декември 22, 2020

Пандемија во сенка на ковид-19: Жените не секогаш пријавуваат дека некој дома ги тепа!

,,Во моментот кога почнав и јас да се однесувам како него, да навредувам, да кршам и малку фалеше да ги удрам најмилите, сфатив дека морам да ставам крај. Не бев тоа јас, не беше тоа јас што го сакам, беше некој друг кој со години се бореше. Морав да заминам од таму.”

„Стоев на мост, ја гледав водата, сакав да завршам, ги гледав раните на рацете кои си ги правев, некако се навикнав на болката која ми ја нанесуваше, дури и не ме болеше. Се чувствував виновно, безвредно и гнасно, сакав се да заврши. Во еден момент станав и заминав во полиција, кажав се, мислев дека никој нема да ми верува и дека ќе ми ја нанесат истата болка како и дома. Периодот што следеше беше пекол, но започна нова ера во мојот живот и уште учам да живеам без насилство.”

Вака изгледаат личните сведоштва на жртвите на семејно насилство кои со години трпеле тепање, малтретирање и психолошки притисоци од страна на нивните сопрузи, партнери или членови на семејството. Тие се објавени на мобилната апликација „Биди безбедна”, која што има за цел да понуди прва и итна помош за жртвите на семејно насилство.

Молчењето ги охрабрува насилниците

Корона-кризата ја отвори старата рана, онаа на зачестени семејни конфликти кои резултираат со агресија и повредување. Но, невладините организации кои работат со жртвите на семејно насилство предупредуваат и на најголемиот проблем, а тоа е дека не сите што се удирани и малтретирани во домот го пријавуваат ова. Често се молчи, се трпи и се стискаат забите, што уште повеќе ги охрабрува насилниците да продолжат со своето деструктивно поведение.

Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува и на несовесното работење во службата на дел од полициските службеници, што го илустрира со последниот пример на родово базирано насилство во Тетово. Жената неколку пати пријавувала дека сопругот вербално и невербално ја заплашувал, ја силувал, ја принудувал, ја демнел, физички ја напаѓал и ја лишувал од месечната заработка. Индиректни жртви биле нивните малолетни деца кои најчесто биле сведоци на силувањето и на физичкото насилство. Пред последниот инцидент во низата кои биле пријавувани, утврдено било дека насилникот има коронавирус. Како што се наведува во месечниот извештај за ноември на Хелсиншкиот комитет за човекови права, на 17 ноември околу 22 часот, кога жената била физички нападната од сопругот, случајот веднаш го пријавила во полиција. Одговорот од надлежната полициска станица во Тетово бил дека не можат да интервенираат во конкретниот случај бидејќи сторителот е позитивен на Ковид 19!

„Додека насилникот ја малтретирал пред нивните деца, полициските службеници и се јавувале по телефон на жртвата која била во опасност, за дежурните службеници да слушаат што се случува во живо во куќата. Полициските службеници иако знаеле и биле свесни дека животот и здравјето на жртвата се ставени под сериозен ризик, тие свесно одлучиле да не интервенираат во домот поради тоа што насилникот бил позитивен на коронавирусот. Дополнително, Секторот за внатрешни работи Тетово, располага со заштитна опрема за вирусот Ковид 19”, наведуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права во својот месечен извештај.

Во случаи кога семејното насилство останува непријавено или пак релевантните институции, како Министерството за внатрешни работи, на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, се зголемува веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид. Оттука, недозволиво е полициските службеници кои треба да бидат во првите борбени редови за заштита на жртвите од семејно насилство, да не ја носат потребната заштитна опрема за вирусот ковид-19 и со тоа несовесно постапување да ги повредат човековите права на жртвите ставајќи ги нивните животи во опасност.

Од Хелсиншкиот комитет се децидни дека во конкретниот случај, полициските службеници грубо ги повредиле одредбите од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство каде во членот 29 е предвидено дека полицискиот службеник секогаш кога има пријава за семејно насилство, а заради отстранување на непосредна и сериозна опасност по животот и физичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство, должен е да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот.

За овој случај оттаму поднеле и кривична пријава до Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против полициските службеници од Полициската станица Тетово за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“. Нивната цел е други полицајци во иднина да не ја повторуваат праксата на непостапување од овој случај.

Во октомври пак, жена беше убиена од страна на сопругот во Гостивар. Тогаш Хелсиншкиот комитет преку платформата за родова еднаквост укажа дека има сомнеж дека токму непостапувањето на полицијата е причината поради која насилството резултирало во фемицид. Внатрешната контрола на МВР утврдила дека навистина овој сомнеж е основан и утврдила дека  полициски службеник од станицата во Гостивар сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина. Одделот поднел Иницијатива до СВР Тетово за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност. Исто така, Одделот за внатрешна контрола поднел и Известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

Прочитајте и…  Во тек разговорите за новиот антикризен пакет, се зголемува бројот на индустрии што бараат помош

„Од почетокот на оваа година ова е трет случај на фемицид во државава, односно убиство на жена затоа што е жена, што претставува најтешка форма на насилство врз жената. Во случаи кога семејното насилство не се пријавува или, пак, релевантните институции на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, како во конкретниот случај во Гостивар, многу поголема е веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид. Иако е за поздравување брзата реакција на Министерството за внатрешни работи за испитување на постапувањето на полициските службеници во овој случај, сметаме дека Министерството треба системски да се зафати со несоодветното постапување по пријавите на родово базираното насилство и семејното насилство, пракса која значително ја намалува довербата на жртвите во надлежните институции”, велат од Комитетот.

Не е многу зголемен бројот на пријавени случаи на семејно насилство

Статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува дека во првите девет месеци и во 2019 и во 2020 година, бројот на пријавени кривични дела поврзани со семејно насилство бил горе-долу ист. Во 2019 година од јануари до септември биле извршени 710 вакви кривични дела. Од нив четири биле убиства, еден обид за убиство, 429 телесни повреди, 17 тешки телесни повреди, една присилба, 253 загрозувања на сигурноста, четири противправни лишувања од слобода и едно посредување во вршење проституција. За истиот период годинава пак, се случиле 716 случаи поврзани со семејно насилство, четири убиства, три убиства во обид, 433 телесни повреди, 25 тешки телесни повреди, четири присилби, 236 загрозувања на сигурноста, 10 противправни лишувања од слобода и едно посредување во вршење проституција.