април 18, 2019

Кој се плаши од СЈО, а кој за СЈО

Пишува Гордан Калајџиев, професор на катедрата по кривично право на Правниот факултет во Скопје и претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права

Улогата на СЈО во враќањето на вербата во правната држава е неспорен, иако за конечна оценка на неговата работа е рано да се зборува. Не е спорно и тоа дека на нашево општество сė уште му е потребно едно независно обвинителство кое ќе биде доволно самостојно и силно да се бори со криминалот и корупцијата на политичката елита. Згора на ова, сите се слагаат дека капацитетите кои ги разви оваа нова институција треба и натаму да се користат, а не да се растурат.

Потребата, пак, СЈО да се претопи во рамки на редовното обвинителство уште пред да го заврши својот мандат, дојде поради неколку сериозни проблеми кои се појавија пред ова обвинителство како можна кочница за неговата работа: 1) проблемот со уставноста, 2) рокот од 18 месеци за подигање обвиненија и 3) реизборот што во септември оваа година ја чека обвинителката Катица Јанева.

За правните контроверзи врзани со овие проблеми подетално пишуваме на друго место, а во оваа прилика се обидуваме накусо да ги анализираме правните и политичките импликации на застојот во тековните преговори помеѓу политичките партии врзани со донесувањето на Законот за јавното обвинителство, со кој закон се уредува и судбината на СЈО.

Имено, главна теза ни е дека политичките компромиси само ги усложнуваат правните проблеми. Впрочем, повеќето правни контроверзи врзани со СЈО и самите се резултат на политичките компромиси од „Пржинскиот процес“ и законот за СЈО кој што „падна од небо“!

Она што е важно прво да се нагласи е дека ниту една политичка партија, нити кој и да е друг релевантен чинител не се противи на продолжувањето на мандатот на СЈО и зачувување на задоволителен степен на автономија што ќе му овозможи ефикасност и функционалност во борбата со криминалот и корупцијата. Проблемот со уставноста со неговата трансформација исто така заминува во историјата.

Како најтешки прашања што се предмет на преговорите остануваат прашањето за истрагите поведени по истекот на 18 месеци и одново отвореното прашање за допуштеноста на прислушуваните разговори како доказ во постапката. Двете овие прашања се впрочем излишни затоа што тие воопшто не се регулираат со Законот за Јавното обвинителство, туку се прашања што се уредени со Законот за кривичната постапка (ЗКП).

Од друга страна, ако една истражна постапка треба(ла) да биде запрена (тука е спорно правното мислење на Врховниот суд), таа не може да (се) продолжи со еден закон донесен подоцна. Уште поизлишно е повторното оспорување на доказите од „бомбите“, откако овие по една сериозна правна дебата конечно беа прифатени во судската практика. Нивното исклучување со овој закон не само што не е соодветно од номотехнички аспект и со сигурност ќе ја намали ефективноста на СЈО во докажувањето на криминалот и корупцијата, туку речиси сигурно ќе создаде проблеми и во врска со нивното користење во тековните постапки на СЈО пред судовите.

СДСМ /Министерството за Правда/ имаа тактичка предност во Законот за јавното обвинителство први да понудат свои решенија за статусот и истрагите на СЈО, и моментално (краткорочно) медиумски профитираат од фактот што во јавноста ВМРО се перцепираат како кочничари за „реформските“ закони. Оваа ситуација само навидум му одговара на СЈО и СДСМ.

Имено, ако гледаме стратешки, недоаѓањето до компромис може да го закочи донесувањето на овој закон, а изгледите Катица да биде реизбрана во септември се мали, што значи дека непотребно се ризикува СЈО целосно да „зариба“ доколку таа не биде реизбрана и со тоа да се загрозат сите започнати постапки.

Се заборава дека целта кон која стремиме се квалитетни закони и закони кои ќе решаваат проблеми а не да создаваат нови. Оттука, притисокот законот да се донесе вака како што е предложен, по секоја цена во име на добивање датум за преговори со ЕУ е фарса. Впрочем, целта која е поставена пред нас е владеењето на правото во практика, а не некаков лажен и силуван правен илузионизам со носење закони заради носење закони! Оттука, единствен логичен компромис е едноставно симнување на овие исилени решенија со што би се овозможила вин-вин ситуација.

СЈО ќе продолжи непречено со работа, а започнатите случаи со овој закон ниту ќе се сопрат ниту (може) по сила на овој закон да продолжат, туку ќе се разрешат согласно ЗКП и судската практика. Имено, ЗКП предвидува можност дури и запрени постапки да може да продолжат доколку има нови докази.