Пандемијата и изборите ги „вжештија“ социјалните со говор на омраза
мај 19, 2020
Корона кризата и политичките тензии во пресрет на предвремените парламентарни избори го „подгреа“ говорот на омраза на Интернет. Само во април Хелсиншкиот комитет за човекови права нотирал 112 пријави – двојно повеќе од истиот период лани.
Најмногу од пријавите се регистрирани од 10-ти до 20-ти април. Тоа е периодот кој се поклопува со носењето нови порестриктивни мерки за справување со КОВИД-19 и карантинскиот полициски час за Велигден.
Анализата на Хелсиншки покажува дека минатиот месец доминирал говорот на омраза по етничка припадност со 36 отсто, 24 отсто од пријавите биле по политички основ, а 11 проценти по основ на здравствена состојба.
„Ние ова го очекувавме, пред се, поради пандемијата и прогласувањето на вонредната состојба, потоа протокот на непроверени лажни вести на медиумите кои знаете дека често пати можат да предизвикуваат говор на омраза на социјалните медиуми но исто така и таа јавна дебата која се случуваше во нашето општество што беше предизвикувана од мерките кои беа преземени од страна на владата.“ вели Александар Јованоски, Хелсиншки комитет за човекови права .
Иако состојбата со пандемијата полека стивнува, вели Јованоски, сајбер-нападите ќе се засилат и во периодот што следува поради изборите. Според него, кампањските препукувања на политичарите на социјалните мрежи ќе бидат главниот „виновник“ за заканите и погрдните зборови кои ќе ги шират луѓето меѓу себе со политичките неистомисленици.
„И тогаш, кога беа објавени претседателските избори и за време на кампањата, иако кандидатите од двете најголеми политички табори не изразуваа директен говор на омраза, сепак нивните постови на социјалните медиуми предизвикуваа граѓаните меѓу себе да употребуваат говор на омраза кој првенствено беше базиран врз политичка припадност. Така што трендот од лани можеме да го предвидиме и за оваа година.“ вели Александар Јованоски, Хелсиншки комитет за човекови права .
Во државата е донесена само една правосилна одлука за говор на омраза. Поради овој алармантен податок, велат од Хелсиншки, се додека не се воведе принцип на казнивост, говорот на омраза нема да се стави под контрола.