Омбудсманот Иџет Мемети или деспотот од Раковец?!

септември 13, 2020

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Професионалниот пат на актуелниот народен правобранител Иџет Мемети (59 години) е импозантен и исполнет со најразлични државни функции. Почнал како правник во 1987 година во основно училиште во тетовското село Требош, почетокот на 90-тите ги дочекал како заменик-генерален секретар на Владата, а потоа се нижат, два министерски мандата во ресорот правда, неколкумесечен стаж како уставен судија и цели 16 години во фотелјата на омбудсман.Ја испрати владата на Груевски, но ги дочека и двете влади на новиот премиер Зоран Заев. Дали на крајот на својот мандат ќе си замине со наведната глава по обвинувањата на вработените за деградирања, понижувања и дискриминација?

Заменици и вработени во институцијата Народен правобранител размислуваат да го тужат за мобинг омбудсманот Иџет Мемети, кој на оваа функција е цели 16 години.

Вработените најавуваат и дека за долгогодишното автократско и понижувачко однесување на првиот човек на оваа институција и писмено ќе го известат Собранието, кое го избира и разрешува на функција за дискриминацијата што секојдневно ја врши врз вработените, како и за навредите и шиканирањата на кои се изложени со години.

Однесувањето на Мемети велат дека достигнало кулминација во периодот на пандемија, кога свесен дека му остануваат уште неколку месеци од функцијата, а од рака не му одат ниту лобирањата како да обезбеди нова функција во наредите пет години, до кога ќе исполни услови за пензионирање, станал прилично нервозен и крајно непредвидлив.

Мемети во последниве неколку години се обидуваше да стане врховен судија (а потоа и прв човек на највисоката судска институција) со помош на ДУИ, но и на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој како што кажувал „му е како брат“. Но, за жал (или среќа) не исполнувал еден од условите, бидејќи ниту потекнува од редот на судската фела и има непрекинат судиски стаж од 6 години, ниту, пак, е поранешен меѓународен судија.

Овојпат, според наши добро упатени извори, Мемети фрлил око на Комисијата за заштита од дискриминација, каде што претендира да биде претседател. Но, не е задоволен од сегашното решение, кое предвидува ротирачки претседател и затоа лобирал да се направат законски измени во кои претседателот би добил цел мандат од пет години.

На прашањето на „Фокус“ дали сака да стане претседател на оваа Комисија, Мемети само иронично се насмевна, како да сакаше да каже дека „сешто се зборува“ и побара писмено да му се испратат прашања.

СО ЦРНИОТ ПОНЕДЕЛНИК МУ СЕ „СТЕМНИ“ И НА ОМБУДСМАНОТ

Вработените тврдат дека токму актуелниот омбудсман е главниот виновник што со години се намалува угледот на институцијата, најпрво заради тоа што Мемети доби втор мандат од 8 години токму на “црниот понеделник“, денот кога на 24 декември 2012 година беа насилно исфрлени опозиционите пратеници и новинарите од собраниската сала и галерија. Тој не само што веднаш не реагираше на овој скандал и драстично прекршување на човековите права и слободи истиот ден, туку и неговата подоцнежна реакција беше прилично млака.

Оваа несомнено голема „црна дамка“ го обележа целиот негов втор мандат, но и неговото однесување кон вработените, партнерите и институциите со кои што соработуваат.

Најмногу му се забележува на автократското однесување, бидејќи Мемети себеси се доживува како „човек институција“. Често говори дека нема со кого да работи, бидејќи соработниците му се „неспособни“, па затоа ги маргинализира поголемиот број од замениците ( 4 во Скопје и 6 во другите градови) и заедно со вработените, ги навредува и понижува.

Извори на „Фокус“ сведочат дека не ретко знаел да им се заканува на замениците со „разрешување“, иако и нив ги избира и разрешува Собранието, и да вика по нив и по вработените, па дури и да ги пцуе. Неговите омилени фрази биле дека “ тој е за нив закон“, по стручност е тој на врвот, а останатите „десет скалила подолу“ и оти  мора да биде „по негово“, поради што вработените тврдат дека се изложени на невиден стрес и зависат од неговото расположение.

Ништо подобар однос Мемети нема ниту кон замениците од внатрешноста, кои велат дека се целосно маргинализирани и оти немаат никаква автономија. Не само што немаат материјални и кадровски услови за работа, туку и за секоја изјава или појавување во медиуми мора да се јават во централата и лично на Мемети. Имало случаи и кога не биле пуштани на обука организирани од невладини организации.

Велат дека замениците од другите градови не се консултираат за ништо, ниту се вклучени во работни групи за измена на закони. И покрај тоа што уште пред неколку години од страна на ОБСЕ е донирана скапа опрема за видеоконференциско поврзување, што би требало да служи за заеднички состаноци, таа е само два пати употребена за да се честита Нова година. Последната заедничка средба со вработените и регионалните канцеларии е одржана во ноември 2014 година во хотелот „Дрим“ во Струга.

КОНЕЧНО ПРОЗБОРЕА ДЕЛ ОД ВРАБОТЕНИТЕ

По долги години молк и индивидуално конфронтирање, дури неодамна дел од замениците и вработените го кренаа својот глас организирано и напишаа петиција поради одлуката на Мемети да не им даде годишни одмори.

И покрај тоа што дел од вработените работеле од дома заради пандемијата (хронични болести, родители на деца во предучилишна возраст или помали деца во школска) и тоа согласно „Планот за работа во вонредни услови“, тој им протолкувал дека немаат право на годишен одмор, бидејќи искористиле „платено отсуство“. Неколкумина од вработените по математиките на Мемети имале и по „77 дена“ искористени денови, што значи дека го потрошиле и својот одмор за 2021 година.

И покрај тоа што вработените секојдневно ги извршувале своите обврски од дома, за што постојат и писмени докази во системот, тој дал наредба да не се даваат одмори. Откако шестмина ја потпишале петицијата и тоа го испратиле до сите вработени на мејл, нашите извори тврдат дека Мемети збеснал. Најпрво сите ги повикал на состанок, а по дерењето и викањето, тие си заминале од просторијата. А, откако не му успеало да ги заплаши, почнал да ги повикува поединечно во неговиот кабинет и да ги прашува со што ги дискриминира. Некои од вработените за првпат отворено му кажале дека неговото однесување го доживуваат како дискриминација.

Според нашите информации, Мемети дури се уплашил петицијата да не стаса до Собрание, па се јавувал кај неговиот близок партиски и личен пријател Талат Џафери, за да провери во архива.

Откако за скандалот се обелодени во јавноста во еден од порталите „Сакам да кажам“, Мемети малку ја спуштил топката, но повторно почнал да дава одмори селективно и на кого сака.

Извори за „Фокус“ потврдуваат дека за состојбите во институцијата по „струмичка линија“ бил информиран дури и премиерот Зоран Заев, на кој еден од вработените му се пожалил за она што се случува во институција. Наводно, после непријатниот телефонски разговор, во кој Мемети се обидел проблемот да го претстави како „политички мотивиран“, Заев му ставил јасно до знаење дека не е така и оти има големи забелешки токму од приврзаници на владејачката партија.

Сепак, вработените признаваат дека најмногу на удар е еден од скопските заменици, Јован Андоновски, кој во институцијата е дојден како предлог на ВМРО-ДПМНЕ во октомври 2016 година. Судирот на младиот доктор на правни науки и професор на Штипскиот универзитет трае речиси од првиот ден, бидејќи Мемети цело време се обидувал да го дискредитира професионално и да го прикаже како неспособен.

МЕМЕТИ МУ СЕ ЗАКАНУВАЛ НА ЗАМЕНИКОТ ДЕКА „ЌЕ ГО УНИШТИ“

Во една пригода му се заканил на скопскиот заменик „ќе те уништам“ и го опцул, откако претходно усно му кажал дека му ги одзема ингеренциите дадени со закон. Андоновски побарал писмено образложение зошто му се одземаат неколку предмети поврзани со работни односи и зошто бил деградиран во улога на извршител, односно јавен службеник.

Откако не добил писмен одговор, а по направениот разговор на 24 јуни, Андоновски повторно писмено го известил правобранителот дека ја одбива како апсолутно неприфатлива неговата усна понуда „ќе работиш на други права и потрошувачки права, ама нема да имаш право да потпишуваш, јас ти забранувам и тоа ќе се случи“.

Истовремено, му предочува дека „не може и не смее никој да биде над законот“, бидејќи правата што ги има во својство на заменик не можат да зависат од добрата волја на еден човек , туку зависат само од правната примена на правните прописи.

Андоновски во изјава за „Фокус“ вели дека се обидел ситуацијата да ја реши внатре во институцијата за да не го наруши нејзиниот дигнитет, па поради тоа му испратил три писма на Мемети на кои добил одговор.

Мемети преку своите усни одговори во дел од медиумите не ги демантира изнесените наводи од моите писма, туку само неосновано ме напаѓа и се обидува на целата ситуација да и даде политичка конотација. Сакам да појаснам дека обвинувањата упатени кон мене дека сум дејствувал политички мотивиран или дека сум манипулирал со системот на институцијата се апсолутно неточни и правно неиздржани – вели Андоновски.

Тој потенцира дека во досегашното негово работење немало ниту една поплака или незадоволство од странка, што е показател дека максимално професионално ја извршувал својата работа на заменик народен правобранител.

„Во оваа прилика сакам да ја демантирам невистинитоста на неговиот исказ дека сум се обидел да манипулирам со системот и ќе ви објаснам зошто. Затоа што кон почетокот на месец јуни, заедно со мојот стручен соработник, изработивме еден предмет, кој што го финализиравме на крајот од првата недела од месецот јуни. За жал, потоа, од здравствени причини бев отсутен од работа (боледување) една недела и бев физички спречен да ставам авторизација, односно потпис на предметот, нешто што го сторив веднаш по враќањето на работа. Институцијата беше уредно известена дека ќе отсуствувам од работа за што приложив и соодветна медицинска документација. Предметот на кој алудира Мемети го потпишав веднаш по моето враќање од боледувањето. Токму тогаш настана конфликтот кога Мемети бараше да извршам промена на датумот на предметот, нешто што јас не го прифатив ниту тогаш, ниту сега, затоа што сметам дека токму тоа е манипулирање со системот, вели Андоновски.

И други вработени во оваа институција, во разговор за „Фокус“ ги потврдуваат сите овие случувања, но јавно не сакаат да зборуваат со име и презиме. Сепак, потврдуваат дека Андоновски во институцијата се однесува крајно коректно и со должна почит кон сите.

ОМБУДСМАНОТ СЕ РАСФРЛА СО ПАРИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ?

Односот на Мемети кон вработените во оваа институција можеби ја зачуди јавноста, но она што многу повеќе ја засега е колку е домаќински односот на омбудсманот кон парите од даночните обврзници.

Според податоците што можат да се добијат од алатката за пребарување “Отворени финансии“, институцијата му плаќа на „Макошпед“ кирија од 17.000 евра месечно за нешто помалку од 1000 квадратни метри на улица „Македонија“. Во истата зграда на улица „Македонија“ број 19, има и други корисници (Агенција за иселеништво, адвокатски канцеларии,.. кои наводно плаќаат просечно од 8 до 10 евра за квадрат.

Преку алатката „Отворени финансии“ вработените дошле и до податок колку гориво се троши во институцијата месечно. Возилото со кое секој ден патува Мемети од Тетово до Скопје и обратно, троши од 1.200 до 1.400 евра месечно.

Ако во просек едно одење и враќање го чини околу 600 денари дневно (со вклучени патарини), излегува дека за 22 работни дена треба да потроши не повеќе од 13.200 денари или нешто повеќе од 210 евра. Но од издвоената сума излегува, дека возилото на Мемети оди на авионски погон. Мемети сам го вози службениот автомобил, бидејќи неговиот поранешен возач е префрлен во канцеларијата во Тетово, а според нашите информации, по една расправија му ги одзел и службеното возило и службениот мобилен телефон .

Во централната канцеларија во Скопје се користи уште едно возило, но многу ретко и тоа за пренесување на курирски пратки низ градот.

Институцијата на тендер се одлучила да набавува гориво од Макпетрол, но како што велат, меѓу фактурите се појавуваат износи од други приватни бензински пумпи од тетовско.

Вториот мандат на Мемети му завршува на крајот на оваа година во декември, а веќе кон крајот на септември треба да се распише оглас за нов народен правобранител. Во јавноста веќе почнаа да се пуштаат имиња за тоа кој би го наследил Мемети, па се споменува името на Насер Зибери, предлогот на ДУИ за премиер.

Заменикот Андоновски во одговор за „Фокус“ вели дека тој засега нема размислувано да се кандидира за наследник на Мемети, но, сепак, не ја исклучува можноста за евентуална кандидатура.

Институцијата Народен правобранител со последните измени доби големи надлежности во делот на промоција на човековите права, но и како контролор на работата на полицијата во делот на злоупотреба на полициските овластувања. Но, овие надлежности постојат само „на хартија“, а наместо да ги унапреди алатките што му стојат на располагање, тие се целосно запоставени. Тимот што треба да работи како национален превентивен механизам и има ексклузивна законска можност да прави увид и извештаи за состојбите и може без најава да влегува во институции од затворен тип (затвори, полициски станици, психијатриски установи), речиси и да е расформиран. А, не заживеа ни новата надлежност „пријател на судот“.

Оттаму, новиот омбудсман ќе има полни раце работа, не само да ја подобри атмосферата во институцијата, туку и да ги искористи сите законски можности за контрола на институциите, што ги кршат правата на граѓаните.

 СЕ ВРАБОТУВАЛЕ ДЕЦА НА СУДИИ, НО И ФАНТОМИ

Во изминатиот период во институцијата се вработени и десетина деца на судии и обвинители, преку кои постои сомневање дека Мемети, остварува влијание и врз судството.

Според нашите информации, на листата на примени се: синот на врховниот судија Исамедин Лимани, ќерката на врховниот судија Сафет Кадрии, Саранда Бахтијар (избрана за Скопје,па префрлена во канцеларијата во Тетово), потоа, син на струмичка судијка, Димитар Абрашев, кој по вработувањето е префрлен во канцеларијата во Струмица, ќерката на апелациона судијка во Скопје, Милка Муратовска, ќерка на поранеше обвинител, Александра Настевска,син на судија, Коста Петков. А, на проект е ангажиран и синот на апелациона судијка од Скопје, Стефан Георгиев.

Но, она што најмногу ги збунува вработените е кога откриле дека на платен список на Народниот правобранител се наоѓаат и две лица, кои никој не ги знае и не ги запознал. Станува збор за извесен Шевала Таип Гафури, со нето плата од 39.176 денари, како и Нефрус Зејно Фазлиу со нето плата 30.847 денари.

На местото генерален секретар работи Никола Николовски, син на бизнисменот Тане Николовски познат како „Пелистерка“ и покрај тоа што не исполнува услови, бидејќи нема три години работен стаж во институцијата, туку едвај една година.

И покрај донесената нова систематизација согласно новите добиени надлежности, никој нема добиено нови решенија за работа.

Во институцијата има околу 100 вработени, додека со новата систематизација бројот на работни места треба да изнесува 155. За споредба, Словенија која е голема колку Македонија, има околу 60-тина вработени. Во екот на пандемијата, Мемети побарал и унапредување на две лица во државни службеници, од кои едната е неговата поранешна секретарка.

Вработените никогаш не се испратени на редовен здравствен систематски преглед, ниту пак, вработената во Бифето е упатена на санитарен преглед. Во институцијата не е определено лице да прима информации од укажувачи како што налага законот, зашто Мемети сметал дека нема потреба, бидејќи работат само по претставки.

Уранија Пировска, Хелсиншки комитет :

НЕВЛАДИНИТЕ НЕ ПОСТОЈАТ ЗА МЕМЕТИ

Јавна тајна е дека заради однесувањето на “Адвокатот на граѓаните“ и неговата склоност да отстапува од договореното и да работи на своја рака, дел од невладините организации имаат проблем да соработуваат со него (пример, Хелсиншки комитет, Хера, УНХЦР..) Се поотворено се говори дека големо незадоволство од Мемети постои и кај странските донатори, поради што некои амбасади премолчено не ги продолжуваат проектите или започнуваат нови, се додека е тој на челната позиција.

Со бугарска амбасада  бил договорен проект во висина од 30.000 евра за „Правната положба на бегалци Роми од поранешна Југославија “ за кој веќе постоел готов производ.

Од проект финансиран од Американска амбасада околу новите надлежности на Народен правобранител, морале предвреме да се повлечат од Хелсиншкиот комитет, заради личниот анимозитет на Мемети кон извршната директорка на Хелсиншки, Уранија Пировска, која е негова поранешна вработена и портпаролка.

Пировска за „Фокус“ потврдува дека се повлекле од овој проект и вели дека оваа институција воопшто не соработува со граѓанскиот сектор, особено за заштита на правата на ЛГБТ заедницата.

Мандатот на Мемети сега завршува и мојата порака е таа позиција веќе да не биде пазар меѓу коалициските партии кои се на власт, туку да биде личност на која ќе и бидат важни човековите права. Мемети ги запре сите проекти со Хелсиншкиот комитет по една жолчна расправија на дебата што се водеше на 1 ТВ меѓу мене и него. Сепак, јас не би сакала личниот анимозитет да биде на првенствено место, туку соработката на институцијата со граѓанскиот сектор која сега е запрена, вели Пировска.

Инаку, по неколкугодишна соработка со УНХЦР околу бегалците, во последната година од проектот Мемети решил на своја рака да ангажира нови соработници и покрај тоа што на оваа проблематика веќе работел тим на Националниот превентивен механизам, кој бил континуирано обучуван.

 МЕМЕТИ НАПРАВИЛ ПРОМЕНИ ВО ИМОТНИОТ ЛИСТ

Според неофицијални информации, Народниот правобранител во изминативе години неколку пати ја сменил имотната состојба, но промените не се внесени во анкетниот лист, кој се води за секој избран и именуван функционер.

Неофицијално се говори дека покрај тоа што од корен и луксузно ја реновирал куќата во Тетово, на Попова Шапка има изградено две викендички за него и син му, како и дека поседува стан на море во Албанија.

Мемети за „Фокус“ потврди дека пред околу една недела направил промени во анкетниот лист, но тој се уште не е достапен за јавноста.

МЕМЕТИ ТВРДИ ДЕКА ОБВИНУВАЊАТА СЕ ДЕТСКИ-ПОЛИТИЧКИ ИГРИ

Фокус“ стапи во контакт со Народниот правобранител, Иџет Мемети и го прашавме за обвинувањата на дел од вработените за неговото однесување. Тој веднаш се повика на изјавата што ја дал за телевизија Алсат и целата ситуација ја нарече „детски-политички игри’.

-Андоновски се обиде да го злоупотреби системот во институцијата, односно електронскиот, и да работи под политичко влијание. По мојата истрага, нему му беше одземено овластувањето и сите случаи на кои работи сега, ги работи под моја контрола, бидејќи оваа институција не може да дозволи политичко влијание. Дури и тоа што му ги одземав овластувањата не е доволно. „Во реалноста, тој дури може да биде суспендиран, да не работи воопшто на предмети, рече Мемети за Алсат.

Но освен за ова го прашавме и за високите суми што ги плаќа институцијата на кирија, за високите суми за гориво, но и за платите кои се делат на лица кои никој не ги видел во институцијата.

Мемети рече овие прашања да му ги испратиме по електронска пошта, но до затворањето на бројот не ни врати повратен одговор.

Сепак, во телефонскиот разговор ни кажа дека сите овие податоци се лажни и ја повика редакцијата на „Фокус“ од понеделник да направи увид во документите на институцијата.

Овие информации ги нарече „лажни вести“ на кои не сака да дава писмени одговори, но во разговорот рече дека кириите се однесуваат за подрачни единици во државата на институцијата Народен правобранител, а дека на Макошпед му плаќале по 10 евра од квадрат.

За горивото тврди дека институцијата има возен парк и гориво се плаќа за сите тие возила.

Во однос на лицата кои никој не ги видел дека работат во институцијата тврди дека ним им се исплаќаат пари за кирија за простории во Тетово, кои институцијата ги користела од времето на неговиот претходник Бранко Наумовски.

За децата на судиите, пак, праша во кои институции нема вработени деца на судии.

Со оглед дека овие податоци се јавно достапни и заклучоците на вработените произлегуваат од нив, Фокус повторно побара писмен одговор од Мемети зошто податоците се лажни и како треба да се толкуваат, но тој одби да одговори писмено и не повика од понеделник да направиме увид.

КОИ ПРАШАЊА МУ ГИ ПОСТАВИВМЕ НА МЕМЕТИ?

Според податоците што можат да се добијат од алатката за пребарување „Отворени финансии“, институцијата му плаќа на „Макошпед“ кирија од 17.000 евра месечно за нешто помалку од 1000 квадратни метри на улица „Македонија“. Според истиот извор, Агенцијата за иселеништво за истото место плаќаат осум до десет евра за квадрат. Зошто институцијата плаќа толкава кирија?

На оваа алатка може да се види дека за превоз трошите од 1200 до 1400 евра месечно од Тетово до Скопје иако просечно за ова секој граѓанин би трошел околу 210 месечно. Како ги оправдувате овие енормни суми? Зошто се точи бензин од други бензински иако имате тендер со Макпетрол?

Вработени тврдат дека и покрај законската обврска за систематски прегледи на секои 24 месеци, ниту еден од вработените никогаш не е испратен на систематски преглед

Зошто во институцијата не е определено лице, кое согласност со законските одредби, во определена форма и со соодветна заштита, би ги примил информациите од лице кое би сакало да биде укажувач.

„Војната“ што се води веќе јавно меѓу вас и дел од вработените сакате да ја прикажете како политичка односно како што велите детска игра. Сепак, како личност која е на чело на институцијата Народен правобранител, која треба да ги брани човековите права, како може да ги навредувате и понижувате вашите вработени и да ги казнувате на лична основа?

Рековте дека состојбата во Вашиот анкетен лист сте ја промениле минатата недела. Со оглед на тоа дека овие промени не се јавно објавени, дали може да наведете во кој дел сте направиле промени?

На кои позиции се двајцата вработени Шевала Таип Гафури и Нефрус Зејно Фазлиу кои од институцијата никој не ги познава, а редовно им се исплаќаат повеќе од 500 евра нето плата?

Дали е точно дека во институцијата имате вработено деца на судии и обвинители со цел да имате влијание во судството?