април 3, 2020

Пировска: Жртвите на насилство без доверба во институциите поради ретките казни што сторителите ги заслужуваат

Непријавување на насилство од жртвите е последица на недовербата во институциите и ретките казни што сторителите ги заслужуваат. Ова го посочи Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет, во денешното гостување на „Утрински Брифинг“ на „Слободна ТВ“. Ваквиот нејзин став се однесува на видеото со возменирувачка содржина што вчера се рашири, најпрво низ социјалните платформи, а потоа и во медиумите, во кое се гледа како две момчиња тепаат девојка во влез од зграда.

„Апелиравме дека не треба да се шири тоа видео. Меѓутоа луѓето во најголем дел немаат претстава што значи двојна виктимизација. Жртвата во вакви ситуации честопати наидува на осуда во средината во која живее. Многумина, за жал, сè уште мислат дека насилството е нормално“, истакна Пировска.

Таа не исклучува можност за зголемен процент на случаи на семејно насилство во услови на вонредна состојба. Неретко, вели Пировска, жртвите наместо да пријават кај институциите, се обраќаат за помош во организации како нашата кои работат на таа проблематика.

„Жртвите немаат доверба во институциите. Не пријавуваат оти не веруваат дека ќе бидат заштитени. Тоа не е за осуда ако се има предвид дека насилниците многу ретко ја добиваат заслужената санкција. Обесхрабрени се бидејќи системот не реагира соодветно на родово базирано насилство“, вели Пировска.

Затоа е важно, смета таа, како Обвинителството ќе постапи во врска со случајот на тепаното девојче во Штип. Тоа, потенцира таа, може да биде (не)мотивирачки и о(бес)храбрувачки за жртвите на насилство во иднина. Видеото е старо два месеца, но досега не било објавено поради, како што рече жртвата, притисоците што ги имала да молчи.

„Видеото со девојчето како да ја разбуди јавноста која не е свесна дека се случуваат такви работи. Од нашите досегашни искуства, сме биле сведоци на пријавување на жртвите, но и нивно повлекување во тек на постапката. Важна е реакцијата на Обвинителството и како ќе се гонат лицата за жртвите кои молчат, а се дел од насилство, да се охрабрат и во иднина да ги пријавуваат случаите“, рече извршната директорка на Хелсиншки комитет.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот дел, набрзо по објавата на видеото, ги идентификува и лиши од слобода лицата С.А. и П.Р. од Штип кои се предмет на натамошно постапување. За случајот е известено и Основното Јавно Обвинителство.