Хелсиншки комитет: Илоска го убила сопругот во самоодбрана, а семејното насилство треба да се пријавува
Вчерашното соопштение на Хелсиншкиот комитет се однесува на случајот со велешанката Пале Илоска која како жртва на семејно насилство изврши убиство врз нејзиниот невенчан сопруг. Обвинителството вчера против неа покрена обвинение за „убиство на миг“.
-Хелсиншкиот комитет уште од самиот почеток, со оглед на тоа што станува збор за убиство извршено од жртва на физичко и психичко насилство за што посведочија и нејзини соседи и роднини, побара информации. Нашето мислење во врска со обвинението е дека станува збор за „убиство од нужна одбрана“. Оној кој ќе стори убиство од нужна одбрана, односно ќе спречи напад врз себе, кривично не одговара, вели Тона Карева од Хелсиншки комитет за Утрински брифинг.
Нејзиниот партнер е поранешен полицаец кој има историја на насилно однесување. Тој вечерта бил пијан и ја нападнал по што се случило убиството. Но, девојката нема пријави во полицијата за семејно насилство.
-За жал нема. Девојката се плашела да пријави кај неговите колеги дека е жртва на семејно насилство. Тоа често се случува. Но, тоа што не пријавила не значи дека немало насилство, а тоа полицијата и обвинителството требало и можело да го констатираат, вели Карева.
На овој начин, низ процесот на кривичната постапка институциите повторно ќе ја виктимизираат девојката, коментира Карева без да негира дека убиството се случило, но вели дека треба да се согледаат околностите.
-Ние како невладина организација не навлегуваме во ингеренциите на правосудството, само укажуваме што треба да се подобро. Во врска со случаите на семејно насилство сакаме Обвинителството да биде свесно за оваа појава, да биде свесно дека не станува збор за умисла туку дека таа регирала плашејќи се за својот живот, вели Карева.
Хелсиншкиот комитет ги советува жртвите на семејно насилство да го пријавуваат, но зависно од тоа каде живеат може и да се одлучат и да не пријават. Непријавувањето не значи дека нештото не се случило. Комитетот не успеа да стапи во контакт со сега обвинетата, а за нејзино ослободување се потпишуваа и петиции.
-Таа има адвокат по службена должност. Ќе стапиме во контакт со неаи ќе го следиме судењето, а и таа и кој било поврзан со случајот може да нѐ побара за правна помош, вели Карева.