декември 17, 2020

Хелсиншки комитет: Назначувањето на несоодветни раководни кадри е спротивно на заложбите за подобар казнено-поправен систем

Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници реагира на назначувањето на новите директори на казнено-поправните домови.

Во соопштението тие укажуваат дека лицата кои раководат со овие установи мора да имаат претходно искуство во областа на извршувањето на санкциите и добро да ја разбираат проблематиката за да ја застапуваат установата и да се грижат за унапредување на правата на притворените и осудените лица.

– Директорот на установата и неговиот заменик ги именува и разрешува Владата на Република Северна Македонија на предлог на директорот на Управата. Потребните услови кои треба да ги исполнува едно лице за да биде назначено за директор или заменик директор на казнено-поправна установа се таксативно набројани во Законот за извршување на санкциите, а како еден од дополнителните услови е лицето да има најмалку седум години работно искуство, од кои четири години во областа на извршувањето на санкциите или сродни работи. Истражувачката репортерска лабараторија Македонија информира дека Филип Андов, кој е назначен за нов директор на КПУ Скопје, претходно бил советник на премиерот Заев за креирање на политики кои се од посебен интерес на граѓаните на Град Скопје, додека паралелно тој професионално работел и како стопанственик во бизнис секторот, се наведува во соопштението.

На владината седница одржана на 15 декември беше разрешен досегашниот в.д. директор на Казнено-поправната установа Скопје, Есад Рахиќ, а за нов директор беше назначен Филип Андов. Претходно, беше разрешен и директорот на Воспитно – поправниот дом Волковија на негово барање, а за нов директор беше назначен Даниел Антовски.

– Години наназад, апелираме на потребата да бидат назначени луѓе на раководните позиции во казнено – поправните установи, кои не само што имаат експертиза и искуство во затворскиот систем, туку се и сензибилизирани за потребата од унапредување и заштита на основните човекови права на осудените и притворените лица. Поставувањето на несоодветни кадри е сосема спротивно на ваквите заложби и може да доведе до уназадување, наместо до унапредување на пенитенцијарниот систем во земјава, велат од Хелсиншкиот комитет и Здружението на млади правници.

Оценуваат дека во последниот период е нотиран некаков напредок во поглед на подобрувањето на условите и состојбите во казнено-поправните установи, но оти не смее да се занемари фактот дека во некои установи се уште постојат системски проблеми, кои се провлекуваат подолг период.