Хелсиншки: Итна декриминализација на канабисот за лична употреба, социјални клубови за продажба и агенција која ќе контролира

февруари 1, 2021

Рекреативно пуштање во употреба на канабисот, или итна декриминализација на поседувањето на канабис за лична употреба е едно од шесте клучни барања на Иницијативата на Хелсиншкиот комитет за декриминализација на поседување канабис за лична употреба. Овие барања, како што нагласуваат од Комитетот, се поткрепени со правничка и медицинска аргументација, а се од итен, заеднички и национален интерес.

Покрај итна декриминализација за поседување на канабис за лична употреба, со која уживателите не би се гонеле кривично, од Хелсиншки бараат и декриминализација за одгледување на растенија за лична употреба преку контрола и регулација на истата, основање и работење на социјални клубови каде легално би се продавал и консумирал канабисот, како и зголемување на бројот на здравствени состојби за кои може да се користат препарати од канабис, согласно медицината базирана на докази.

– Дополнително, преку измена и дополнување на законската легислатива да се дозволи освен лекари од јавното, и лекари од приватното здравство да можат да препишуваат препарати од канабис и да се дозволи можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да одгледува и користи канабис во форма која согласно неговата здравствена состојба најмногу му одговара (орално, преку инхалација или преку супозитории) – додаваат од Хелсиншки.

Прочитајте и…  СКСЗМ повикува пописот да се спроведе на транспарентен и професионален начин

Покрај ова, од Хелсиншки во својот план предивидуваат уште две работи: Формирање на агенција за канабис – ново специјализирано државно тело кое би го регулирало и би вршело надзор над одгледувањето на канабис за лична употреба, основање и работа на социјални клубови, одгледување на канабис за медицински цели и слично, како и формирање на посебен фонд од даноци и останатите давачки кои ќе ги плаќаат правните лица кои произведуваат и тргуваат со канабис, а со кој би се утврдил и процентот на средства кои ќе бидат наменети за програми за лекување на разни болести и поддршка на маргинализирани групи.