јануари 26, 2020

МВР го бара креаторот на групата „Јавна соба“ каде се споделуваа интимни содржини, известено е и Јавното обвинителство

Фотографии од малолетни девојчиња од земјава со интимна содржина, видеа на раб на порнографија се споделуваа до вчера во затворената група „Јавна соба“ креирана на апликацијата „Телеграм“ која до тогаш броеше над 7.400 членови.

Алармот го уклучи професорка од средно училиште која за „Телма“ вели дека за групата дознала од учениците и веднаш реагирала. „Телма“ вчера влезе во групата и она што се споделуваше ноќеска во неа и коментарите на интимните фотографии и видеата се најмалку кажано вулгарни, а дел според коментарите се врзуваат со средношколки и основки од земјава, но во групата има и возрасни.

Сите членови се со псевдоними, дури и имиња на ликови од филмови како и на актуелни политичари. Еден од администраторите на групата во која се влегува само преку пријател е таканаречен Медо.

МВР уште вчера го вклучи алармот. Се бара администраторот и кој се членувал во групата но и колку време постоела.

Стапено е во контакт со мрежата Телеграм, собрани се податоци околу функционирањето на оваа група. Се работи на документирање и расчистување на овој случај. Известено е и јавното обвинителство – Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Надлежните алармираат и до наставниците и до родителите на поголемо внимание што прават нивните деца. За сега нема ниту една пријава од родител.

„Ова е апел до сите нас, апел е и до родителите, апел и до образовните институции да имаме надзор врз своите деца и да реагираме благовремено и во семејствата и во образовните институции се со цел заеднички да допринеме да се спречуваат вакви појави“, изјави Оливер Спасовски, технички премиер на РСМ.

Во моментов немаме информација за пријава од родители, меѓутоа апелирам до сите родители кои имаат информација дека нивните деца биле изложени и дел од оваа група да се обратат до Центарот за социјална работа. Имаме стручни тимови кои што ќе се стават целосно на располагање,“ истакна Санела Шкријељ, дополнителен заменик министер за труд.

Невладините алармираат дека станува збор за феномени кои што нас со ни се провлекуваат со години и  очекуваат обвинителството овој пат поагилно да реагира.

Сметам дека треба да се исклучат сите претпоставки. Значи ако станува збор за малолетник треба да се утврди од кои мотиви било тоа правено, дали можеби позади тој малолетник стои повозрасно лице кое можеби го навело или муукажало што да прави. Постои опасноста и секако од мрежа на педофили. Во секој случај овдека се жртви девојчињата,“ рече Уранија Пировска, Хелсиншки комитет за човекови права.

„Замислете за три дена над 7.000 деца се вклучиле во таа мрежа и меѓу нив има сигурно и возрасни ги следат и можат да ги злоупотребат истите фотографии и да ги уценуваат девојчињата“, истакна Драги Змијанац, „Меѓаши“.

И додека надлежните трагаат по администраторите, групата од доцна во ноќта е под ново име 18 + Само за возрасни. Веќе не се споделуваат ниту видеа, ниту фотографии на малолетни девојчиња.

Александра Филиповска