„Долг пат до еднаквост на ЛГБТИ лицата“

мај 15, 2020

Во досега најголемото истражување за правата и слободите на ЛГБТИ лицата во ЕУ учествуваа и лица од Северна Македонија и Србија. Состојбата во последните 10 години е само малку подобрена.

Во досега најголемото истражување за правата и слободите на ЛГБТИ лицата во Европа учествуваа 140 илјади луѓе. Истражувањето е спроведено минатата година од страна на Агенцијата за основни права на Европската унија (ФРА) и тоа во 27-те земји членки на ЕУ, во Обединетото Кралство и во земјите кандидати – Северна Македонија и Србија.

Резултатите од студијата, опфатени во извештајот „Долг пат до еднаквост на ЛГБТИ“, се објавени во четвртокот. Првпат во истражувањето се вклучени и млади ЛГБТИ лица, на возраст од 15 до 17 години, како и податоци од земји кои не се членки на ЕУ.

„Резултатите од истражувањето се поразителни“, изјави директорот на Агенцијата, Мајкл О’Флаетри во видео порака објавена на Твитер и додаде дека е „постигнат многу мал напредок во последните 10 години“.

Истражувањето покажа дека дискриминацијата на ЛГБТИ лицата во секојдневниот живот постои и натаму во сите 30 земји. Дури 60% од ЛГБТИ лицата се плашат да се држат за раце со својот партнер/ка во јавноста, 2 од 5 лица доживеале вознемирување во годината пред да биде спроведено истражувањето (2018), секое трето лице доживува дискриминација кога ќе излезе во ресторан, а и економската ситуација не е многу подобра – секое трето лице има проблеми да „врзе крај со крај“. Состојбата е уште потешка кај интерсексуалните и трансродовите лица, каде е погодено секое второ лице. Кога е во прашање насилството, 10% од испитаниците биле жртва на сексуално или физичко насилство во последните 5 години, а процентот е двојно поголем (20%) меѓу трансродовите и интерсексуалните лица.

Резултатите од истражувањето се разликуваат прилично од земја од земја. Кога е во прашање ЕУ, во Ирска, Малта и Финска 70% од испитаниците, на пример, изјавиле дека толеранцијата кон ЛГБТИ лицата е поголема отколку порано, додека во Полска и Франција мнозинството (68 и 54 проценти) сметаат дека толеранцијата е генерално помала.

Повеќе:

Скопје Прајд: Никој не е слободен додека сите не се слободни

Големи разлики во правата на хомосексуалците во ЕУ

Стоунвол беше пресврт за хомосексуалците

Резултати од Северна Македонија, Србија и Хрватска

Кога се прави споредба со статистиката во земјите членки на ЕУ, резултатите во Северна Македонија, Србија и Хрватска се речиси секогаш полоши.

Во Северна Македонија и Србија 50% од ЛГБТИ лицата често или секогаш избегнуваат одредени локации за да не бидат вознемирувани. Во Хрватска тој процент е 43, додека во ЕУ е 33%. Само 20% од испитаниците секогаш или често отворено го покажува својот ЛГБТИ идентитет во Србија, 27% во Хрватска, а во Северна Македонија само 18%. Просекот во ЕУ тука е 47%.

Во Северна Македонија и Србија 87% од испитаниците се плашат да се држат за раце со своите истополни партнери, додека во Хрватска тој процент е малку помал – 84%.

Nord-Mazedonien Skopje erste Pride Parade (Reuters/O. Teofilovski)Во Северна Македонија процентот на напади врз ЛГБТИ лицата е највисок во регионот – 19%

Зголемен е и бројот на напади врз ЛГБТИ лицата во Србија во последните 5 години – 17%. Во Северна Македонија процентот на напади е највисок во регионот – 19%, а во Хрватска – 13%. За споредба, во ЕУ тој процент е 11.

51 процент од младите ЛГБТИ лица (15-17 години) во Хрватска го криеле својот ЛГБТИ идентитет на училиште, 42% во Србија и 41% во Северна Македонија. Во ЕУ овој процент е нешто понизок и изнесува 30%.

25% од ЛГБТИ лицата во Македонија чувствуваат дека се почесто дискриминирани на работа. Во Србија тој процент е 24, а во Хрватска – 17%.

Кога се во прашање нетолеранцијата и постоењето предрасуди кон ЛГБТИ лицата, во Северна Македонија 35% од испитаниците изјавиле дека ситуацијата се подобрила во последните 5 години. На такво мислење во Хрватска се 45% од испитаниците, а во Србија дури 51% сметаат дека денес ституацијата е подобра.

Укинат Законот за заштита од дикриминација

Иако ситуацијата со правата на ЛГБТИ лицата во Северна Македонија во последните години е подобрена, „заедницата и натаму во голема мерка се соочува со говор на омраза, дискриминација, насилство и неприфаќање од страна на општеството“, вели за ДВ Јована Јовановска, генерална секретарка на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија во Скопје.

Nordmazedonien Skopje Jovana Jovanovska LGBTI (Privat)

Јована Јовановска, генерална секретарка на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија во Скопје

„Неуспехот на државата да ги изведе пред лицето на правдата оние кои шират омраза и вршат насилство, е фактор кој придонесе за тоа ЛГБТИ лицата да се чувствуваат незаштитено, дополнително стигматизирано и престрашено“, објаснува таа коментирајќи го извештајот на Агенцијата за основни права ФРА и додава дека дека единствениот закон кој ги штител човековите права на ЛГБТИ лицата во Северна Македонија е укинат вчера.

„Законот за спречување и заштита од дискриминација е донесен во 2019 година и тогаш првпат беше вклучена заштита од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет. За жал, на 14.05. законот е укинат од страна на Уставниот суд поради неуставно усвојување без потребно мнозинство, што во моментов не’ остава без ефективна заштита од дискриминација“, предупредува таа. „Освен тоа, во предизборие сме и во моментов немаме парламент кој повторно би го усвоил законот. Тоа ќе ја продлабочи несигурноста во заедницата“, нагласува Јовановска.

Истражувањето на ФРА покажува и извесен напредок. На пример, ЛГБТИ лицата во Северна Македонија, Србија и Хрватска почесто пријавуваат насилство и вознемирување отколку што тоа се случува во просек во земјите од ЕУ, и тоа – во Северна Македонија18%, во Србија 14%, а во Хрватска 19%.Просекот во земјите од ЕУ е 14%.