Хелсиншки комитет бара да им помогне на граѓаните кои претрпеа штета од пожарите
Министерството за труд и социјална политика, во соработка со општините, треба да им пружи неопходна финансиска и психосоцијална поддршка на најзагрозените. Државата треба да ги стави на располагање своите сместувачки капацитети, за навремено да се згрижат лицата чии живеалишта се опожарени или кои се во непосредна близина на пожарите. Исто така, исплатата на соодветен надомест за санирање на штетите врз објектите и посевите мора да биде навремена, нагласија од Хелсиншкиот комитет за човекови права, осврнувајќи се на пожарите кои ја зафатија земјата.
Оттаму истакнаа дека она што во моментов е итно и неодложно е заштитата на луѓето кои се најпогодени од огнената стихија.
– Од тие причини, центрите за социјална работа во областите погодени од пожарите во овие мигови не треба да чекаат барања за да постапуваат, имајќи предвид дека не сите граѓани ги знаат правата на материјален надомест во случај на катастрофи, додадоа од Комитетот.
Во насока на спречување идна и поголема штета, од Комитетот апелираа до надлежните институции да ги засилат контролите во шумите на територијата на целата држава, а лицата, за кои ќе се докаже дека подметнале пожар, да одговараат за своите кривични дела.
– Оттука, апелираме до Основното јавно обвинителството итно и транспарентно да постапи во случаите каде што веќе има осомничени, потенцираа од Хелсиншкиот комитет.
Хелсиншкиот комитет за човекови права месецов ќе даде посебен приоритет на бесплатната правна помош за лицата кои на директен или индиректен начин трпат имотна и друга лична штета од пожарите.
– Нашите правни советници се на располагање за секој граѓанин којшто има потреба од правна помош и советување, на телефонските броеви 02 3119 073, 072 278 436, 0800 44 222 и на helkom@mhc.org.mk, информираа од Комитетот.
Оттаму потсетија дека веќе цела недела беснеат шумски пожари на повеќе места низ државата, а по интензитет и опасност за загрозување на населените места особено се истакнуваат шумските пожари во североисточниот регион на државата.
– Ограничените технички и човечки капацитети на шумските инспекции и противпожарните служби, за чие раководење и надзор одговорноста ја делат општините, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и ЈУ Национални шуми, укажува на потребата од темелна реорганизација на овие служби во наредниот период, оценија од Хелсиншкиот комитет.