„Големиот брат“ се буди во време на коронавирус

април 4, 2020

Во игра се разни технологии за масовно следење на непослушните како потенцијални пренесувачи на заразата. Засега во речиси сите земји вонредните мерки за карантин, изолација и следење имаат поддршка кај луѓето. Македонските граѓани се подготвени и привремено да се откажат од некои човекови права со цел спречување на ширењето на коронависрусот. Власта засега јавно не кажува дали камерите за видеонадзор се користат и за следење на движењето на оние кои што се во самоизолација.

Се среќавате со пријател со кој не сте се виделе со години, краток разговор со него и веќе следниот ден на вашиот Фејсбук профил се појавува неговиот лик во пријатели што може ги познавате. Што убаво, си велите, каква коинциденција, баш вчера го видов. Можеби во одреден момент во вашиот живот размислувате за реновирање на домот, па на интернет или преку социјалните мрежи разгледувате опции за тоа каков мебел сакате да купите и дали може да си го дозволите. И веќе во следните седум месеци на вашиот Фејсбук профил ви пристигнуваат постојано реклами исклучиво за реновирање. Вашите желби и мисли веќе не се само ваши, приватни. Дел од нив веќе се влезени во интернет алгоритми со кои големите интернет магнати ги комерцијализираат. Личните податоци и приватноста е нешто од што сите по малку се откажуваме за одредени цели со доброволно давање на личните податоци.

Но, кога државата ќе ви побара тоа да го сторите за таа да го контролира вашето движење го вклучува демократскиот аларм. Каде е границата меѓу заштита на јавното здравје и заштитата на приватноста од можни злоупотреби – е можеби клучното прашање во период кога целиот свет стравува од пандемијата од Ковид 19. Светот бележи над половина милијарда заболени во 200 земји и над 30 илјади починати кои добиле компликации од оваа болест поради другите дополнителни здравствени проблеми кои ги имале. Над 3,38 милијарди луѓе во речиси 80 земји и територии се во состојба на домашен карантин, по наредби или препораки од властите, како мерка за справување со ширење на новиот корона вирус, објави новинската агенција АФП. Тоа се околу 43 отсто од светското население, кое според податоците на ОН од годинава изнесува 7,79 милијарди луѓе.

Димитар Ѓеорѓиевски независен експерт и поранешен директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци вели дека јавното здравје е повисок јавен интерес од заштитата на личните податоци, меѓутоа тоа не треба да сфатено дека власите имаат можности и сега имаат шанса да прават што сакаат.

„Заканата од коронавирусот, како светска закана, која што е редок случај на општа опасност по човештвото е пред сè и над сè, над секој закон, вклучително и над законот за заштита на лични податоци. Заклучокот на крај ќе биде – најбитно е да се остане жив, а дури потоа да се смета на правилна, законита, односно заштита на лични податоци. Но пак ќе кажам ова не е безусловно, затоа што ова ќе помине и луѓето на кои без основа им биле обработувани или злоупотребени личните податоци ќе имаат право во соодветна судска постапка да бараат консеквенци, односно да го докажуваат тоа“, вели Ѓорѓиевски.

Во Македонија речиси две недели како е воведен полициски час. Почнувајќи од 21 часот навечер до 05 часот наутро забрането е движење на луѓето. За викендите пак полицискиот час започнува во 16 часот попладне. Дополнителни ограничувања на движењето има за постарите од 67 години, тие можат да се движат од 05 часот до 11, а младите до 18 години може да се движат од 12 до 21 часот преку недела. Според податоците на Министерството за здравство повеќе од 10 илјади луѓе се во самоизолација, а македонските државјани кои доаѓаат од странство во државата се носат во државен карантин каде треба да помина најмалку 14 дена. Во државен карантин завршуваат и оние кои не ги почитуваат мерките за самоизолација.

Кога станува збор за почитување на мерките за самоизолација и карантин како и полицискиот час, полицијата соопшти дека во просек околу стотина луѓе дневно не ги почитуваат правилата од кои половина завршуваат во полициска станица, а половина со опомена.

Полицајците со помош на веб апликација при проверка на почитувањето на полицискиот час, утврдуваат дали затекнатото лице има дозвола од Министерството за информатичко општество за движење во време на полициски час.

Пред два дена министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција информира дека лицата кои се во изолација ќе се следат преку мобилна апликација која во моментов се изработува по примерот од европските земји.

„Лицата во изолација ќе бидат следени електронски, тоа е нешто што го работиме заедно со Министерството за администрација и информатичко општество, веќе се озработува една апликација по примерот на повеќе европски земји. Мислам дека е нешто што навистина може да користи, посебно во некои делови земјата“, рече Филипче.

Министерот додаде дека апликацијата ќе биде презентирана во јавноста веднаш по нејзиното техничко изготвување.

Истражување на Галуп: Македонците подготвени да жртвуваат човекови права

Македонците се подготвени привремено да жртвуваат некои од нивните човекови права, доколку тоа би помогнало во спречување на ширење на вирусот, покажа најновото истражувањето што го спроведе Галуп Интернешнл Асосиејшн. Истражувањето спроведено во 28 земји, меѓу кои и во Македонија покажува дека, земјата се наоѓа на второ место, веднаш зад Австрија во подготвеноста да жртвува од своите човекови права. Дури 94 отсто од анкетираните во државава одговориле дека се подготвени на такво нешто, додека само 3 отсто не се подготвени на жртвување на човековите права. Истражувањето од друга страна покажува и дека дури 73 отсто од Македонците сметаат дека заканата од вирусот е пренагласена, меѓутоа исто така висок процент од анкетираните се плашат од вирусот и сметаат дека власта добро се справува со него.

„Сето тоа се мерки кои што можеби во оваа состојба кога граѓаните се исплашени, кога целиот свет е исплашен од непознатиот вирус кој што не нападна, и да размислуваат дека таквите мерки се добри, се неопходни, меѓутоа мора да размислуваме што ќе се случува во иднина. Многу е можно таквите мерки да станат дел од нашето секојдневие. Сметам дека мора добро да се процени која мерка ќе го постигне посакуваниот резултат и таа мерка да не преставува закана за човековите права“, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Македонската влада засега не соопштила јавно дали камерите кои се користат само за видео надзор и ќе бидат ставени во функција на следење на движењето на луѓето кои се во самоизолација. Засега техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев изјави дека размислува на владина седница да предложи да се стави во функција деактивираната единица со снимање на дронови.

„Се работи за беспилотни летала со високи технички можности кои буквално можат да ја скенираат цела територија и да ни укажат за сите оние прекршувања и така што имаме една мапа, за тоа каде се најчести прекршувања. Има големи можности, буквално можат и регистрацијата на возилата да ја видат“, изјави Чулев.

Трите дронови на полицијата се приземјени во полициски хангар на аеродромот Петровец. Со последната систематизација во МВР направена од екс министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, направена на 18 декември 2019 година, не е предвидена единица за беспилотни летала и нив повеќе нема кој да ги управува. Според она што беше објавено во дел од медиумите дроновите се од типот Хермес 450, набавени од Израел и во државава се од 2011 година. Ги користеше поранешната УБК. Со новата систематизација сите припадници на единицата за управување со овие летала, кои се скапо обучувани, се распоредени на други задачи.

Тоа е опрема што е набавена во време на министерување на Гордана Јанкуловска, во период кога во земјава се отвори и аферата за масовно прислушување на граѓаните во земјава.

Но, активистите за човекови права во ова гледаат прекршување на слободите на граѓаните и сметаат дека вонредната состојба не треба да биде изговор за намалување на правата на приватност.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет вели дека во вонредна состојба Владата може да презема активности надвор од рамките на дозволеното во нормални околности, но тоа не смее да биде изговор за прекршување на човековите права.

„Стигматизацијата е едно од прашањата кои ние ги третираме, на некој начин исплашени од онаа мерка која дел од граѓаните ја бараа на социјалните медиуми да бидат идентификувани, односно објавени луѓето кои што се заболени од Ковид 19. За нас тоа претставува една инвазивна мерка како што претставува и овој предлог на Чулев, кој што јас сметам дека апсолутно е непотребен, и претставува една инвазивна мерка која и тоа како ги ограничува и прекршува правата на граѓаните и навлегува во нивната приватност“, вели Пировска.

Таа потсетува дека македонската демократија е кревка, затоа што, како што вели, со години живееше во еден режим, и потребно е да се врати во ситуација кога граѓаните ќе се чувствуваат безбедни со доверба кон институциите, а не да бидат ставени на постојан мониторинг со следење на нивното движење.

Политичкиот аналитичар Сашо Клековски вели дека поради паниката дел од луѓето во Македонија, особено на социјалните мрежи бараат автократско делување од власта во страв од ширење на заболувањето. Тој сугерира дека треба да се користат модерните технологии во соработка најмногу со телекомуникациските оператори, како во други земји, за да се следат луѓето кои треба да се во самоизолација и карантин и ако ги прекршат да бидат казнети.

„Само пред еден месец, кога Кинезите тоа го правеа беше незамисливо дека тоа може да се случи и на Запад. Колку јавниот интерес може да ги ограничи јавните права и слободи, како што се личните податоци за вашето движење кој телекомите го имаат преку мобилните телефони. Секако дека се случуваат одредени промени, дали тие ќе бидат долгорочни промени зависи колку ќе трае епидемијата“, вели Клековски.

Тој додава дека доволно е да се засили контролата на самоизолацијата со помош на модерните технологии наместо да се ограничуваат правата со ригорозно спроведување на полициски час.

И Ѓоргиевски вели дека лично повеќе е за искористувањето на можностите на мобилните оператори при следењето на тие што се во карантин, а за употребата на дроновите вели дека тоа е премногу интензивна мерка.

Македонската полиција располага и со видео камери кои се поставени во главниот град и кој служат исклучиво за надзор, одговорија неодамна од МВР. Камерите поставени низ Скопје го снимаат секојдневното движење на граѓаните низ градот, но тие засега се користат само за надзор. Во одредени случаи по наредба на јавен обвинител, дел од снимките се користеле како доказ при нарушување на јавниот ред и мир и за разрешување на кривични дела, најчесто за сообраќајки со жртви или со тешко повредени, како и за сообраќајни незгоди со големи материјални штети. Од МВР пред некој месец најавија дека безбедносните камери ќе се користат не само за надзор, туку и за санкционирање на несовесните возачи.

Во меѓувреме Канал 5 телевизија во отворено писмо до Владата побара, како што велат поттикнати од нивните гледачи, да се донесе уредба со која задолжително ќе се објавуваат имињата на луѓето кои што се во самоизолација како и реоните во Скопје во кои се лоцирани заболени од Ковид 19 а се лечат во домашни услови.

Овој гест наиде на осуда од активистите за човекови права кои сметаат дека со него се прави целосна стигматизација на заболените и дополнително создава страв од стигма кај луѓе кои имаат симптоми и се плашат да се тестираат.

Засега Владата само ги објави податоците за заболени од Ковид 19 по општини.

Ѓоргиевски вели дека има јавно жигосување и стигматизирање на поединци и групи заболени од коронавирусот и дека против нив се врши јавен линч, без притоа да се земе превид дека нивните лични податоци може да се обработуваат само во контекст на сузбивање на болеста.

„Сепак тие лични податоци и информации се истечени од некој државен орган кој го констатирал тоа, веќе имаме не мал број на примери кои го докажуваат тоа. Да се надевам дека по завршуваше на целата работа со вирусот огромните бази на лични податоци нема „случајно“ да завршат во погрешни раце, поради некој банален технички изговор на властите. Се надевам дека се внимава и на тој дел од собраните лични податоци, бидејќи се работи за исклучително чувствителна категорија“, вели тој.

Заштитата на приватноста наспроти јавното здравје во регионот на тест

Црногорската владата јавно објави список на имињата на луѓето кои се во самоизолација за да ги предупреди граѓаните за нивните соседи кои можеби се заразени или пак се недисциплинирани и не ги почитуваат државните препораки. Инспирирани од оваа мерка веб дизајнери изготвиле и апликација со која може да се следат луѓето во самоизолација и нивното движење. Оваа мерка наиде на жестока реакција од невладиниот сектор, кој побара од властите да биде отстранета апликацијата од интернет.

За разлика од овој пример во Бугарија претседателот Румен Радев стави вето на дел од спорните текстови од Законот за мерки при вонредни состојби, кое подоцна беше прифатено и од бугарските пратеници. Станува збор за предлози кои се однесуваат на санкции за ширење на лажни вести и ограничување на цените на сите производи. Меѓу мерките со кои претседателот не се согласува е дозволата на властите да ги следат мобилните телефони на граѓаните за да се осигураат дека тие го почитуваат карантинот.

Како светот се справува со мерките за заштита од Ковид 19?

Секоја земја на различен начин се обидува да го сочува јавното здравје со намалување на човековите права за слободно движење и дополнително следење на движењето на граѓаните за кои постои сомневање дека можеби биле во контакт со луѓе што се веќе заразени од овој вирус.

На пример, Москва користи напреден систем на камери со кои се врши препознавање на лицата за да ги следи луѓето кои треба да се самоизолираат по враќањето од земјите со среден и висок ризик на коронавирус. Во САД членови од Конгресот му порачаа на претседателот Доналд Трамп да истакне загриженост за мерките со кои се следи движењето на луѓето преку нивниот телефон. Низ целиот свет, многумина се загрижени дека со новите моќни технологии кои сега се користат во цел на заштита на јавното здравје, во иднина да бидат злоупотребени од владите и од корпорациите.

Дебатата за безбедноста наспроти приватноста сега се гледа во ново светло низ призната на пандемијата на Ковид 19.

Во Москва, масовното следење е една од главните алатки против коронавирусот. Новиот систем на безбедносни камери, со препознавање по лик е во целосна функција. Се користи за да се открие доколку некој што треба да е во карантин, не ја почитува наредбата.

Но, некои предупредуваат и на опасностите.

Технологијата ја разви московската компанија Ен тех лаб, управувана од Александр Минин.

„Шансата за грешка е еден во 15 милиони. Тоа е нивото на сигурност на нашиот алгоритам. Во врска со распознавање силуети, прецизноста е помала, околу 80 отсто, но нашата цел е таа да биде 90 отсто“.

Претседателот Владимир Путин и лично се увери како технологијата помага во спроведувањето на карантинот.

Московската полиција соопшти дека тоа им овозможило да откријат околу 200 луѓе кои не го почитувале карантинот.

Технологијата им е продадена и на некои земји во Латинска Америка и Кина, а поради коронавирусот, можни купувачи се и други земји.

Кина исто така разви и своја технологија за битка против коронавирусот. На многу места, новиот софтвер, преку мобилните телефони, утврдува дали луѓето се во карантин. Во софтверот се одбележани со црвена и жолта боја луѓето кои имаат рестрикции за движење. Со зелена, се во ред.

„За прв пат од епидемијата, излегувам надвор, но од претходно го користам „Ку ер кодот“ и мислам дека е добар. Го докажува вашиот идентитет, мислам дека е добро. Може да се следи, а добро е и за работата на институциите“.

Луѓето мора да го покажат Ку ер кодот кога влегуваат во ресторан во Шангај. Некои велат дека не знаат како функционира и оти нема начин да се исклучите.

Вилијам Ни од Амнести интернешнел вели:

„Видовме користење на податоците за претпоставки и за апсење на луѓе без причина. Постои загриженост дека и покрај тоа што сега податоците се собираат за легитимни цели, во иднина би можеле да се користат и на начин кој сега не можеме да го предвидиме“.

Израел го користи атни-терористичкиот закон за следење на инфицираните луѓе преку мобилните телефони.

Полицијата објави видео од апсењето на еден човек кој избегал од болница.

Израелските власти тврдат дека собраните податоци во безбедносните служби се само за спречување на коронавирусот и оти потоа ќе бидат избришани. Но, Техила Шварц од израелскиот Институт за демократија, смета дека изостанува транспарентноста, што отвора многу прашања.

„Владата го бајпасира парламентот во усвојувањето на итните мерки, иако пратеници изрично кажаа дека сакаат да имаат поголема контрола на процесот. Сето тоа е вознемирувачко.“

Во Италија, исто така мобилните се користат за следење на луѓето во врска со карантинот. Властите велат дека околу 40 отсто од луѓето се движеле надвор, што е премногу.

Во САД, членови на Конгресот побараа од Белата куќа мерки за безбедност на личните податоци откако беа најавени слични мерки. Тие го поставуваат прашањето и во врска со медицинската доверливост поради објавувањето на имињата на инфицирани пациенти.

Засега, има широка поддршка дека вонредните мерки за следење се неопходни. Но, со зголемувањето на можностите на владите да го следат вирусот и луѓето кои се инфицирани, се зголемуваат и страхувањата дека овие моќни технологии би можеле да се користат и за „нездрави“ цели во иднина.


Зорана Гаџовска Спасовска

Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.