Комисијата наместо да заштити, дискриминира од старт
Битка меѓу владиниот и невладиниот сектор за Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијата, која е предвидена да биде основана со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Мрежата за заштита од дискриминација инсистира Комисијата да не биде составена од партиски послушници кои не ја познаваат оваа област, туку да има и членови професионалци кои сериозно ќе се зафатат со заштитата од дискриминацијата.
Од Хелсиншкиот комитет велат дека не се согласуваат со постоечкото решение во Законот сите членови да ги избира Собранието. Со измените што ги предлагаат, бараат во седумчлената комисија да членуваат освен по двајца пратеници од власта и од опозицијата, еден член да биде од секторот на Советот за соработка со владата во делот на човекови права и дискриминација, еден член од Советот за соработка со владата од областа за родова еднаквост, (во кој членуваат и претставници на граѓански здруженија) и еден член кој ќе биде номиниран од нациналното координативно тело за следење на состојбите за недискриминација. Според Јована Јовановска Кануркова од Хелсиншкиот комитет измените со амандман се однесуваат на членот 18 од Законот и се бара поголема транспарентност при изборот и вклученост на сите засегнати страни на новите комисионери.
– Се плашиме дека со сегашното решение во Законот изборот на членовите ќе биде уште еден нов партиски договор бидејќи не се вклучени ниту здруженијата на граѓани, ниту пак, други надворешни членови. Ние предлагаме да има јавна расправа при нивниот избор и можност за следење и учество во интервјуирањето на потенцијалните кандидати на Комисијата за да се види дали навистина тие луѓе се компетентни да бидат дел од оваа комисија. На таков начин ќе се осигура транспарентност, инклузивност во постапката и ќе се превенира партиско назначување на членовите, наместо назначување по заслуга, на професионални и независни кандидати, вели Јовановска – Кануркова.
Мрежата за заштита од дискриминација повикувајќи се на добрата пракса при изборот на членовите на Антикорупциска комисија, смета дека на ваков начин ќе се изберат најсоодветните членови. На почетокот на месец октомври испратиле барање за поддршка на амандманот во собранието до сите пратеници. Но, освен позитивен одговор од пратеничката Маја Морачанин, до нив не стигнал повратен одговор од ниту еден народен избраник.
Според Хелсиншкиот комитет во претходните Комисии за спречување и заштита од дискриминацијата, членовите имале само по една средба месечно, бидејќи работеле на други работни места.
– Со новиот Закон ова тело ќе биде посебно, со свој сопствен буџет. Членовите ќе бидат професионалци кои ќе работат секој ден по осум часа. Ни треба Комисија која активно ќе работи во борбата против дискриминацијата, вели Јовановска – Кануркова.
Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, Законот за спречување и заштита од дискриминација е усогласен со европската регулатива и во него се дефинирани сите облици на дискриминација, пред се изборот на едно професионално независно тело, како што е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која ќе ја сочинуваат лица со професионално искуство од сферата на човекови права. Таа очекува со Законот да биде обезбедена сигурност и заштита на правата на граѓаните и треба да биде донесен многу брзо.
– Законот е значаен за нас како држава и за граѓаните, особено во предвечерието на отворање на пристапните преговори со ЕУ. Законот е уште една потврда дека земјава има јасни аспирации и воедно испраќа јасен политички сигнал дека е кредибилен партнер во преговорите со Европската унија, кои официјално стартуваат во декември со првата меѓувладина седница. Верувам дека и опозицијата ќе учествува во изгласувањето на овој закон, вели Шахпаска.
Законското решение е поддржано од меѓународните институции, Венецијанската комисија и 70 невладини институции од нашата држава.
Уставниот суд во средината на мај оваа година донесе одлука за укинување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Ваквата одлука на Уставниот суд доаѓа по иницијативата на претходниот состав на Комисијата за заштита од дискриминација за оценка на уставноста и законитоста на Законот, во која беше наведено дека оспорениот закон бил донесен спротивно на чл. 75 од Уставот на Република Северна Македонија, односно не било обезбедено потребното уставно мнозинство за повторно изгласување на Законот. Имено, Законот на 11.3.2019 година беше усвоен со вкупно 51 глас од вкупниот број на пратеници. Вака усвоениот Закон беше доставен до тогашниот претседател, Ѓорѓе Иванов за потпишување на указот, но бидејќи истиот не беше потпишан од претседателот поради името, повторно беше вратен во Собранието.