декември 19, 2020

Хелсиншки комитет: Смртта на работник во Куманово е најнов доказ дека недостасуваат обуки за безбедност

Државниот инспекторат за труд (ДИТ) поднесе кривична пријава против работодавач за несреќа при работа со смртни последици, на локација во Куманово, информираат од Хелсиншкиот комитет од каде посочуваат дека активно ја следат ситуацијата во областа на безбедноста и здравјето при работа.

„Континуирано бараме информации од ДИТ за регистрираните случаи на повреди при работа. Ова е втор случај, за кој Инспекторатот нè извести дека е поднесена кривична пријава против работодавач врз истите основи: неизвршени здравствени прегледи и неспроведување соодветна обука од областа на безбедност и здравје при работа“, се наведува во соопштението на Хелсиншки.

Од таму додаваат дека недостигот на обука е честа причина за несреќи на работното место.

Таков е и споменатиот случај со кобни последици врз 22-годишниот А.Д, општ работник во фирма од Скопје, што била ангажирана како изведувач на работи во фабрика од Куманово.

Според Хелсиншкиот комитет, неупатеноста на работникот во однос на безбедносните ризици на работното место, се согледува и во описот на овој случај за кој информирал Државниот инспекторат за труд во Куманово:

„По завршената работа, одговорното лице му кажало на сега починатиот да го собере алатот со кој работеле… работникот сакал да го собере продолжниот кабел, кој го користеле за време на работа, а кој бил со должина од 50 метри… откако видел дека кабелот бил заглавен под конструкцијата на производната хала, се качил по конструкцијата на халата, а не по скалите кои биле за таа намена. Го ослободил продолжниот кабел и сакал пак да се спушти по истиот пат од каде се качил, но во тој момент најверојатно ги фатил водовите од електричната струја кои служеле за напојување со струја на крановите, кои биле во халата, при што паднал на земја од висина од пет метри и починал на самото место“, се вели во соопштението за настанот.

Според Хелсиншкиот комитет, како дополнување на веќевоспоставените мерки за спречување и контролирање на штетите и ризиците при работа, потребно е да се развијат и применуваат нови стратегии и решенија за заштита на работниците.

Од таму изразуваат надеж и дека поднесувањето кривични пријави од страна на ДИТ за несреќите при работа со фатални последици, ќе претставува значаен чекор во превенција на идни трагични инциденти.