба и мора, да сторат повеќе (Men Must Do More). Апсолутно согласен со ова, одговорно тврдам дека вековниот стремеж за еднаквост помеѓу мажите и жените, несомнено, носи бенефити и за едните и за другите. За илустрација, токму канадскиот премиер, во една прилика во 2016 година, јавно изјави дека е феминист. Притоа, упати недвосмислена порака дека мажите и жените не треба да се плашат од употребата на зборот феминист. Напротив, овој збор треба да наоѓа се почеста примена при давањето опис на сопствената личност и на својот придонес кон борбата за овозможување родова еднаквост.
Како конкретното општество го третира прашањето за родова еднаквост, всушност, е еден од најјасните показатели за цивилизацискиот дострел кој го има достигнато истото тоа општество. Воскреснувањето на нелегалната јавна соба, на една од постојните социјални мрежи, е гол потсетник за примитивните гледишта, кои за жал, се уште, дел од нашите сограѓани ги негуваат кон жените. Поигрувањето со фотографиите во таа виртуелна соба, не само што ја покажува целата голотија од ниска свест на многу од нашите сограѓани, ама ги покажува и институционалниот капацитет и волја за битка со ваквите појави.
Шлаканица за нашето општество
Нешто е труло во секоја јавна соба, но оваа, македонската, претставува врела шлаканица за отрезнување на секого од нас. Како индивидуа, долго време се залагам и трудам онаа тенденција, според која, доколку нештото не сме го искусиле, односно има помали шанси да ја искусиме негативната појава, во тој случај да сметаме дека истото го засега некој друг, но не и нас. Ова е неточно и тоа од неколку причини. При поддршката кон каузата на некаква иницијатива, не мора и не смее секогаш да тргнуваме од сопственото јас.
Фактот што сите ние живееме заедно, со склучен „општествен договор“ помеѓу нас и институциите на системот, доволно говори дека всушност и сите живееме во една голема, јавна одаја. Не смееме да се доведеме во ситуација, да биде задолжително, лично и искуствено, да го почувствуваме насилството, за силно да се спротивставиме на истото. Насилството е проблем на пошироката заедница и многу лесно може да прерасне во права карактерна црта на дадено општество. Да се биде тивок не смее да биде прифатлива опција и понатаму и токму затоа, во еден глас, треба да викнеме и истакнеме дека не е срамно да се биде жртва, ама е вистинска срамота, да се биде насилник!
Од друга страна, мора да им погледнеме во очи и на атмосферата која е реална на социјалните мрежи и некои од видувањата, согласно кои, жените знаат да бидат сведени на репродуктивни машини и морални хазардерки. Низ ваквите ставови, честопати, кон жените се посочува со прст како наводен причинител за постоењето на моралната декаденција со која се соочуваме. За жал, ваквите ретроградни гледишта цврсто опстојуваат и во третата декада на 21 век, а „моралната полиција“ со нејзината сеприсутност, се чини, како да го зазема просторот на онаа вистинската полиција, која е должна да ги засука ракавите и да ни ја гарантира безбедноста.
Нејсе, сексуалното злоставување и вознемирување за кое повторно чувме, не се нова појава. Ваквите девијации датираат многу порано од ерата кога се појавија социјалните мрежи и затоа никако костимите за капење, кратките здолништа и фотосесиите, не може да му бидат оправдување некому за горенаведените криминални поведенија кон разни жртви. Дел од тие жртви се подготвени и јавно да проговорат, но како и тоа да не е доволно, па се соочуваат и со обвинувања упатени на нивна адреса. Ваквите злонамерни забелешки, остануваат да бидат тоа што се – еден невкусен и неуспешен обид за релативизирање и непотребен „лов на вештерки“. Идеализирањето за постоење на некаков совршен модел на жртва, продолжува да биде само тоа, чиста фантазија проследена со отсуство на емпатија.
Во таа насока, говорењето од некакви проблематични морални височини, најмалку, води кон некаков исчекор напред и ги носи сите оние дополнителни, двојни виктимизирања на жртвите. Обидите за поентирање со некаков наводен придонес на жртвата кон сторување на делото, дефинитивно одмагаат и крајно дефокусираат. Да не заборавиме, државата и на правосилно осудените лица, сторители на најтешки кривични дела, должна е да им овозможи ресоцијализација, реинтеграција или воспитно – образовна промена и оттаму, целосно е нејасно зошто кон една недолжна жртва сите ние би имале било каков друг пристап, освен отворена и директна поддршка.
Жртвата НЕ е виновна
Притоа, јавната и вонинституционалната помош и поддршка е добредојдена и позитивна вибрација, но е премалку. Борбата против наративот „жртвата е виновна“ мора да ја издигнеме на пиедесталот и истата треба да биде помогната и предводена од правниците кои ја обавуваат јавнообвинителската професија преку конкретна акција. Изговор за апатичност нема, бидејќи како држава, нашите проблеми, ретко се наоѓаат во законодавството, туку многу повеќе во примена на законските одредби кои ги имаме. Преземањето и неовластеното реобјавување на фотографии на разни лица, малолетни и полнолетни, повеќето од нив припаднички на женскиот пол, е казниво по закон. Нивната објава, парафразирање и поврзување во порнографски контекст е битие кое е инкриминирано низ неколку кривични дела присутни во Кривичниот законик (КЗ) – насловени како „Злоупотреба на лични податоци“ во член 149 од КЗ и „Производство и диструбицја на детски порнографски материјал“ во член 193-а став 3, а во најава е и воведување на ново кривично дело „Демнење“.
Скандализирањето на јавноста од контиунираното егзистирање на јавната соба, мора да го пробуди и органот со предзнак „јавно“ во неговиот назив. Тоа е јавното обвинителство, како единствен државен орган овластен за кривичен прогон. Оваа значајна институција во правниот систем, да не заборавиме, се финансира од средствата на даночните обврзници, меѓу другото, од даноците токму на жртвите на случувањата како порнографската група, симболично именувана како „Јавна соба“. Основните јавни обвинителства, време е, целосно да се стават во погон и да започнат со постапување по принципот на допрен глас и не секогаш да чекаат иницијатива од страна на самите жртви.
Повторувањето е мајка на знаењето, но да се надеваме дека овој пат ќе биде и мајка на постапувањето. Да повториме дека јавните обвинители го немаат луксузот да останат пасивни и натаму, имајќи предвид дека бројното членство на озлогласената група не го претставуваат некакви алгоритми, ниту некаква аналитика. Повеќето од нив, очигледно, не се ниту лажни профили. Тоа се живи луѓе, гласачи, наши сограѓани, од кои извесен број, многу веројатно, се и во наша непосредна близина. Нивна заедничка црта е што сите тие толку милуваат да препраќаат туѓи интимни фотографии, вклучувајќи и онакви со малолетници кои неспорно имаат порнографски контекст и коментар. Ваквата исклучително сурова реалност треба итно да не отрезни како заедница и да го вклучи алармот кај обвинителството. Процесуирањето и брзиот епилог се единственото можно решение за превенирање на идна појава на вакви, физички или виртуелни, соби и групи.
Институциите мора да реагираат
Ако не сакаме да дозволиме целокупното македонско општество, неминовно, да се преслика во една огромна јавна соба на воајери, мора да ги гониме оние кои безмилосно газат врз нечие право на приватност и право на избор – на сопствен профил, на која и да е социјална мрежа, да се објават онакви нешта и фотографии какви што лицето само ќе одлучи. Психичкото и сексуалното изживување упатено до недолжни граѓани, мора да биде гонето, за на тој начин на предаторите да им биде ставено до знаење – молкот и пасивноста веќе ги нема. Се што е спротивно од ова значи само своевиден поттик и охрабрување на сторителите. Следствено, да не бидеме изненадени како од ланскиот снег, ако културата на континуирана неказнивост, квантитативно и квалитативно, не одведе до постојан пораст на ваквите немили настани и ја факторизира културата на насилство.
Насилството не е ничија приватна работа, туку тоа е сериозен општествен минус. Повторното актуелизирање на полутајната порнографска и воајерска група која изобилува со разни демначи, покажа и докажа, дека во ова сме сите заедно. Не одведе кон заклучокот дека јавната соба не ни се повтори, туку никогаш не се ни затвори. Криците на јавноста се тука, некои од нив охрабрувачки, а други, прилично разочарувачки. Состојбата е таква каква што е, македонското општество е длабоко поларизирано по многу основи, па така и по оваа. Но, евидентно е дека како граѓанство и систем, ја изгубивме и ја немаме привилегијата за „заташкување“ и ставање под тепих на ваквите неславни епизоди, каде се поигрува со приватноста на единката. Продолжувањето на ерата на непостапување или делумно постапување, означува нова, темпирана бомба, која кога тогаш, ќе создаде идни насилници и преку која ќе сведочиме за еден од нашите најтешки порази како граѓани.
Заштити ја ќерка ти или едуцирај го син ти? Или заштити ја ќерката токму преку едукацијата на синот? Или и двете? Негативните општествени феномени потврдуваат дека нивното сузбивање и надминување е возможно само преку здружени сили. Вистинските агенти на промена ја претставуваат комбинацијата од институции кои се ажурни и агилни, но и обединета јавност, која гласно вели не и пружа кристално чиста поддршка. Неодамнешниот протест за родова еднаквост и повиците за дејствување на Министерството за внатрешни работи и на Основното јавно обвинителство, потврдуваат дека јавноста овој пат, навистина, ќе притиска до крај. Овие две институции, заедно со судот, треба да продолжат со идентификувањето на луѓето, за кои низ соодветна постапка, понатаму, ќе се утврдува основот и степенот на кривична одговорност. Граѓанското будно око, недвојбено, ги очекува одговорите за активностите на креаторот на групата, нејзиниот администратор и членовите.
Summa summarum, поуката која како граѓанство треба да ја извлечеме е дека ваквите нуспојави и инциденти зборуваат за нужната промена на нашата колективна ментална матрица. „Разголувањето“ на жените од сите, за нив, историски наметнати очекувања и стеги, означува една контиунирана битка, која ако ја извојуваме, на крајот ќе доведе до подобро општество за сите. И во истата таа битка, ние, мажите треба да бидеме еднакво присутни и гласни. Затоа, да не ја пропуштиме оваа прилика за исчекор напред, која можеби е и една од последните кои ни се укажуваат.
Иван Дургутов
*** Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.