Хелсиншки и Маргини: Изречени мерки за директорот на „Лазо Ангеловски“ поради насилство кон вработена
септември 15, 2021
Постоење на насилство од страна на директорот на ООУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје кон вработена во истото училиште, утврди Граѓанскиот суд во Скопје. Пресудата е резултат на тригодишна борба на вработената преку нејзиниот полномошник, адвокатката Марта Гусар, информираат од Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Тие ја поздравуваат оваа одлука на Граѓанскиот суд и ги потсетуваат институциите, особено локалната власт, дека образовните институции и средини не смеат да го толерираат, игнорираат, а уште повеќе поддржуваат родово заснованото насилство.
Маргини и Хелсиншки потсетуваат дека во 2019 објавија извештај во кои побараа институциите да го истражат проблематичното однесување на директорот на ООУ „Лазо Ангеловски“. Во извештајот беше побарано: надлежните институции, особено Министерството за образование и наука и Општина Аеродром да ги испитаат индициите и да постапат според истите, имајќи го предвид најдобриот интерес на детето и водејќи се од начелото дека заштитата и превенцијата од родово заснованото насилство и насилството врз жени и девојки треба да биде императив во образовниот процес.
Сепак, и покрај сите укажувања, велат тие, директорот сѐ уште е на својата позиција во училиштето, а вработената во текот на оваа година добила отказ.
„Вработената во ова училиште, после сите обиди да ги заштити нејзините права на ден 25.02.2021 година преку адвокатката Марта Гусар, до Основен Граѓански суд Скопје, поднесува Предлог за изрекување на времени мерки за заштита од родово базирано насилство – домашно насилство, поддржано и од страна на ЈУМЦСР на Град Скопје со предлог за изрекување на времени мерки за заштита, против директорот Перо Арсеновски од Скопје“, соопштуваат организациите.
По спроведување на судска постапка од страна на судот, велат тие, констатирано е постоење на насилство од Перо Арсеновски со што изрешени се времени мерки за заштита од семејно – домашно насилство, како спрема вработената, така и спрема членовите на нејзиното семејство и двете малолетни деца кои впрочем се ученици во истото училиште.
Организациите потенцираат дека меѓу изречените мерки се забрана на Перо Арсеновски да се заканува дека ќе стори семејно насилство, забрана да ја малтретира, вознемирува и да врши семејно насилство врз неа, забрана да ја вознемирува и телефонира и му се забранува да ги вознемирува членовите на нејзинот семејство, и двете малолетни деца.
„Времените мерки се изречени во времетраење од 6 месеци, започнувајчи заклучно од 02.09.2021 година, а жалабата не го одлага извршувањето на ова решение“, стои во соопштението на организациите