Месечен извештај на ХК за човекови права: Хронично болните оставени на (не)милост на вирусот
октомври 7, 2020
Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска го објави месечниот извештај за човековите права. Според извештајот, хронично болните се оставени на (не)милост на вирусот, а дури 50 текстилни работнички во септември пријавиле прекршување на работничките права.
Како што соопштија од комитетот, мерките за превенција и заштита од коронавирусот престанале да важат со што хронично болните се оставени на (не)милост на вирусот, а постои и дискриминација врз основа на пол и род во Министерството за внатрешни работи, откако полициска службеничка била спречена да напредува на работното место.
Во извештајот се застапени и темите за тортура и нехумано постапување каде е наведено дека постои неосновано лишување од слобода и примена на прекумерна сила и средства на присилба врз момче во Скопје.
Оттука, Хеслиншкиот комитет го осудува и бруталното постапување на полицијата и испраќа апел за недискриминаторски однос кон Ромите. Во извештајот се наведува дека се неопходни итни мерки за справување со говорот на омраза.
На следниот линк е месечниот извештај за човековите права за септември 2020 година.