јули 20, 2019

Прекршочна и кривична пријава до ДТУ доколку не постапи по решенијата на инспекторот Илиевски

Доколку решенијата за поништување на незаконски стекнатите виши звања на тројцата функционери од ДУИ, не бидат прифатени од ректорот на Тетовскиот универзитет во понеделник, ќе следуваат прекршочна и кривична пријава, се закани вишиот просветен инспекор , Ѓорги Илиевски. Поради јавното објавување на имињата на функционерите, Дисциплинската комисија при Државниот просветен инспекторат вчера одлучи да предложи до директорот на Инспекторатот, да му изрече дисциплинска мерка на Илиевски. Инспекторот се сомнева дека тоа ќе значи бркање од работа на 6 месеци до пензионирањето.

Иако Второстепената комисија при Државниот тетовски универзитет не ги прифати решенијата и упати жалба до вишиот инспектор Ѓорѓи Илиевски, тој најавува прекршочна и кривична пријава до универзитетот и неговиот ректор, доколку во понеделник не бидат прифатени решенијата за укинување на незаконски стекнатите звања на тројцата функционери од ДУИ.

Тоа порамнување за непочитување на моите дадени решенија и мерки кои што треба да бидат, тоа е согласно законот. Ако не се порамниме во тој дел, тогаш јас покренувам прекршочна пријава, а во исто време можам и ќе покренам и кривична пријава во тој дел, бидејќи е незаконит, рече Ѓорѓи Илиевски- виш просветен инспектор во ДПИ.

Реакцијата на  Илиевски доаѓа по одлуката на Дисциплинската комисија при ДПИ. На вчерашната седница, на која на новинарите им беше забрането да присуствуваат, комисијата одлучи да му предложи на директорот на Инспекторатот, против кого Илиевски веќе покрена кривична пријава, да изрече дисциплинска мерка во рок од 7 дена, за која инспекторот се сомнева дека ќе биде отказ од работа, на 6 месеци до пензионирањето. Илиевски случајот го пријавил во ДКСК, во ЈО и во Финансиската полиција, а ги известил и францускиот амбасадор, Холандската амбасада и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Од Хелсиншки, присуствуваа на седницата на Дисциплинската комисија и констатирале кршење на правата на вишиот просветен инспектор.

На почетокот имаше забелешки дека дел од луѓето кои што присуствуваа во комисијата, имаат личен интерес тој да биде казнет, односно да не може да продолжи со случајот понатаму. И во голем дел од неговите наводи, кога тргнуваше да ги образложува, беше прекинуван со образложение дека тоа не спаѓа во точката за која се дискутира, дека не е дел од фактичката состојба, констатира Вилдан Дрпљанин- Хелсиншки комитет за човекови права.

Инспекторот Ѓорги Илиевски во јавноста ги објави имињата на министерот за образование Арбер Адеми, на заменик министерот во МВР, Агим Нухиу и на директорот на Агенцијата за државна индустриска сопственост, Сафет Емрули, дека незаконски се стекнале со виши звања на Тетовскиот универзитет. Дисциплинската постапка против него е поведена поради констатирано кршење на Етичкиот кодекс со објавување на имињата, додека траела постапката за утврдување на одговорноста на функционерите.

Сотир Трајков