Групата „Блупринт“ достави конкретни решенија за предлог-законот за Јавното обвинителство
Реформите во правосудството се означени како една од клучните точки од интерес за Република Северна Македонија во процесот на преговори со ЕУ, но, пред сè, во приближувањето на земјата до европските стандарди и вредности. Во таа насока „Блупринт“, група за реформи во правосудството, како неформална мрежа на истакнати граѓански организации кои со години се залагаат за почитување на принципот на владеење на правото, на состанок со министерката за правда, одржан минатата недела, разговараа за имплементација на предлозите и коментарите на организациите членки на групата „Блупринт“ во однос на предлог-законот за Јавното обвинителство.
„Дадените коментари од групата ‘Блупринт’ беа прифатливи за претставниците на Министерството за правда и се очекува да бидат имплементирани во финалниот текст. Со оглед, пак, на специфичноста на членовите 32, 34 и 105 од предлог-законот за Јавното обвинителство, а со цел постигнување што поефикасно решение и градење цврст систем на правда, групата ‘Блупринт’, по покана на министерката за правда, изработи и достави документ со предлог-измени на конкретните членови.
Предложените измени и коментари на членовите 32, 34 и 105, кои се однесуваат, пред сè, на надлежностите на СЈО и Основното јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани со организиран криминал и корупција, нивно јасно разграничување, временските ограничувања, истражните и предистражните постапки со цел сузбивање на можностите за висок криминал итн., ќе обезбедат многу повисоко ниво на почитување на фундаменталните права и принципот на владеење на правото. На долг рок тоа ќе доведе до враќање на довербата во судството и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани приближувајќи ја земјата кон членство во ЕУ“, се вели во соопштението.