Калиа Димитрова: „Медуза“ постои како антипод на патријархалното уредување
Пред сè, честитки за првиот роденден на порталот „Медуза“. Како единствен феминистички портал во Македонија, со какви предизвици и потешкотии се соочувавте во оваа прва година на „проодување“?
– Ви благодарам! Оваа година беше навистина интересна и истовремено исцрпувачка. „Медуза“ порасна многу и баш поради тоа што работиме со брзо темпо, тешко ми е да застанам, да земам здив и да направам некоја ретроспектива на изминатата година. За мене лично, најголем предизвик беше да се започне, бидејќи „Медуза“ беше еден мал експеримент и не знаев како ќе помине во јавноста. Сепак, ние обработуваме теми кои сè уште се табуизирани во јавниот дискурс, работиме во земја каде феминизмот е пејоративен збор и едноставно не сме навикнати да ја читаме женската перспектива, а особено не феминистичка! Во една таква средина, нашиот тим и сите наши соработнички и соработници гласно се изјаснуваат како феминстки и феминисти, споделуваат лични приказни и искуства, застапуваат одредени политики и на тој начин се изложуваат себеси во јавноста, што воопшто не е лесно. На почетокот се сомневме во можноста да се развие еден таков проект, чија главна цел не е само создавањето и фукнционирањето на феминистички портал, туку градење на платформа која ќе биде препознаена од различните групи и заедници за кои постоиме. Една година подоцна можам гордо да кажам дека имаме повеќе од дваесет соработници/чи, постојана комуникација и соработка со други локални иницијативи и организации во нашиот домен на работа, а во тек и нашата Школа за феминистичко пишување и критика која ја работиме со Хелсиншкиот комитет за човекови права. Најголемиот предизвик оваа година беше да се најдат тие луѓе и да се изградат некакви вредносни темели и принципи по кои нашата работа ќе биде препознатлива.
Усвоен е новиот Закон за абортус за кој и вие се боревте, а Законот за спречување и заштита од дискриминација конечно целосно се усогласи со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, но да објасниме што точно тоа значи и што ќе ни овозможи?
– Една земја не може да биде демократска, доколку правото на избор на жената дали да роди или не е загрозено, отежнато или доведено до прашање на кој било начин. Претходниот Закон за прекин на бременоста го правеше токму тоа, преку бирократизирање на целата постапка, нејзино усложнување и одолговлечување. Со новиот Закон се исправа долгогодишната неправда со која се соочија жените во оваа држава и волјата на жената се става на прво место. Се обезбедува правото и репродуктивната слобода жената самостојно да одлучува за своето тело, што според мене е неприкосновено човеково право. Во однос на Законот за спречување и заштита од дискриминација, пак, она што се случи е конечното вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, кои досега не беа ниту споменати во овој Закон, со што многу личности беа дополнително маргинализирани и изложени на дискриминација, исклучување и насилство. ЛГБТИ+ заедницата долго се бореше и лобираше за Законот за спречување и заштита од дискриминација, а „Медуза“ секако беше дел од оваа борба, со оглед на тоа што видливоста и правата на ЛГБТИ+ луѓето се неразделив дел од феминизмот. Ова законско решение треба да овозможи превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација на сите маргинализирани групи граѓани. Секако, за да функционира ова во пракса потребен е избор на независна и професионална Комисија за заштита од дискриминација, кој за жал сè уште се одоговлекува.
Кој е следниот ваш предизвик?
– Во моментов е во тек нашата прва Школа за феминистичко пишување и критика која ќе трае до март 2020 и има за цел да ги „подготви“ новите генерации феминистики да го пронајдат својот глас, да се охрабрат да пишуваат и објавуваат и можеби да започнат свои феминистички иницијативи. Нашиот главен предизвик продолжува да биде продирање во јавниот простор и едукација за тоа што е феминизмот и зошто е потребен сега и тука. Нашата земја ги учи девојчињата дека жената треба да седи дома „заштитена од многу комуникации, одговорности, ангажмани, натпревари, конфликти, упатена кон грижата за семејството“ и дека абортусот е „женски криминал“ (ова се извадоци од учебник по социологија, за втора година од средно образование). „Медуза“ постои како антипод на патријархалното уредување, кое се обидува да го диригира секое наше движење и да ги зациментира родовите улоги и за наредните генерации. За среќа, ние имаме други планови.