Граѓански здруженија побараа темелна и брза истрага за институционалните пропусти во случајот Мијалков
март 5, 2021
Хелсиншки комитет за човекови права, Коалиција „Сите за правично судење“ и Фондација Отворено општество – Македонија преку заедничко соопштение побараа темелна и брза истрага за институционалните пропусти околу недостапноста на органите за прогон на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
„И покрај епилогот на овој случај, кој значеше обезбедено присуство пред судските органи на обвинетиот и сега веќе притворениот Мијалков, сметаме дека е неопходно итно утврдување на одговорност од страна на надлежните органи за настаните кои му претходеа на изрекувањето на пресудата.
Сметаме дека ова бегство се случи токму поради отсуството на соодветна реакција за пропустите и неажурноста на институциите, што овозможија бегство од земјата на Никола Груевски, кој беше осуден на двегодишна казна затвор со правосилна пресуда во случајот познат како „Тенк“, како и на други три лица од високо-профилираните кривични постапки“, стои во соопштението.
Ви него се истакнува дека истрагата и понесувањето одговорност е од исклучителна важност за градењето правна држава и владеење на правото, поради очигледните пропусти на македонскиот кривично-правен систем.
„Добиените сознанија за институционален пинг-понг и непотребни преписки од моментот кога се добиени индиции за бегство на обвинетиот Мијалков, до моментот кога му се губи трагата, ја потврдуваат неажурноста на надлежните органи во борбата против криминалот. Токму затоа инсистираме на истраги преку кои ќе се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на Министерството за внатрешни работи и на Агенцијата за национална безбедност“, велат здуженијата.
Тие бараат да бидат санкционирани сите раководни лица и службеници, кои не ги почитувале законските и подзаконските акти, а Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија да спроведе постапка за да се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето.