Насилството врз жените ретко се пријавува
Видеото со насилство каде двајца напаѓачи се изживуваат врз млада девојка кое се појави на социјалните мрежи силно ја вознемири јавноста и предизвика низа негативни реакции кај граѓаните. Но не секое насилство се одвива пред камера и токму непријавувањето на насилството врз жените е еден од главните проблеми во борбата со оваа појава.
Во време на пандемија кога главните препораки се да седиме дома, тоа не е целосно безбедно за жените кои се соочуваат со насилство. За жал според статистиките во нашата земја, насилството врз жените кај нас е честа појава. Бројките велат дека секоја четвртта жена е жртва на физичко насилство, додека пак секоја втора жена е жртва на психичко насилство, вели Бојана Јовановска, координаторка во Хелсиншки комитет за човекови права.
Лицата од видеото се приведени, но проблем е и како ова сето случување ке се одрази врз целокупната личност на жртвата и дали ќе остане животна траума која засекогаш ќе остави белег во нејзиниот живот, а видеото како лош спомен кој со години ќе потсетува на еден немил настан.
Психичката и сексуална злоупотреба на работното место, физичко насилство, насилство од интимен партнер, семејно насилство и намерна употреба на физичка сила се дел од облиците на насилство врз жената. Последиците кои најчесто се јавуваат се разни физички, сексуални, репродуктивни и ментални проблеми. Животот, среќата и здравјето се загрозуваат, самодовербата опаѓа а во некои случаи доага и до суицидно однесување. Депресијата, анксиозноста како и прекумерно конзумирање на алкохол, се дел од факторите кои значително го отежнуваат секојдневието.
Бојана Јовановска, проектна координаторка на Хелсиншки комитет за човекови права
„Мислам дека еден од главните проблеми е всушност нормализацијата на насилството, која што е широко распространета во нашата земја, па можам да речам и за целиот регион. Едно од поновите истражувања на ОБСЕ во земјава, укажува на тоа дека најголем дел од жените сметаат дека насилството е вообичаена појава и дека семејното насилство е приватна работа и треба да остане во рамките на домот, што всушност ни укажува на ниското ниво на свесност и не познавање на насилството како и на неговите штетни фатални последици што можевме да го видиме и по коментарите на луѓето откако ова видео излезе.”
“Тука, всушност наидуваме на една контрадикторност бидејќи од една страна, условно кажано, „Насилството е нормално, некогаш дури и заслужено“, го употребуваат луѓето многу често како алатка за оддржување на лекции за казнување на некое поведение, но од друга страна, насилството кај нас се уште се табуизира. Кога вашите пријатели, соседи знаат дека вашиот партнер ве малтретира тие го осудуваат тоа, некогаш и сочувствуваат со вас, но не се осмелуваат да го пријават истото бидејќи сметаат дека не е нивна работа. Она на што мораме посебно да обрнеме внимание, особено периодов е дека реалната бројка на жртви на насилство не соодвествува со бројот на пријавени случаи, туку е драстично поголема, вели Бојана Јовановска.
Според Сара Миленковска од „Стела“, иако случајот со видеото од нападот покажа дека при поголема реакција од јавноста институциите знаат соодветно да реагираат на ваков тип на случаи, треба да ни биде јасно дека насилството не се случува секогаш пред камера туку во нашите домови и затоа дискусијата за оваа тема мора да се отвора почесто, затоа што ова е дел од нашето секојдневие.
Сара Миленковска, политиколог и коосновачка на Стела Нетворк
„Бидејќи сме сите дома со оглед на ситуацијата, можно е да се случи семејното насилството да се зголеми и ги охрабрувам традиционалните медиуми доколку се случува некаква форма на насилство дека има начини на кои што може да се адресира тоа и да се стави крај, има броеви на кои може да се пријави и дека насилството не те детерминира како личност и не си виновен за тоа што се случило. Треба да влијаеме на тоа дека жртвите не се сами и доколку се чувствуваат несигурно тоа има крај, но во време на пандемија кога општо работите се несигурни, тоа изгледа како многу помала реалност“, вели Миленковска, политиколог и коосновачка на Стела Нетворк, организација за подобрување на пристап до високото образование и поддршка на жени и девојки за остварување на своите права.
Главен предуслов за намалување на насилството е луѓето да соработуваат меѓу себе, да комуницираат за проблемите и меѓусебно да остварат поддршка. За да го решат проблемот, треба да не се срамат да зборуваат отворено со своето семејство за да добијат поголема поддршка од нив и стручна помош од психолозите. Жртвите ке бидат сослушани, ќе се информираат како да добијат соодветна заштита и поддршка во текот на постапката и ќе создадат докази без да бидат соочени со сторителот. Според ланскиот извештај на ОБСЕ за благостојбата и безбедноста на жените во земјава, пријавувањето на насилството во полиција е исклучително ниско – само 2% од жените кои имале насилство од сегашен партнер го пријавиле истото, додека само 6% пријавиле сексуално вознемирување.
Автор: Маја Терзиова
Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на оваа сторија е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.