Хелсиншки комитет апелира, работниците да не потпишуваат ништо без претходно да се консултираат со правник или со адвокат
Хелсиншкиот комитет за човекови права бара итно да се преземат мерки против отпуштање од работа додека трае кризата. До низ стасале голем број поплаки од работници чии работодавачи ја злоупотребуваат вонредната состојба и најавуваат откажување на договорите за вработување на цели групи вработени или значителни намалувања на платите.
„Сметаме дека е неопходен мораториум на сите откажувања на договорот за вработување од страна на работодавачот (деловни причини) и на сите намалувања на платите во периодот додека трае вонредната состојба. Апелираме до работодавачите да не го користат овој тежок период за лични интереси, туку да се вклучат и доколку можат, да помогнат во надминувањето на здравствената криза во државата. Во овие исклучително непредвидливи и тешки времиња, останувањето без плата за најголем дел од работниците ќе значи ризик по нивната егзистенција и токму затоа се потребни солидарноста и заедништвото. Дотолку повеќе, физичките и правните лица кои не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките, ќе сносат кривична одговорност согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик“,
велат од Хелсиншки.
Оттаму апелираат до работниците да не потпишуваат ништо без претходно да се консултираат со правник или со адвокат.
„Правниот тим на Хелсиншкиот комитет е достапен за бесплатна правна консултација секој работен ден од 9.00 до 14.00 часот. Сите кои ќе се соочат со прекршување на нивните работнички права, тоа можат да го пријават во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31 или во Хелсиншкиот комитет за човекови права, на телефонските броеви 02 3119 073, 072 278 436 или на електронската адреса helkom@mhc.org.mk“,
се вели во писменото соопштение од Хелсиншкиот комитет за човекови права.