ООН утврди дискриминација од страна на гинеколог за жени Ромки во РСМ и побара државата да ги обесштети

декември 16, 2020

Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените при Организацијата на обединетите нации (ООН) утврди повреда на правото на еднаков третман и дискриминација кај две жени од Шуто Оризари на кои им било оневозможено да добијат гинеколошки услуги. По петгодишна битка, ООН ја утврди неправдата и даде низа препораки за државата за структурни промени и искоренување на штетните практики во пристапот до гинеколошките услуги на Ромките, соопшти Иницијативата на жените од Шуто Оризари.

„На 77-та сесија, Комитетот утврди повреда на правата на двете Ромки загарантирани согласно членовите 1, 2 и 12 од Конвенцијата, односно повреда на правата и дискриминација во пристапот до услуги за сексуално и репродуктивно здравје. Поточно, Комитетот утврди дека државата не обезбедила а) практична реализација на принципот на недискриминација во пристапот до услуги за репродуктивно здравје, б) ефективна заштита од дискриминација на жени во рамки на судскиот систем и в) соодветни мерки за да ја елиминира дискриминацијата врз овие жени сторена од страна на инволвираните лица, односно приватната гинеколошка ординација“ велат од иницијативата, од каде што додаваат дека ваквата одлука на Комитетот е прва ваква одлука против нашата држава, што е особено значајно бидејќи јасно ги препознава дискриминацијата врз Ромките и потребата од достапна здравствена заштита поврзана со нивното сексуално и репродуктивно здравје.

Станува збор за случај од 2015 година, кога две жени, С.Б. и М.Б беа одбиени да го изберат гинекологот за матичен и да го остварат своето право на здравствена заштита, со објаснување од страна на медицинската сестра дека ординацијата повеќе не прима млади пациентки. Истовремено, во истите денови жени од македонската етничка заедница исто така поднеле барање за избор на матичен гинеколог и биле веднаш примени и прегледани.

Во септември 2016 година С.Б. и М.Б поднесоа тужба до Основниот суд во Скопје против една приватна гинеколошка ординација во Скопје и бараа од Судот да утврди дека над нив е извршена дискриминација по основ на етничката припадност и дека им е повредено правото на еднаков третман за заштита на репродуктивното здравје. Основниот суд Скопје ја одби тужбата за дискриминација на С.Б и М.Б како неоснована. Против пресудата беше поднесена жалба до Апелациониот суд, кој ја потврди првостепената одлука дека во конкретниот случај нема дискриминација. По исцрпувањето на националните правни лекови, во 2019 година Иницијативата на жени од Шуто Оризари, со поддршка од ХЕРА и Хелсиншкиот комитет за човекови права, поднесе индивидуална претставка за сторена дискриминација на двете Ромки до Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените во ООН.

Иницијативата на жени Шуто Оризари бараат од државата да ги обесштети жените поради претрпената материјална и морална штета од нееднаквиот пристап до редовни гинеколошки услуги, а Министерството за здравство во иднина да им обезбеди бесплатни здравствени услуги за репродуктивното здравје на Ромките кои се жртви на дискриминација и нехуман третман. Иницијативата исто така, бара што побрзо да започне со работа новата гинеколошка ординација во општината Шуто Оризари што ја најави Министерството за здравство, а која и натаму не е во функција. Од ресорното министерство бараат да организира обуки за здравствените работници, особено за гинеколозите, во врска со дискриминацијата врз Ромите и нивните специфични потреби како дел од континуираната медицинска едукација. Додека пак, од Владата на Република Северна Македонија бараат јавно да ги објави одлуката и препораките на Комитетот со цел да бидат информирани сите сектори во општеството.

Дополнително, Иницијативата на жени од Шуто Оризари, со поддршка од ХЕРА и Хелсиншкиот комитет за човекови права, ќе поднесе барање за повторување на судската постапка со цел да им се вратат достоинството и честа на жените Ромки. Оттаму велат дека будно ќе ги следат процесот на спроведување на препораките на Комитетот од страна на надлежните институции и преземањето на системски мерки за унапредување на репродуктивни права на Ромките.