Хелсиншки за случајот „фемицид во Гостивар“: МВР поведе постапка за полицаецот кој не реагирал на пријава за насилство
Внатрешната контрола на МВР поднелa иницијатива до СВР Тетово за дисциплинска постапка кон полициски службеник за потешко кршење на работниот ред, врзано со случајот убиство на жена, што се случи во Гостивар минатиот месец. Оваа информација ја пренесе Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој за фемицидот поднел преставка до Одделот за внатрешна контрола.
Хелсиншки соопштува дека во одговорот на преставката било наведено дека синот вечерта пријавил за семејното насилство кое таткото го сторил врз мајката, кај полицискиот службеник на влезот во дежурната служба. Тој пак му дал насоки да биде во близина на куќата на неговите родители и да чека телефонски повик од него, поради тоа што сите полициски служби биле ангажирани за претрес. Кога подоцна се слушнале, полицискиот службеник, му сугерирал следниот ден заедно со мајка му да го пријават таткото за семејното насилство. Утрото околу 6 часот, синот дознал дека таткото ја убил мајката со секира.
„Иако е за поздравување брзата реакција на МВР за испитување на постапувањето на полициските службеници во овој случај, сметаме дека министерството треба системски да се зафати со несоодветното постапување по пријавите на родово базираното насилство и семејното насилство, пракса која значително ја намалува довербата на жртвите во надлежните институции.“, потенцираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.