ноември 16, 2020

Пандемски профитерски поход: Здравје за богатите, смрт и трауми за сиромашните

Трошоците за еден болен за Ковид терапија се 35 пати повисоки од пресметаните трошоци за здравје предвидени за месец октомври во синдикалната потрошувачката кошница. Повеќе од една третина од граѓаните треба да ја дадат речиси целата своја плата за Ковид терапија и еден контролен негативен тест без којшто во приватниот сектор не можете да се вратите на работното место.  Приватните болници не ги примаат итните случаи без итен тест од 12.000 денари. (Втор дел) За првиот дел кликнете овде.

Репортери: Лила КараташеваДајана Лазаревскa; Илустрација: Лука Блажев

Ковид 19 ги покажа ефектите во државното здравство од децениски лошите политики. Но, ги покажува и последиците од влијанието на круговите на малкумина моќници врз менаџирањето на Фондот за здравство. Во последните две децении се одлеаја стотици милиони евра на сметка на приватните интереси. Сега системот е пред нов предизвик, но и притисок: Круговите на моќ насетија дека државното здравство е на работ на немоќта. Како и во првиот бран, така и во овој видоа шанса за профит во време на пандемија. Овој пат, цената е многу повисока, a парите се клучни во опстанокот.

Заработките од скапите приватни тестови се вртоглави. Се нудат пакети за постковидни проверки како рентген и лаборатории, додека граѓаните мачат мака да добијат навремена дијагноза и да закажат термини. Се нуди ексклузивна и скапа нега за ковид болните кои се во критична состојба и мораат да бидат хоспитализирани, а не успеале да добијат болнички кревет во државното здравство. Во рекламите на приватните болници, се води цела аниткампања против државното здравство. Се прикажуваат среќни и задоволни пациенти кои што не штедат лоши и веројатно заслужени зборови за нивниот престој во некоја од приватните болници.

Човек носи вода, овошје и сок во модуларната Ковид 19 болница во Скопје

Но, една третина од вработените во земјава треба да ја потрошат цела своја плата само за основната терапија и еден контролен тест доколку се Ковид позитивни. Државните тестирања потешко се закажуваат и резултатите доцна се добиваат.

Масовното тестирање, иако се вбројува меѓу дел од успешните методи за контрола на заболени и спречување на нови случаи е скап модел кој не секоја држава може да си го дозволи за сите свои граѓани. Втората опција е приватен тест којшто во просек чини од 2.000 до 4.000 денари. Кај ранливите граѓани или оние со послаб имунитет, навремениот тест буквално значи живот. Но, за скромниот домашен буџет овој трошок е голем.

Итните случаи во приватна болница не ги примаат без брз тест од 12.000 денари

Маја Павловска од Скопје не успеа навреме да и’ обезбеди место на нејзината мајка во болница затоа што немаше доказ дека навистина умира од компликации од Корона вирусот. Минатата недела почина и беше постхумно дијагностицирана како позитивна. Оваа 60 годишна скопјанка добила термин за тестирање дури за четири дена од првите симптоми на вирусот.

Првата врата била болницата 8-ми септември. Ја примиле и и’ ја дале и неопходната кислородна поддршка. Додека ги чекале резултатите од ренген и лабораторија престојувала во амбулантниот дел. Резултатот не бил поволен, мајката на Маја веќе имала масовна пневмонија со едно целосно зафатено белодробно крило. Но, таа ноќ во болницата 8-ми септември немало ниедно слободно место, а пациентката морала да биде веднаш хоспитализирана. Докторот итно ги препратил во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби или во Институт за белодробни заболувања и туберкулоза TБЦ или во детската болница во Козле. Немале среќа. Пробале и во приватна болница.

„Не сакаа да не’ примат дури ни во приватните болници, требаше да помине ноќта која беше критична за дури утрото да ја тестираат со брз тест кој чини 12.000 денари, па потоа да си бараме сместување“.

По одбивањето од останатите болници, Маја Павловска заедно со својата мајка се вратила во болницата 8-ми септември. Заедно со докторите чекале да се ослободи место.

„Жално што нашиот систем го доживува ова. Никому не му посакувам ништо лошо, загубата на нечиј човечки живот не треба да биде решение за да се спаси друг човечки живот.“

Во 8-ми септември утрото се ослободил болнички кревет за нејзината мајка, која била приклучена на потребните апарати за да и’ го олеснат животот. Два дена потоа го загубила животот, а коронавирус и бил констатиран дури на денот на нејзиниот погреб.

Крик за помош

Последна надеж да преживее за Југослав Николиќ беше хуманоста. Беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија, но здравствената состојба му се влошуваше. Се надеваше дека животот ќе му биде спасен ако продолжи да се лекува во приватна болница.

„Сметам дека клиниката не може да ми ги пружи идеалните услови за мојот организам да има шанса во оваа борба. Потребни ми се средства за да се лекувам во приватна клиника бидејќи сметам дека медицинскиот тим може да ми пружи подобри шанси за живот, но ми недостасуваат уште 9.000 евра“ – напиша Југослав на социјалната мрежа „Фејсбук“. 

Но, само еден ден подоцна Југослав почина како последица на коронавирусот. Неговиот апел беше еден од првите упатени на социјалните мрежи каде што секојдневно во изминатите 10 дена гледаме повици за помош за лекување во приватна болница за кое се бараат и авансно неколку илјади евра. Лекување од Ковид достигнува и до 20.000 евра.

Роднините на Југослав ги молат хуманите граѓани да не донираат пари Вкупно 89 пациенти со Ковид 19 моментално се лекуваат во приватните болници „Жан Митрев“ и „Аџибадем систина“. За разлика од јавното здравство, каде што и докторите и министерот Венко Филипче кажуваат со какви методи се лечат пациентите кои се хоспитализирани на државните клиники, од приватните болници не откриваат кои методи ги применуваат на нивните пациенти.

Во „ Жан Митрев“ моментално се хоспитализирани над 60 пациени со Ковид 19. Според одговорите кои ИРЛ ги доби од клиниката, најголем дел се со сериозна клиничка слика.

„Од почетокот на пандемијата до сега имаме хоспитализирано над 260 пациенти. Имаме и долга листа на чекање, така што штом еден пациент ќе оздрави, веднаш примаме нов. Досега во нашата клиника имаме отпуштено 200 излечени пациенти“, одговорија од болницата.

Во „Жан Митрев“ еден болнички ден за пациенти заразени со Ковид 19 чини 36.000 денари, како што велат во болницата во оваа сума се вклучени и сите оперативни трошоци наменети за интензивно лекување на пациентите. Цената не вклучува поскапи методи како хемофилтрација.

Систина не кажува колку чини болнички ден

Од „Аџибадем Систина“ велат дека досега Центарот за третман на пациенти со Ковид-19 во нивната болница биле хоспитализирани вкупно 87 пациенти заразени со Ковид 19, а успешно се излекувале 49 пациенти. Но, одбиваат да кажат дека колку чини болнички ден, бидејќи тоа било индивидуално и зависело од методите на лекување кои ги применуваат. Ниту една приватна болница за разлика од државните не го откриваат протоколот и методите на лекување.

„Моментално, хоспитализирани се 29 пациенти со Ковид-19, од кои 28 се сместени во ковид-стационарот, а еден пациент е сместен и се третира на општа интензивна нега“, велат од Систина.

Трошоците за еден болен за ковид терапија се 35 пати повисоки од пресметаните трошоци во потрошувачката кошница

Суспектните пациенти со симптоми се праќаат на рентген и на лабораторија веднаш со цел да се утврди дали има некоја инфекција. Контролна лабораторија и рентген им се прави на сите болни по терапијата. Но, термините не се чести, а и многу граѓани немаат осигурување. Пред приватните болници направени се амбуланти во кои што секојдневно има редици од луѓе кои што прават лабораторија, ренген и преглед. Тоа во болницата „Жан Митрев“ чини 11,700 денари.

За очигледниот проблем со нееднаквоста во пристапот до здравствена заштита се активира и светската научна јавност. Речиси сите публикувани трудови за социјалното влијание на пандемијата и врските со здравствениот систем  повикуваат на итна светска акција која што ќе го спречи страдањето пред се земјите во развој и неразвиените земји каде што не може да се оствари правото за здравствена заштита. Едно истражување од Универзитетот Астон од Биргмингем, упатува на активирање на механизмите на Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права кој што предвидува меѓународна интервенција по вакви прашања.

„И силни држави со значителни капацитети, ресурси и инфраструктура сега сфатија колку е тешко да се гарантира правото на здравје за сите свои граѓани. За државите со ниски примања и слабите држави, ширењето на КОВИД-19 интензивира многу проблеми во здравствените систем. Меѓународните организации, националните влади и локалните недржавни актери ги здружуваат своите ресурси, можат барем привремено да го компензираат недостатокот на државни капацитети и да преземат функции слични на државата во остварувањето на правото на здравје”, се вели во истражувањето од Универзитетот Астон. 

Друго истражување во САД покажува дека бројот на инфицирани, хоспитализирани и починати е многу поголем кај ранливите категории и социјално загрозените и граѓани со ниски примања. ИРЛ во април годинава се обрати до Владата со цел да не упатат во институцијата која е надлежна да води и обработува податоци за социјалната структира на заболените, заразените и мртвите. Од таму телефонски ни одговорија дека не се обработуваат такви податоци.

Терапијата зависи од длабочината на џебот

Новинарите на ИРЛ направија повеќе до 20 интервјуа со матични лекари со цел да ја идентификуваат просечната ковид терапија, а истата ја споредивме и со протоколот на Министерството за здравство. Ги земавме пониските цени во понудената палета на витамини и други лекови. Пресметката е само за лекувањето, но не и за следењето и дијагностиката, кои потоа чинат многу. Исто е и со контролниот тест без којшто вработените во приваниот сектор не можат да се вратат на работа, а истите повеќе не се покриени од Фоднот за здравство. Матичните лекари со кои што разговараше ИРЛ велат дека терапијата е скапа и најголемиот дел не може да се покрие со здравственото осигурување. Не е вклучена и неопходната здрава исхрана, ниту постковидната витаминска и имунолошка терапија.

„Ние ќе им ги препорачаме сите комбинации на витамини, на крајот ќе купат витамин ц и витамин д и тоа не од доволно препорачливи милиграми. На крајот тие пациенти завршуваат во болници.“, велат лекарите.

Според последната публикација „Македонија во бројки“ која што ја изработува Агенцијата за статистика две третини од вработените во земјава земаат плата помала од просечната. Само 3 отсто земаат плата поголема од 50, 000 денари. Повеќе од една третина од вработените земаат плата помала од 250 евра. Втората третина зема плата помеѓу 260 и 400 евра. 22 проценти земаат плата помеѓу 400 и 820 евра и едвај 4 проценти плата поголема од 850 евра.

 

Потрошувачката кошница за едно четиричлено семејство за месец октомври изнесува 33.704 денари. Најголем дел од домашниот буџет се троши за храна и пијалоци или околу 14.000 денари. Голем е и делот што со одвојува за комуналии и домување односно 10.812 денари. Кошницата не е прилагодена за вакви времиња кога се менуваат приоритетите на трошење во секој дом. За минатиот месец за одржување на здравјето остануваат само 716 денари за четирчлено семејство. Толку пари чини само еден од витамините кои ги препорачуваат лекарите за да го јакнеме имунитетот како превенција од корона вирусот

Поврзани стории: Маски со лажни сертификати за заштита од корона завршиле низ болниците во Македонија, ОЛАФ води меѓународна истрага


Според статистиките на Државниот завод за статистика две третини од македонските граѓани земаат плата помала од просечната која во моментов изнесува 27.535 денари.

Приватните здравствени институции да покажат хуманост и солидарност

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дкеа Владата мора да почне да размислува итно за ублажување на финансиските удари врз граѓаните и справување со хаосот во приватните болнции.

„Правото на пристап до здравствена заштита е универзално човеково право кое како такво е од значење за граѓаните само доколку има соодветна операционализација. Не е непознато и мислам дека нема дилеми за тоа во каква состојба се наоѓа нашиот здравствен систем, што е последица на повеќе децениска негрижа и неинвестирање во неговите капацитети. Беше јасно дека во услови на рапидно зголемен број на ковид пациенти, ќе се соочиме со немање на ресурси, со немање на болнички кревети и лекари. Во такви услови, услови на пандемија и висок морбидитет, енормно високите цени за здравствени услуги кои ги наплатуваат приватните клиники е рамно на воено профитерство! Профитот е поважен од човечкиот живот. Приватните болници треба да ја покажат во овие моменти својата хуманост и да ги стават своите ресурси на располагање на граѓаните со партиципација која би ја плаќале во државните клиники, а не по тие астрномски суми кои само мал процент на граѓани можат да си ги обезбедат”, вели Уранија Пировска, претседателка на Хелсиншкиот комитет.

Првиот дел од длабинската анализа на ИРЛ за кондицијата на здравствениот систем прочитајте го на линкот подолу.

Податоците кои ги обработи ИРЛ покажуваат дека многу брзо расте бројот на новозаболени од Ковид 19, додека бројот на оздравени не се зголемува доволно брзо за да се ослободат доволно кревети за новите пациенти кои треба да бидат хоспитализирани. Бројот на мртви во сегашниот бран во споредба со првиот пролетен бран кога имаше построги мерки е до пет пати повисок.