март 11, 2020

„Сè е во согласност со Уставот и законите“

Вилдан Дрпљанин.

Законската регулатива мора да стане достапна за работниците и да им понуди поедноставено и разбирливо информирање за правата и процедурите за заштита.

Доколку решите да пријавите прекршување на некое од вашите работнички права, еден од најчестите одговори што веројатно ќе ги добиете од Државниот инспекторат за труд е „Во врска со посочениот настан, извршен е увид, постапено е согласно Законот и не се утврдени неправилности.“. Јавно експонираните случаи каде работничка не може да се одјави од работното место четири месеци по давањето на отказ кај работодавачот и податоците дека од 20 иницирани постапки во 9 месеци, Инспекторатот утврдил прекршувања само во еден случај, укажуваат дека трудовата инспекција потфрла со својата обврска да обезбеди соодветна заштита на работниците. Оттука, не е изненадувачки фактот што Државниот инспекторат за труд (ДИТ) и неговите подрачни единици се институционалните механизми за чија работа граѓаните искажале највисок степен на незадоволство. Ова е особено загрижувачки затоа што најчестите случаи по кои постапува ДИТ се поврзани со неисплатени плати и придонеси, откази, непријавена прекувремена работа, изигрување на обврската за исплаќање регрес за годишен одмор (К-15) и безбедноста и здравјето при работа (БЗР), сите тесно врзани со егзистенцијалниот статус на работникот. Имајќи предвид дека минатата година се донесе целосно нов Закон за инспекциски надзор, кој започна да се применува пред речиси три месеци (член 110), ова е добра прилика да се анализира работењето на ДИТ и да се согледаат неговите најголеми слабости.

Одговорна ли е инспекцијата на трудот за проблемите во своето работење?

Трудовата инспекција е задолжена за примарната институционална заштита на правата од работен однос и треба да гарантира доследно почитување и примена на прописите од областа на трудот.

ДИТ е орган со својство на правно лице во состав на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и неговата работа во најголем дел е дефинирана со Законот за инспекциски надзор, Законот за инспекцијата на трудот и Законот за прекршоците. Сепак, ДИТ само формално-правно е орган во составот на МТСП затоа што Инспекторатот располага со сопствена буџетска сметка како буџетски корисник од прва линија, самостојно врши вработувања и директорот се именува и разрешува од страна на Владата (член 27[1]). Инспекторите на трудот можат да поведат постапки пред соодветен суд и да изрекуваат забрани, казни и други санкции, а врз нивната работа ефективна контрола врши Инспекцискиот совет, кој исто така претставува самостоен орган (член 16 [1]). Ова значи дека ДИТ ги има потребните предуслови за независност и ефикасност предвидени во рамките на ЕУ директивите и меѓународните документи кои ги има ратификувано Македонија и со тоа се отфрла претпоставката дека проблемите на ДИТ лежат во поставеноста на системот.

Зошто тогаш, во пракса, инспекторите не ги користат до крај законски дадените можности, а системот на пријавување на повредите на работничките права не е прилагоден на потребите на работниците?

Ако ги прашате претставниците на ДИТ, тие веднаш ќе посочат кон кадровските и материјалните недостатоци на инспекторатите, на потребата од постојана обука на инспекторите, како и неопходноста од зголемување на платите и исплата на ризикот за теренска работа. Неспорно е дека постои недостаток од соодветна екипираност во одредени сектори (како што е малиот број од 35 инспектори за БЗР), како и од ресурси, на пример, за превозни средства и барем еден информатичар и/или служба за одржување на компјутерите и системот. Сепак, неизбежно е да се постави прашањето колку ефикасно ДИТ ги користи и оние ресурси кои веќе му стојат на располагање.

Според податоците, ДИТ брои 103 вработени инспектори за областите на работни односи и БЗР, распоредени во 30 подрачја. Сите инспектори заедно, во 2017 година формално извршиле вкупно 31.690 инспекциски надзори, односно само 1,2 инспекциски надзори дневно, по инспектор. Тоа е последната година за која се достапни податоци на страницата на ДИТ, но дури и оваа бројка е нереално висока. Многу често, веднаш по пријавата, инспекторите стапуваат во контакт со работодавачите и така ги неутрализираат можните прекршоци и неправилности или пак, воопшто не ги извршуваат инспекциските надзори. Дополнително, раководните лица на ДИТ се едни од најтивките во јавноста, па така речиси и да не може да се најде медиумска објава каде тие бараат решение на проблемите со кои се соочуваат и кои ги повторуваат секогаш кога се бара нивна одговорност за непостапувањето. Инспекторите ги водат сите предмети рачно во писмена форма и сите информации се собираат и распределуваат рачно без воопшто да се разгледуваат можности за современ софтверски систем за водење на случаите, а некои подрачни единици немаат дури ниту функционални телефонски линии.

Сето ова посочува дека главните предизвици на ДИТ не се организациски затоа што Инспекторатот не ги користи доволно ефикасно ниту ресурсите кои веќе му се на располагање и покрај тоа што секоја година има солиден буџет од околу 1,7 милиони евра.

Дали и колку е ефикасен ДИТ во заштитата на работничките права?

Во последните 18 месеци, Хелсиншкиот комитет за човекови права ја набљудуваше работата на ДИТ и неговото постапување во однос на прекршувањата на работничките права. Правниот тим на Хелсиншкиот комитет ја користеше алатката за поднесување барања за вонредни инспекциски надзори онаму каде што е очигледно дека постојат прекршувања кои треба да бидат отстранети. Сепак, наспроти очекувањата дека ДИТ во најголем дел од овие случаи ќе побара отстранување на повредите, речиси четири од пет случаи имале негативен епилог, односно само 22 отсто од сите пријавени случаи завршиле со утврдени прекршувања на работничките права. Поточно, во периодот од август 2018 до јануари 2020 година, беа поднесени вкупно 100 барања за вонреден инспекциски надзор. За 41 од нив никогаш не е доставен одговор, а во 37 случаи ДИТ одговори дека не утврдил прекршувања на работничките права. Речиси во сите 63 случаи за кои има одговорено, со исклучок на два, ДИТ има доставено само известување, без воопшто да овозможи увид во целокупната документација од извршениот надзор.

Во тој поглед, не може да се воочи значајна видлива разлика помеѓу Државниот инспекторат за труд и неговите подрачни единици низ државата, затоа што се чини дека постапувањата наликуваат едни на други без разлика на подрачјето каде што се спроведени. На пример, во периодот од август 2018 година до март 2019 година, беа испратени вкупно 45 барања за вонреден инспекциски надзор до различни делови од државата, но процентот на успешност беше приближно еднаков со генералниот просек од 22 отсто.

Извор: Хелсиншки комитет за човекови права

Слично, без разлика на периодот во кој Хелсиншки се обраќал до ДИТ, на инспекторите вообичаено им биле потребни најмалку 30 дена за да одговорат, а неретко тој рок надминувал и повеќе од 45 дена. За илустрација, во периодот од април до јуни 2019 година за сите поднесени барања одговорот бил доставен во период од 30 до 45 или повеќе дена.

За ДИТ не игра никаква улога ниту конкретната повреда за која е поднесено барањето. Ова е видливо и за периодот од јули до октомври 2019 година, каде имаше различен вид на пријави, но постапувањето на инспекторите и успешноста беа исти, независно од повредата.

Извор: Хелсиншки комитет за човекови права

Од податоците очигледно произлегува дека ДИТ не ја разбира важноста на улогата која таа институција треба да ја игра во спроведувањето на трудовото законодавство и заштитата на работничките права. Тоа уште еднаш се потврдува и со фактот што во целиот период од 18 месеци, Хелсиншкиот комитет ги потенцира истите препораки, кои ДИТ одбива да ги имплементира или пак, воопшто да ја разгледа нивната применливост.

Што да се направи?

Итно е потребно ДИТ да ја трансформира својата улога од „закржлавен“ орган кој најчесто не постапува соодветно или не постапува воопшто, во институција која пред сè превентивно ќе влијае во насока на обезбедување на заштита на работниците. Инспекторатот може да иницира подобрување на своите капацитети со тоа што, заедно со МТСП и Владата, ќе прецизира методологија и стандарди како да се одвојат дополнителни буџетски средства за институционална поддршка и за организирање на редовни обуки на засегнатите кадри. Тоа пред сè би вклучувало дигитализација на работата на ДИТ и зголемување на транспарентноста преку задолжително водење на архиви и јавно објавување на незаштитените информации. Дотогаш, ДИТ има законска обврска да постапува темелно во однос на пријавените повреди, а Инспекцискиот совет да ја контролира работата на ДИТ. Воспоставените механизми за пријавување на повреди на работничките права и целото постапување на ДИТ во овој момент се нефункционални и фигурираат само како формално достапен систем на заштита без вистински придобивки за работниците. Со оглед на тоа што регулативата која се однесува на трудовиот инспекторат е доволна и соодветна, вистинската улога на ДИТ не бара законски туку практични промени кои ќе ја ослободат од надворешни влијанија и ќе ја зајакнат како независна, па дури и недопирлива за органите на власта. Во секој случај, законската регулатива мора да стане достапна за работниците и да им понуди поедноставено и разбирливо информирање за правата и процедурите за заштита.


Вилдан Дрпљанин е активист за човекови права, правен советник во Хелсиншкиот комитет и член на Управниот одбор на Младински образовен форум. Дипломира на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и магистрира во областа на правото на интелектуална сопственост во програма за двојна диплома организирана од Универзитетот во Стразбур, каде пишува за конфликтот помеѓу спроведувањето на авторското право и слободата на изразување. Се специјализира во областа на човековите права, како дел од магистерската програма за меѓународно јавно право на Универзитетот во Утрехт, Холандија, каде магистрира со одликување cum laude.