Хелсиншкиот комитет за човекови права го осуди интервјуто на Латас во кое тврди дека „силувал девојка во автомобил, откако претходно таа била претепана“
февруари 19, 2023
Хелсиншкиот комитет за човекови права го осуди интервјуто на Драган Павловиќ – Латас во кое тврди дека „силувал девојка во автомобил, откако претходно таа била претепана“, на што наиде на позитивна реакција од јутјуберот Стефан Лазаров како водител на емисијата во оваа ситуација.
„Неодамна објавеното интервју од јутјуберот Стефан Лазаров каде неговиот гостин Латас споделува дека тој и неколку другари на 15 годишна возраст злоставувале и силувале девојка е колективен, општествен пораз и реален приказ за тоа како ги третираме жените жртви на насилство. Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса излгеда нормализирање на културата на насилство и до каде може може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците“, реагираат од Хелсиншки комитет.
Од таму ја повикуваат јавноста да реагира со осуда на овој чин, кога веќе системот за поддршка очигледно не функционира.
„Таа култура, им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и да бидат славени како „вистински мажи” и победници. Истата таа култура ги осудува жртвите, праќајќи им јасна порака дека системите на поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да и се стави крај, јасно и гласно, ако јавната осуда е единствено оружје кое го имаме на располагање, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство“, се додава во реакцијата.